Нови наслови во Библиотеката

Нови наслови во Библиотеката

Posted by Milco Jovanoski in Нови книги 26 Oct 2022

Пет нови наслови ги чекаат редовните читател на пултот за зајмување во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.

Изабел – Малата пациентка од Сара Дензил во издание на Книгохоличари.
Изабел е пациентка сместена помеѓу ѕидовите на високобезбедносниот психијатриски центар за деца „Кромонт“ – каде што не постојат граници помеѓу реалноста и имагинацијата. Пред седум години пронајдено е безживотното тело на шестгодишната Мејси со изгравиран симбол на грбот. Телото е пронајдено во непосредна близина на семејната куќа на Изабел, во езерцето за патки. На тоа кобно место Изабел е затечена – покриена со крвта на Мејси и осудена за убиство, а казната ја издржува во најригорозната психијатриска установа под надзор на медицинската сестра Лиа.
Откако Лиа е назначена за медицинска сестра на Изабел, таа е решена да остане професионална и покрај шокантното злосторство што Изабел наводно го извршила во нејзиното минато. Леа поминува сѐ повеќе време со Изабел, таа ја запознава како млада и невина девојка – некој што никогаш не би можела да го гледа како убиец. Но, таа не е единствената која фрла сомнеж околу мистеријата поврзана со малата пациентка. Креирана е интернет-страница за зависници од криминал, каде што многумина го потврдуваат истиот сомнеж – Изабел е неправедно осудена.

Лазар од Лаш Кеплер, издавач Матица македонска.
Јурек Валтер е убиен пред многу години. Полицајците продолжуваат да се занимаваат со други случаи и успеваат да ја заборават темнината што им ги обележала животите.
Меѓутоа, низ цела Шведска се случуваат низа сурови убиства, а сите докази укажуваат на Валтер. Детективот Јона Лина е уверен дека неговиот најлош кошмар станува реалност: човекот што му го растурил семејството се вратил да ја доврши работата.
Кога партнерката на Јона е грабната и затворена во сандак под земја, тој се соочува со невозможен избор: да ја остави да умре или да влезе право во стапицата што ја поставил единствениот човек од кој се плашел во животот…

Овој човек казна од Џоди Елен Малпас, Книгохоличари.
„Тој беше она што секоја жена го сакаше, а јас го имав.“
Џеси со неговата посесивност ја гуши Ава, но и воедно ја заслепува со страст. Тој ја чува подалеку од неговите мрачни тајни и неговата повредена душа.
Ава за да може повторно да се врати во нормала, одлучува да го напушти богот на љубовта – Џеси. И кога мисли дека ќе може да продолжи без него, тој се враќа во нејзиниот живот да ја потсети на незаборавните сензуални задоволства што некогаш ги имаа… Но, таа е цврсто решена да ја дознае вистината што ја крие под челичната надворешност, овој човек – казна.
Еротска романса за страста и љубовта, болката и лузните на душата. Приказна која опседнува и создава зависност.

Земја на номадите од Џесика Брудер во издание на Матица македонска
Откако цел живот се обидувале да го достигнат американскиот сон, дошле до заклучок дека сето тоа е само една голема измама.

Инспирација за филмот на режисерката Клои Чао, со Френсис Мекдорманд во главна улога, кој во 2020 освои Златен лав.

Од полето со репи во Северна Дакота прреку камповите во Калифорнија до програмата Камперфорс на Амазон во Тексас, работодвците откриле нов евтин извор на работна сила, која во најголем дел е составена од патувачки постари лица.

10 минути и 38 секунди во овој чуден свет од Елиф Шафак во издание на Три
Што ако по смртта човековиот ум продолжува да работи уште неколку скапоцени минути? Или, поточно, десет минути и триесет и осум секунди…
За Леила секоја минута по нејзината смрт ѝ навраќа спомени: семејната тајна за нејзиното раѓање; детството во мирното турско гратче; вкусот на манџата направена од месото на козата што татко ѝ ја жртвува за да го прослави раѓањето на долгоочекуваниот син; бегството во Истанбул за да го избегне несаканиот брак; вкусот на чоколадните бонбони што ги јаде со згодниот студент во борделот во кој работи… Секој спомен ја потсетува и на пријателите што ги запознала во клучните мигови од својот живот ‒ пријатели кои сега очајно се обидуваат да ја најдат…
„Очекувајте енергични, сликовити описи што ќе ви ги отворат очите за животот на Средниот Исток проткаени низ трогателната приказна раскажана во препознатливиот, прекрасен стил на Шафак.“ Венити фер
„Шафак е страстно посветена на уривање на бариерите, без разлика дали станува збор за пол, раса, националност, култура или оние помистичните.“ Сандеј тајмс.

Библиотека за читателите е отворена од понеделник до петок од 8 и30 до 18 и 30 часот.Таа е од отворен тип и читателите слободно  можат да влезат и да одбираат книги од полиците и да побараат помош од библиотекарите.

Читалната во одделот за издавање ќе биде отворена од понеделник до петок од 9 и 30 до 17.00 часот а читалната за дневен печат и периодика во Прличевата одаја со читатели ќе работи од 9 до 15.00 часот. Читалните ќе можат да ги користат само членовите на Библиотеката.

Прличевата одаја  во слободни термини кога во неа нема активности на библиотеката со надомест можат да ја користат како место за одржување настани здруженија од невладиниот сектор и други институции.

НУ Библиотека