Библиотеката достојоно се вклучи во „Прличевите беседи 2023“

Библиотеката достојоно се вклучи во „Прличевите беседи 2023“

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 07 Feb 2023

7 февруари, 2023 г. 

Вчера во рамките на манифестацијата „Прличеви Беседи“ продолжија настаните со кои под покровителство на Министерството за култура и  Општина Охрид традиционално институциите чиј патрон им е Прличев  го  чествуваат неговиот  ликот и дело. Годинава се’ беше во знакот 130 годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Прличев.  

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и претставници на институции  кои го чествуваат Прличев и на организации и политички партии присуствуваа  на панихидата која се одржа на вечното почивалиште на Григор Прличев во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“.

Во име на нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ пред неговиот гроб свежо цвеќе положија: Бети Лазеска – Симоноска , Елена Станкоска и Никола Ристовски.

Веднаш потоа на настанот „Стихови и звуци за Прличев“ кој се одржа во спомен куќата на ловороносецот говореше градоначалникот Кирил Пецаков.

– Голема е честа и неописливо е чувството на гордост што сум дел од овој настан и што имам можност да говорам за големиот Григор Прличев, нашиот најпознат охриѓанец и еден од најмаркантните дејци во македонската историја.

Иако се навршуваат 130 години од неговото упокојување, ликот и делото на Прличев останува нераскинлива врска помеѓу сегашноста и минатото и претставува светол пример, кој ни дава сила во нашите напори да обезбедиме подобро утре и поубава иднина за новите генерации.

Опсежната книжевна критика го опишува Прличев како најгенијалниот поетски талент и најсветлата ѕвезда на македонското литературно небо, кој со право го заслужува епитетот „Втор Хомер“.

Им честитам и им се воодушевувам на младите генерации, кои творат и добиваат награди за своите написи посветени на ловороносецот.

Се надевам и посакувам помеѓу овие ученици, кои се денеска тука со нас, да се истакне некој нов уникатен уметнички талент, кој ќе го негува Прличевото дело и ќе ја надополни богатата литературна ризница на Охрид.

Градоначалникот Пецаков кажа дека во таа насока со поддршка на Општина Охрид, преку Одделението за култура обезбедени се две изданија на Автобиографијата на Прличев, отпечатена во Брајово писмо, кои им ги предаде на м-р Милчо Јованоски,  директор на Библиотеката „Григор Прличев“ и на секретарот на Здружението на слепи лица од Охрид, Славчо Џајкоски.

Во спомен куќата чест да прочита беседа за својот предок имаше проф. д-р Александра Ѓуркова, пра пра внука на Григор Прличев од родот  по неговата ќерка Деспина. Народот во себе треба да ја бара мудроста и силата за борба за своето добробитие. Само кога луѓето се сложни можат да ги постигнат своите цели.Со ваа порака од Беседата на Прличев од 1866  го започна обраќањето д-р Ѓуркова и посочи дека само преку слога, разбирање и образование еден народ може да ја покаже својата вредност, достоинство и достојност кон минатите и идните генерации.  Ѓуркова, посочи дека од  беседите на Прличев  можеме многу да научиме во времиња кога македонската држава е поставена пред бројни предизвици и неправди:

–  Како што секој човек треба да се грижи за себе и семејството,така треба да се грижи и за татковината и повеќе од тоа.Кога господ ти вика чувај се,многу појќе ти викат да си ја чуваш таткојната.На таков начин Прличев ја издигнува задачата за грижата за татковината и за заедницата, рече д-р Ѓуркова.

Свежо цвеќе на бистата на Прличев лоцирана пред нашата Библиотека во име на нашата установа положија Елизабета Бојчевска, Владимир Куциноски и Коста Трифуноски.

Беседа во име на Друштвото на писатели на Македонија одржа проф. д-р Кристина Николовска, претседател на Собранието на ДПМ.

– Писателите се меморија на еден народ… Тие се згуснати сонца кои го осветлуваат, победуваат и разденуваат мрачното небо. Небото налик на темната историска ноќ, нашата ноќ која мисионерите Свети Климент, Свети Наум, а потоа и браќата Миладиновци, а потоа и Рацин, како и други големи синови на македонската култура – го разденуваа и осветлуваа во – разден. Таков разден е Прличевиот подвиг, поход кон врвното знаење, но и кон поетската, стихотворска совршеност – триумфално разденета во – ремек-делото „Сердарот“, рече д-р Николовска и додаде:

– Оти само тој – од јазикот – створи сонце, од словата – икони, од нивната взаемна „љубов“ сочини танц, но и мудромислие – а сето тоа како аманет кон нас, кон семето свое, кон поколенијата кои го славиме денес.

Ја чествуваме 130-годишнината од смртта негова и ја славиме 70-годишнината од постоењето на реномираната библиотека која гордо го носи името „Григор Прличев“. Исправени пред бистата поетова, биста на раскошен полиграф, творец, мислител и неуморен деец. Опиен и вознесен од „мирисот“ на буквите кој за него е „мирис на рајот“, овој блескав, апсолутен поет поведе, не само цел народ, туку и цел непрегледен океан напредни мисли преку своите прогресивни идеи и далекусежни визии, рече во својата  беседа проф. д-р Кристина Николовска.

Како дел од чествувањата во Библиотеката „Григор Прличев“ се одржа и традиционалната „Прличева визита“.

На почеток беше промовиран видео материјалот креиран со помош на вештачка интелигенција од Бобан Аврамоски од Охрид посветен на Прличев во кој поетот кажува делови од сопствената Автобиографија и Сердарот. Аврамоски овој видео запис и’ го подари на Библиотеката трајно да го користи во вид на промотивен материјал.

-Годинава по првпат Библиотеката распиша Конкурс за избор на најдобра беседа посветена на Прличев на локално ниво со идеја догодина да го прошириме на територијата на целата земја. На овој начин започнуваме една нова традиција и почит кон Прличевото дело,  рече директорот на НУ Библиотека м-р Милчо Јованоски.

Претседателката на жирито Татјана Дурнева на Емилија Карафилоска и’ ја врачи првата награда и ја прогласи нејзината беседа на тема „Прличев и ние“ за најдобра во 2023.  Второто место и’ припадна на Алма Шемо а третото на Јован Илоски.

Членови на жирито беа и Весна Антониеска, Љубинка Михајловска, Јован Цветковски и Милчо Јованоски.

Присутните гости  премиерно го проследија аудио-записот, есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски. И тој е дар за Библиотеката од Александар,  синот на поетот Поповски.

Меѓу бројните гости во Библиотеката беа и правнуката на Прличев , Олга и прaправнуците Александра и Игор Ѓуркови. Бибилиотеката им подари изданија посветени на патронот Прличев издадени во последните три години.

Прличевата визита како што е редот заврши со песна а почитувачите на Прличев беа послужени по охридски со локум, леблебија и суво грозје.

НУ Библиотека