За Прличев и добивањето Ловоров венец во Атина за првпат чествуваме во куќата на академик Ѓурчинов во Охрид

За Прличев и добивањето Ловоров венец во Атина за првпат чествуваме во куќата на академик Ѓурчинов во Охрид

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 25 Mar 2023

25 март, 2023 г. 

На денешен ден пред 163 години,  на традиционалниот конкурс за поема, што се одржал во Атина, големиот македонски поет и преродбеник Григор Прличев го добил Ловоров венец за поемата „Сердарот“ и бил прогласен за втор Хомер.

Во сеќавање на тој настан НУ Библиотека „Григор Прличев“од Охрид и ќерката на академик Милан Ѓурчинов, проф. д-р Анастасија Ѓурчинова вчера во родната куќа на татко и’ организираа книжевен настан под наслов: „Григор Прличев во компаративен клуч“.

– Не случајно за првпат за јавноста се отвори дел од куќата на проф. д-р Ѓурчинов во Охрид која крие уште една симболика во себе. Во 1965 година градската библиотека функционирала на првиот кат од куќата.  Со овој настан го продолживме и чествувањето на 130 годишнината од смртта на Прличев.

Денеска ние ставивме само ново камче во мозаикот нарачен куќата на Ѓурчинови која е под заштита на државата и пишуваме нова историја во која се надевам ќе има место и за други книжевни средби, рече Милчо Јованоски, директор на Библиотеката.

– Долго време се носев со идејата по смртта на моите родители Анка и Милан Ѓурчинови да направам нешто со што оваа куќа ќе заживее повторно, токму во духот на книжевноста. Бидејќи тука мојот татко ги напиша најголем дел од книгите полни со домашна и меѓународна литературна критика, а во овој салон каде што сме собрани престојувале безброј домашни и странски поети, добитници на Златниот венец на поезијата на СВП и познати слависти со кои моите родители имаа долги разговори во кои доминираше поезијата и воопшто пишаната реч.

 

Посебно сум му благодарна на Јованоски, директорот на охридската Библиотека за поддршката и тоа што ме охрабри да го одржиме овој настан, рече ќерката на академик Ѓурчинов, д-р Анастасија Ѓурчинова.

Професор Татјана Дурнева маестрално го презентира есејот  „ Делото на Григор Прличев на фонот од Балканскиот културен плурализам“ од академик Ѓурчинов и самата се потсети на нејзините студентски денови и контактите со него.

-Во овој есеј на мојот татко, академик Ѓурчинов поентата е дека споредувајќи го нашиот Прличев со другите поети од тоа време, нему му  даваме само додадена вредност како автор кој и денес е актуелен и ненадминат барем кај нас, рече проф. д-р Ѓурчинова.

Годинава се навршуваат 95 години од раѓањето на проф. Ѓурчинов. Со многу емоции од присутните посебно од најблиските на академик Ѓурчинов беше проследен дел од аудио записот авторство на м-р Милчо Јованоски од проектот на Библиотеката „Роднокрајни критичари“ во кој покојниот Ѓурчинов зборува за детството и семејната лоза.

Слушнете го аудиото – дел од интервјуто со академи Ѓурчинов од 2012 година. 

НУ Библиотека