
Почина проф. д- р Наум Целакоски, погребот е утре во Мешеишта
7 јануари, 2023 г.
Уште една охридска легенда го напушти овој свет. Замина во вечноста проф. д-р Наум Целакоски.
Д-р Наум Целакоски потекнува од печалбарско мешеишко семејство. Најпрво работел како професор по македонски јазик. Бил директор на Историскиот архив во Охрид а својот работен век го заврши како декан на Факултетот за туризам во Охрид.
Докторирал со објавата на книгата „Дебрца – магии, обреди и обредни песни“. Наум Целакоски е автор на книгата Прилози за етнографијата на Македонија“, издадена во 2002 година. Во манастирот Св. Јован Бигорски го откри и го објави најстариот Поменик од манастирот од 1762 година во кој се запишани над 3000 благопоклоници и селски населби од западниот дел на земајава. Проф. д-р Наум Целакоски како директор на Архивот е заслужен за носењето на копиите од ракописите на Григор Прличев чии оригинали се во Државниот архив на Бугарија. Во 1990 тој и м-р Димитар Смилески заедно издадоа факсимил од граматиката на Прличев која чека научно и комплексно истражување.Д-р Целакоски особено внимание посвети на истражувањето на манастирот Св. Наум, како споменик на културата но и ликот и делото на светецот. Тој е автор и на две значајни книги кои се однесуваат на старите печати и преданија сврзани за свети Наум и Чудата на свети Наум. Во 2005 Направил превод од грчки на Летописот на свети Наум, што го напишал охриѓанецот Димитри Петру. Книгата сам ја финансирал по повод 1100 годишнината од изградбата на манастирот Свети Наум и се отпечатени само 50 примероци.
Лани на 8 декември нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ д-р Целакоски го прогласи за почесен член на Библиотеката. Во негов име благодарницата и беше врачена на Дафинка Глигорска , близок пријател на неговото семејство.
Погребот на д-р Целакоски ќе се изврши утре – недела на гробиштата во родното Мешеишта во 12 часот.
НУ Библиотека