Д-р Павле Митрески и д-р Нaум Целакоски прогласени за почесни членови на нашата Библиотека

Д-р Павле Митрески и д-р Нaум Целакоски прогласени за почесни членови на нашата Библиотека

Posted by Milco Jovanoski in Огледало 09 Dec 2022

9 декември, 2022 г. 

По повод 8 Декември – Денот на  Св. Климент Охридски – Патронот и заштитникот на Охрид на 6 декември, 2022 на свечен настан за почесни членови на нашата НУ  Библиотека беа прогласени проф. д-р Павле Митрески и проф. д-р Наум Целакоски.

Нивниот уметнички и животен портрет ни го прикажа м-р Димитар Смилески кој лично со децении дружи со обајцата.

-Тоа се најстарите а веројатно и најверните читатели на библиотеката – двајцата професори во пензија Митрески и Целакоски рече м-р Смилески и додаде: – Со професорот доктор на историски науки Павле Митрески сме заедно над 20 години. Иако, ја премина деведесеттата тој е во завидна интелектуална кондиција со здрав разум и крепко здравје, кај него уште е присутна желбата да открива нови документи. Како директор на Историскиот архив  во Охрид д-р Митрески има заслуга што голем број оригинални документи денес се заштитени во депото на Архивот и се достапни за проучување.

Дипломирал на Филозофскиот факултет  во Нови Сад. Се запишал како редовен студент а во меѓувреме го отслужил и воениот рок.  Павле бил стипендист на  Извршниот совет – владата на поранешна Југославија. Откако дипломирал историја го повикале  да остане и да работи во Белград. Но, Митрески  се вратил  во Охрид,велејќи им на луѓето кои му понудиле работа и стан во Белград дека се враќа во Македонија бидејќи и требаат кадри како него. Од денешен агол тој вели дека никогаш не се покајал . Но на почетокот , по враќањето не му било толку лесно. Прво работи како хонорарен професор во тогашното занаетчиско училиште лоцирано во „Св. Сава“. Кон почетокот на осумдесеттите д-р Митрески веќе предава на Правниот а подоцна и на техничкиот факултет  во Битола.Таму останува до пензионирањето, цели три децении.   Над 30 години бил хонорарен дописник на белградска „Политика“.

Мирисот на архивските депоа го следи насекаде. Копа и ја истражува македонската блиска, ама и подалечна историја. Напишал околу 150 реферати  обелоденети на многу научни конференции и симпозиуми во и надвор од Македонија. Зад себе околу 20  книги,од кои најмногу слава му донесоа двете посветени на Михајло Пупин и неговото потекло.Заслужено за нив го добива  Медалот „Михајло Пупин“  највисокото одликување на Фондацијата „Младен Селак“ од Србија, востановено уште во 1979 година.

Ништо помалку важни не се и книгите: Занаетчиството во охридско – струшкиот регион 1918 – 1970 година, Студентската колонија во Охрид, Историските прилози и студии за охридско – струшкиот регион, како и монографијата за родното Вишни која му одзела една деценија од творечката дејност. Горд е и на истражувањата сврзани со Петар Чаулев и Кузман Јосифоски – Питу.

Д-р Наум Целакоски потекнува од печалбарско мешеишко семејство. Најпрво работел како професор по македонски јазик. Бил директор на Историскиот архив во Охрид а својот работен век го заврши како декан на Факултетот за туризам во Охрид.

Докторирал со објавата на книгата „Дебрца – магии, обреди и обредни песни“. Наум Целакоски е автор на книгата Прилози за етнографијата на Македонија“, издадена во 2002 година. Во манастирот Св. Јован Бигорски го откри и го објави најстариот Поменик од манастирот од 1762 година во кој се запишани над 3000 благопоклоници и селски населби од западниот дел на земајава. Проф. д-р Наум Целакоски како директор на Архивот е заслужен за носењето на копиите од ракописите на Григор Прличев чии оригинали се во Државниот архив на Бугарија. Во 1990 тој и м-р Димитар Смилески заедно издадоа факсимил од граматиката на Прличев која чека научно и комплексно истражување.Д-р Целакоски  особено внимание посвети на  истражувањето на манастирот Св. Наум, како споменик на културата но и ликот и делото на светецот. Тој е автор и на две значајни книги кои се однесуваат на старите печати и преданија сврзани за свети Наум и Чудата на свети Наум. Во 2005 Направил превод од грчки на Летописот на свети Наум, што го напишал охриѓанецот Димитри Петру. Книгата сам ја финансирал по повод 1100 годишнината од изградбата на манастирот Свети Наум и се отпечатени само  50 примероци.

Писателот Смиле Наумоски – Брсјак говореше за стихозбирката „Зелената месечина во очите на мајка ми“ која е интимна животна приказна во стихови,а тој ја оцени како исклучително дело напишано преполно со емоции.

Во име на проф. д-р Целакоски, благодарницата ѝ беше врачена на Дафинка Глигороска, пријателка на семејството Целакоски.

Хорот „Бамбини“ под раководство на проф. Снежана Караџоска – Попова го имаше својот прв настап воопшто.