
Промовирана книгата раскази „Точно, точно вистина“ од Методија Анѓелкоски
19 март, 2023 г.
Во сабота во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана книгата „Точно, точно и вистина“ од роднокрајниот автор Методија Анѓелкоски.
Промотор на книгата беше Симун Лешоски кој истовремено прочита и неколку раскази од книгата по негов избор. Во име на издавачот Здружението „Креативна верига“ зборуваше Јордан Коцевски а обраќање имаше и Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
-Точно, точно вистина може како поднаслов слободно да се нарече нешто налик на оние „1000 зошто илјада затоа“ или рубриката „Верувале или не“ со кои некогаш растевме а и денес со задоволство се читани иако нивниот примат ги зеде како што Мето во книгата го нарекува чичко Гугл. Но и од него од Гугл ако е,понекогаш треба да се земе со резерва.
Затоа оваа книга на Анѓелкоски ја гледам како сублимат токму на неговото знаење, како моќ, опсервација, математика, прецизноста и луцидноста.
Тој умешно ни открива сентенци од сопствените неверувања, недоумици, но и сознанија кој ги открива а вешто преку приказни ни ги дава на дланка, на прочит.
Дваесетте приказни откриваат 20 нови светови. Решаваат многу непознати, многу енигми кои се веќе минато.
На допадлив и лесен начин со разбирлив лексички јазик Мето успева да ни доближи и условно речено тешки теми кои ако би биле дадени како гола статистика и фактографија никому не би му паднало на памет да ги прочитаат но со него не таков случајот, рече промоторот Јованоски.
„Точно, точно и вистина“ е прв, официјален литературен обид на Анѓелкоски. Тој и во предговорот на книгата и на промоцијата рече – Зошто избрав наслов „Точно, точно и вистина“? Нели точно и вистина се синоними? Мојот став е дека се семантички слични, но не потполно еднакви. Вистината може да биде, и речиси без исклучок е – комплексна.
Вистината може да содржи точни и недоволно точни искази кои нешто сугерираат. Во потрага по вистината, секогаш мора да имаме предвид една мудрост што преживеала низ вековите: „Делумната вистина многу често е голема лага.“ Затоа постојат точни искази и целосна вистина, вели Анѓелкоски и додава: – Раскажав неколку раскази со кои се обидов да ја доловам оваа моја теза. Има и по некоја мисла што ме мачи, колку за да ги споделам оние работи кои ме држат буден ноќе – дури и кога сакам да заспијам.
Директорот на Библиотеката м-р Милчо Јованоски на Методија Анѓелкоски му подари примерок од најновото издание на Монографијата посветена на 70 годишната од мигот кога оваа установа го носи името на Прличев. Гестот е во знак на благодарност на фактот што пред повеќе од 15 години Анѓелкоски хонорарно цели девет месеви работел во Библиотеката во Охрид.
НУ Библиотека