КОНКУРС ЗА НАЈДОБРА БЕСЕДА 2023

КОНКУРС ЗА НАЈДОБРА БЕСЕДА 2023

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 30 Dec 2022

Во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“ 2023 година НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид распишува Конкурс за избор на најдобра беседа посветена на нашиот патрон, големиот поет и преродбеник Григор Прличев под наслов ПРЛИЧЕВ И НИЕ.

Познато е и од неговата „Автобиографија“ дека Прличев најчесто во недела држел беседи пред своите сограѓани – охриѓани на различни теми во црквата „Св. Богородица – Перивлепта“.

Ние од Библиотека преку овој прв Конкурс – на локално ниво сакаме да се обидеме да го поттикнеме творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот говорен израз.

ПРОПОЗИЦИИ:

На Конкурсот можат да се пријават  сите млади од општините Охрид и Дебрца  од 15 до 30 годишна возраст.

Беседата на тема ПРЛИЧЕВ И НИЕ не смее да биде поголема од 3000 зборови и треба да е напишана во фонтот ariel 12.

Беседите не смеат да имаат во себе  политичка, етничка и верска содржина,  туку треба да носат универзална порака за мир, љубов, соработка…

Комисијата ќе ја оценува нивната уметничка, јазична и естетско – етичка содржина.

Беседите до Комисијата се испраќаат исклучиво под шифра и авторот треба да ја наведе само возраста.

Во интерес на времето конкурсните трудови – Беседи авторите треба да ги достават на следната е – адреса: konkurszanajdobrabeseda@gmail.com

Конкурсот е отворен од 31 декември, 2022 до 25 јануари, 2023 година.

Шифрите на трите наградени Беседи ќе бидат објавени најдоцна до 2 февруари, 2023 на веб страницата на Библиотеката, социјалните мрежи и веб порталите и други радио и ТВ медиуми.

Наградите на најдобрите тројца автори кои со посeбeн примерок ќе го докажат авторството ќе им бидат врачени на манифестацијата „Прличеви беседи“ 2023 во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид