
Другарувавме со Лили и Вили со Матеа Стоев и правевме новогодишни честитки
29 декември, 2022 г.
Завчера во Прличевата одаја младата писателка Матеа Стоев од Охрид пред ученици од ООУ „Св. Климент Охридски“ од одделението на наставничката Валентина Кузманоска ја промовираше својата илустрирана книга за деца „Другаруваме со Лили и Вили“ во издание на ЕДУКА МАК.
Љубопитните деца поставуваа прашања а Матеа одговараше. Кога почнала да пишува, дали ликовите се нејзини блиски или се измислени, дали годат наградите, колку време ја пишувала книгата и дали пишува нова?
Книга со раскази е наменета за децата од предучилишна и рана училишна возраст, таа своевидна расказница, полна е со симболи и едукативно-воспитни пораки и поуки.
„Дојдете на новото патување со Лили и Вили на незаборавно убави доживувања и другарувања. Лили и Вили ќе ве потсетат на вистинските вредности во животот. Оваа книга е вистинска сладост за очите, но и за душата и за мислата, таа плени со прекрасни илустрации, со фантастични колоритни богатства и преубави привлечни амбиенти…“ пишува проф.д-р Кристина Николовска во својата рецензија.
„Од расказите и прекрасните колоритни илустрации во оваа книга на сликовит начин привлечно и експресивно извираат позитивни примери и создаваат од најмалата публика емпатични, дружељубиви и сестрани деца. Поуката што извира ненаметливо како круна од секој текст претставува интеракција на мислите и ставовите. Расказите се доволно моќни сами по себе со минималистички израз на зборови да испратат значајна порака до секое дете и да го отворат прозорецот кон здраво растење и развој…“ додава вториот рецензент м-р Роза Костеска.
Илустрациите се дело на Игор Јовчевски а улогата на уредник и редакција ја има м-р Ели Маказлиева од ЕДУКА МАК. Главната промоција на книгата беше на крајот од април годинава на бродот „Армада“ во Охрид.
Дечињата инспирирани од средбата со Матеа а во пресрет на Нова година, во библиотеката со помош на наставничката Кузманоска и на Елена Обухова од Почесниот конзулат на Руската федерација во Охрид направија честитки кои утре на последниот работен ден на Библиотеката во оваа година ќе им бидат подарени на редовните читатели.
НУ Библиотека