
Романот „Во душата на немиот свет“ од Даниела Илијоска – уште едно збогатување на литературата за деца
15 декември, 2022
Пред охридската читателска публика, денеска беше промовиран романот за деца „Во душата на немиот свет“ од писателката и поетеса Даниела Илијоска.
Со оваа промоција, воедно, НУ Градската библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, ги покани најмладите читатели уште повеќе во иднина да се дружат со книгата, зачленувајќи се во библиотека, и посетувајќи ги културните настани, што се организираат.
-Овој месец во библиотеката го посветуваме токму на најмладите. Додека денешната промоција на романот за деца „Во душата на немиот свет“, е убав повод и најава за следни активности, што ќе ги имаме. А, со секоја нова книга од наш автор, го збогатуваме и роднокрајното одделение, – рече меѓу другото во својот воведен реч, директорот на библиотеката, м-р Милчо Јованоски.
Авторката Даниела Илијоска пред присутните ја откри првенствената идеја што ја имала при создавањето на овој роман за деца. Нејзината порака до најмладите е да ја чуваат природата и да се грижат за неа.
-Природата е дел од луѓето и нивното здравје, дел од среќата на човекот, дел од остатокот на рајот. Чувајте ја и таа ќе ви се заблагодари во момент кога не ја очекуваме нејзината поддршка. Бидете дел од неа, бидејќи таа ни е сѐ во животот, односно дел од нашето постоење. – објасна Илијоска.
Книгата е во издание на Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и други уметности „Креативна верига“, а финансирана од Министерството за култура.
-Многу ми е мило што на промоцијата на романот „Во душата на немиот свет“ најприсутни во публиката се децата. Драго ми е што покажуваат интерес за книжевноста, што се виде и низ интересните прашања што ги имаа за авторката. – изјави Јордан Коцевски, главен и одговорен уредник во „Креативна верига“, кој беше водител на настанот.
Омилените теми за читање кај децата, авторката успеала да ги смести токму во оваа книга:
-Книгата изобилува со авантури, од една страна на деца кои се грижат за шумата, а од друга страна, палавштини на млади, кои немаат добар однос кон природата, што наведува на контраст, за децата при читањето, критички да прават разлика. Потоа тука се бројни дрвја, растенија, тревки, животни и птици, сите со својот начин на комуникација, препознатлив секој за секој вид. А, авторката, преку магичен начин, ни ги доловува нивните „разговори“, преточени на јазик разбирлив за нас луѓето – посочи Маја Мојсова, рецензент на книгата и промотор на настанот.
Романот е создаден во 2013 година, а во печатено издание се појави токму годинава.
НУ Библиотека