МТВ: Во Охрид промовирана книгата „Зад нас“ од Наташа Андрееска

МТВ: Во Охрид промовирана книгата „Зад нас“ од Наташа Андрееска

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 08 Sep 2023

8 септември, 2023 г. 

Во охридската библиотека „Григор Прличев“ промовирана е книгата „Зад нас“ од Наташа Андрееска, долгогодишен новинар и одговорен уредник во Македонското радио. Станува збор за дело со 51 радио колумни емитувани на Македонското радио и според зборовите на авторката, книгата претставува институционална меморија и архива за нашиот културен, политички и социјален идентитет. Ова е трето дело на Анрдееска по книгите „Размисли“ и „Тука околу нас“.

Книгата „Зад нас“ е збир од колумни емитувани на Македонското радио во кои новинарката со 35 годишно искуство Наташа Андрееска на пиедесталот го става човекот со сите свои доблести и мани, човекот од секојдневието. Ова го рече Милчо Јованоски, промотор на ова најново дело на Андрееска посочувајќи дека колумните се продукт на нејзините многубројни контакти со луѓе, поради што го привлекува вниманието на слушателите на Македонското радио.

„Таа зборува со многу емоции, ги пренесува емоциите и пренесува она што обичните луѓе не можат да го кажат јавно. Таа преку нејзе како медиум, всушност каде што работи во медиум ги пренесува нивните ставови, размислувања за животот и она што ни се случува околу нас“, рече Милчо Јованоски, промотор на книгата.

Според авторката ова дело малку доцни поради ковид кризата и затоа го носи насловот „Зад нас“. Оставивме зад нас многу нешта, многу порази и успеси рече Андрееска, а тоа „Зад нас“ ни дава надеж и не крепи да тргнеме напред во нови предизвици што ги дава животот.

„Никако да сфатиме дека ние сме само патници во возот наречен време кој не вози одреден број на денови и кога ќе дојде крајот сите одиме на едно место. Значи битно е од тие порази и успеси да сфатиме дека пред нас е иднината која носи многу убавини и вредности кои треба да се сфатат навреме“, вели Наташа Андрееска, автор на книгата.

Токму поради тоа како што рече Андрееска книгата претставува еден модерен и современ водич за секој од нас да оди кон вистината и да сфати дека животот е еден пат, но секого од нас носи во различни насоки и секој од нас ја избира својата иднина.

Извор: Сашо Нелоски, МРТВ

НУ Библиотека