Стихови, песни и подароци по повод 8 Март

Стихови, песни и подароци по повод 8 Март

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 07 Mar 2023

7 март, 2023 г. 

Во петокот, во пресрет на 8 Март – Денот на жената во Прличевата одаја во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид  се одржа работилница и средба меѓу ученици, наставници и хумани волонтери.

Настанот со речиси двочасовна работилница го  отворија ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Охрид кои заедно со својата  одделенска наставничка Даниела Печијареска изработуваа честитки и други пригодни подароци сврзани со Денот на жената.

Тие подоцна рачните изработки ги даруваа на присутните на средбата а имаа и своја музичка точка.

Заедно со нив работеа и дружеа Елена Обухова од Почесниот конзулат на Руската федерација во Охрид и децата од  Здружението на родители на деца со посебни потреби „Тајните на моето срце“ – Охрид.

Вториот дел од настанот го отвори хорот „Весели бисерчиња“при КУД „Ѓердан од бисери“ од Охрид  под раководство на Татјана Узуновска – Тренеска.

Тие беа поздравени со аплауз од хуманите  волонтерки од програмата за Грижа за стари лица „Најди време” при Црвен крст Охрид, како и од директорката на ООУ „Григор Прличев“ Лилјана Ефтимоска, психологот Анастасија Настеска и претседателот на Советот на родители Сашко Георгиески.

Библиотекарките Весна Симоноска и Христина Трпеска по сопствен избор прочитаа избор стихови од домашни и странски автори посветени на жената а беше поставена и мини изложба на книги чии автори се жени.

Пред осмомартовската средба беше заокружена со спонтан настап на присутните кои изразија желба да прочитаат свои творби, а ја искористија можноста за мотивациски говори посветени на положбата на жената во општеството.

НУ Библиотека