Пандалф Вулкански е добитник на првата награда на Конкурсот за песна за деца „Тоде“

Пандалф Вулкански е добитник на првата награда на Конкурсот за песна за деца „Тоде“

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 08 Mar 2023

8 март, 2023 г. 

Вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, се доделија наградите на најдобрите песни што учествуваа на анонимниот Конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“, распишан во чест на Тоде Илиевски.

Првата награда ја доби Пандалф Вулкански, за песната „Алиса се кара со Белиот Зајак и неговата Тава“. Второто место го освои песната „Жабешки хор“ од авторката Соња Манасиевска Конеска. Третата награда му припадна на поетот Зоран Јакимоски за песната „Штурецот и мравката“.

Во Записникот на жири комисијата стои дека „во однос на тематиките, најголем број од песните ги третираат безвременските теми на живиот свет и на природните феномени, кои понекогаш се во врска со детски ликови или со деца и нивните семејства. Голем дел од песните се одликуваат со гномски изрази и со поучни пораки, во согласност со традиционалната книжевност за деца. Добар дел (дваесетина) од песните се посветени на ликот и делото на Тоде Илиевски. Две песни кои се истакнаа со својата свежина се „Алиса се кара со белиот зајак и неговата Тава…“ и „Штурецот и Мравката“: и обете творби се повикуваат на светски класици од книжевноста за деца, кои успешно ги пресоздаваат: првата во повеќеслојно дело со свежа лексика, со игри на зборови (во духот на Тоде Илиевски), со хумор и со суптилен обѕир кон современи општествени теми на глобално, и можеби пред сè на локално рамниште; втората во едно толку неопходно дело кое, според мислењето на жирито, ја исправува вековната неправда на Ла Фонтен. Песната „Жабешки хор“ е третата песна која се издвои од останатите песни, со својот разигран тон и со музичката терминологија.“ Жири комисијата ја сочинуваа Горјан Петревски, Николина Андова Шопова и Живко Грозданоски.

Во склоп на програмата на еднодневниот настан, меѓу другото, се претставија и ученици од ОУ „Свети Климент Охридски“, кои читаа стихови од „Белиот предел“, последната објавена книга на Тоде Илиевски. Писателката, поетеса и есеист, Мерсиха Исмајлоска, пак, даде книжевен осврт за истата книга. Поетите Мирко Томовски, Митко Колјушовски и Смиле Наумоски – Брсјак говореа за животот и делото на Илиевски, но со публиката споделија и спомени од заедничките дружења, бројните литературни манифестации и културни средби, во кои активно учествуваше и Тоде.

Најпосле, библиотеката „Григор Прличев“ на Ана Богиќ, ќерка на Тоде Илиевски, ѝ додели постхумно Признание за почесен член на библиотеката.

Конкурсот за најдобра необјавена песна за деца го распиша Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“, кое најави дека ќе се заложи оваа манифестација да биде традиционална. Најдобрите песни ќе бидат објавени во шестиот број на електронското списание „(е)Лит“, што го објавува Здружението.

Настанот е со поддршка од Општина Охрид.

Извор: Креативна верига – Охрид