
Од денеска на пултот за издавање новите наслови од Агата Кристи и Харуки Мураками
23 февруари, 2023 г.
Агата Кристи е една од најславните британски авторки кои твореле во 20 век, а чијашто популарност може да се пресмета и со продажбата на рекордниот тираж од над две милијарди примероци на нејзините книги. Нејзината слава е постојана и не стивнува дури ни по речиси половина век од нејзината смрт. Постојано се јавуваат нови генерации посветени читатели и обожаватели на нејзиното творештво, а огромен број нејзини наслови биле преточени во филм, драмски изведби, радиоизведби и сл.
Од Колекционерски сет со детективско-криминалистички романи од славната авторка Агата Кристи објавен во издание на „Арс Ламина“ ви предлагаме три наслови.
„Мистериозниот случај во Стајлс“ , првиот роман со Херкул Поаро, потоа „Во 15 .50 часот од станицата Падингтон“ и „По погребот“.
Во оваа неделна понуда се и романите од Харуки Мураками: „ Прво лице еднина“ и „ Јужно од границата западно од сонцето“.
Харуки Мураками, еден од најпознатите современи јапонски и светски писатели, е роден во 1949 година, во Кјото (Јапонија). Добитник е на повеќе престижни книжевни награди, меѓу кои се и наградата „Франц Кафка“, наградата за кратка проза „Френк О’Конор“, инаку најзначајна меѓународна награда за овој жанр, наградата „Ерусалим“ за слободата на поединецот во општеството, најголемото признание што во Израел им се доделува на странски автори, и наградата „Ханс Кристијан Андерсен“.
Ве информираме дека наскоро НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид со средства од Годишната програма на Министерството за култура ќе почне со набавка на нови наслови и автори од најновата домашна и светска продукција.
За поголема транспарентност и проширување на жанровите и исполнување на Вашите читателски вкусови на нашите Фејсбук страници отворивме анкета во која можете да предложите книга која сметате дека треба да ја набавиме. Ние со цел респект ќе ги разгледаме Вашите предлози и во рамките на нашите можности ќе се потрудиме посочените книги да се најдат на нашите полици , достапни за сите зачленети читатели.
Потсетуваме дека годишната членарина за возрасни е 300 а за деца 200 денари.
Библиотеката со корисници работи од понеделник до петок од 8 и 30 до 18 и 30 часот.
НУ Библиотека