Промоција на романот за деца „Во душата на немиот свет“ од Даниела Илиојска

Промоција на романот за деца „Во душата на немиот свет“ од Даниела Илиојска

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 14 Dec 2022

14 декември, 2022 г. 

Утре, четврток, 15-ти декември, во НУ Градска библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, ќе се одржи промоција на романот за деца „Во душата на немиот свет“ од писателката и поетеса Даниела Илијоска.

Книгата е во издание на Здружението за литература и други уметности „Креативна верига“, а финансирана од Министерството за култура. Водител на настанот е Јордан Коцевски, додека рецензент и промотор е Маја Мојсова. Воведен збор ќе има директорот на библиотеката, м-р Милчо Јованоски.

Во рецензијата за книгата, меѓу другото, се вели: „Романот за деца „Во душата на немиот свет“ енергично пулсира, канејќи ги на книжевна авантура не само децата, туку и возрасните. Отворени се сите двонасочни патеки, за размена на мислења, но и взаемно учење на едни од други, децата од возрасните, и обратно. Како катализатор во овие односи, се јавува повторно шумата, со сите нејзини жители. Симболично, пораките кои ги оставаат растенијата, животинките, птиците, но и останатите елементи од природата и појавите, се всушност пораки, кои човештвото треба континуирано да ги пренесува и применува кај секои нови и нови генерации. А, случките во романот, дел се предизвикани од природните текови, вообичаени појави, што се случуваат во таква средина, а дел ги носат влијанијата на човекот кон природата. Со подеднакво изразен интерес читателот ги следи и оние позитивните, и оние негативните дејства на децата и возрасните во шумската средина.“

Романот, покрај своите уметнички вредности, се вбројува и во листата на дела, што ја збогатуваат литературата за деца, која во последно време сѐ повеќе се популаризира.

Промоцијата во охридската библиотека ќе биде со почеток во 12:00 часот.