Спроти Денот на светите Кирил и Методиј омаж за Коста Фортомароски

Спроти Денот на светите Кирил и Методиј омаж за Коста Фортомароски

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 23 May 2023

23 мај , 2023 г. 

Во пресрет на Денот на сесловенските просветители браќата Св .Кирил и Методиј во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид се одржа Омаж посветен на животот и творештвото на покојниот професор по македонски јазик и писател Коста Фортомар од Охрид.


За значењето на сесловенските просветители Кирил и Методиј зборуваше директорот на библиотеката Милчо Јованоски.


– Светите Кирил и Методиј се едни од најважните личности во словенската, а со тоа и во македонската, но и во европската историја. Нивното дело е револуција во дотогашната светска мисла дека христијанството може да се проповеда само на три јазици – еврејскиот, грчкиот и латинскиот.


Тие успеваат со своите мисии да го внесат словенскиот јазик, создавајќи ја глаголицата како писмо засновано на говорите од тогашното население од околината на Солун, рече Јованоски и додаде:


– Во современиот свет тие се единствените личности што можат да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа.


Ако нивната просветителско-христијанска мисија беше столбот на едниот крај од Европа, одлуката на папата Иван Павле Втори да ги прогласи за созаштитници на Европа е столбот од тој мост на другиот крај на Европа.


Секоја година на 24 мај продолжува да се слави нивното дело, најмногу од словенските народи, заклучи Јованоски.

Говорејќи за Коста Фортомар како професор по македонски јазик, но и како писател директорот на охридската библиотека кажа:
-Коста Фортомароски роден е во Охрид во 1933 година во стара охридска фамилија. Основно училиште завршил во Скопје каде работел татко му, но кога почнува војната 1941 година се враќа во Охрид и го продолжува школувањето.

Настапуваат тешки години. Рано го губи татко му. По завршувањето на основното училиште учи во Учителската школа во Битола, а потоа на Виша педагошка школа-македонски јазик во Скопје. По завршувањето на вишата школа се вработува како референт за култура при општина Охрид. Потоа се префрлува во просвета и вонредно го завршува Филозофскиот факултет во Скопје. Се вработува во основното училиште „Братство Единство“ каде и се пензионира.


Член е на Друштвото на писатели на Македонија и Автор на романот ,,Прличев горд самјак” (Радио-Охрид1992) и на збирката раскази ,,Бомба во рајот” (Маседонија Прима,1995). Во 2004 г. во издание на „Летра“ се појавува неговиот роман „Жена“. Потоа во 2005 „Пролетта на Живко Чинго”; 2010 „Благословена земја Климентова”; 2015 „Езеро, рибари и боемот” сите во издание на Ирис-Струга.

На 6 декември, 2019 година НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид писателот Коста Фортомароски го прогласи за почесен член на Библиотеката.
Писателот Фортомароски почина на 10 септември лани на 89 годишна возраст, кажа Јованоски.
Извадоци од неговите дела читаа ученици од Гимназијата „ Св. Климент Охридски“ под менторство на професорката Светлана Голабоска, како и внуците на писателот: Тамара Фортомароска, Софија и Виктор Милевски.


Обраќање на настанот имаше и неговата ќерка д-р Благовесна Фортомароска – Милевска.
– Тешко е да се најдат зборови да се опише една личност која што ти бил и татко и учител и се’. Посебно кога личноста е некој како татко ми Коста Фортомар.
Реткост и привилегија беше да се биде покрај така питом, разбран и пред се добар човек. Многу мудрости беа скриени во таа негова тишина. И можеби затоа реши да ја преточи во неговите книги. Тука го откриваше сето знаење кое го имаше и го надградуваше дури и во деветтата деценија од животот. А потоа сето тоа со неверојатно уметничко мајсторсто го преточуваше во запис.
Ја имаше онаа совршена скромност својствена само за големите луѓе.
Ја имаше топлата благост и разборитост на најдобар родител.
Ја имаше мирната трпеливост, истрајност и длабочина на големите учители.
Охрид, Езерото и охриѓани беа негова неицрпна творечка инспирација. Често велеше дека ова место има нешто магично, нешто исконско , Св. Климентово.На неговиот деведесетти роденден , наспроти големиот празник на просветителите Кирил и Методиј, би сакала од името на Неговото семејство, Неговите ученици и сограѓани Охриѓани да му се заблагодарам за сиот негов тивок , но гласно позитивен животен и творечки печат, рече Фортомароска – Милевска.

На покана на домаќинот – директорот на Библиотеката м-р Милчо Јованоски се обрати и порф. д-р Димитар Пандев, чест соработник со Фортомароски и негов долгогодишен пријател. Тој рече дека е подготвен пишаната а не објавена оставнина на Фортомароски да помогне да ја види светлината на денот.

На настанот присуствуваа и сопругата на покојниот Коста, Марија и неговиот син Наум, како и голем број познаници, негови пријатели и соработници.

НУ Библиотека