„Сексологија“ нова книга од академик д-р Миле Миќуновиќ

„Сексологија“ нова книга од академик д-р Миле Миќуновиќ

Posted by Milco Jovanoski in Нови книги 04 Oct 2022

 4 октомври, 2022 г. 

Во издание на НУ Библиотека “Григор Прличев” – Охрид излезе од печат 117 книга на академик д-р Миле Д. Миќуновиќ насловена како СЕКСОЛОГИЈА, составена од општа, специјална, практична, медицинска и педагошка сексологија.

Животот на човекот, како на свесно битие, во основа, се одвива или се распнува меѓу две страсти: страста за храна и страста за секс. Едната за да се задоволат природните потреби, а другата да се задоволи најчувствителната точка на човековата егзистенција. А тоа претставува суштината на постоењето на човекот: да се храни за да опстои и да се оплодува за да го продолжи својот вид. Ова е основата на човековото природно опстојување.

Кон што се стреми човекот? Би рекле, кон отфрлување на оковите на догмите, да се ослободи од предрасудите, од лажниот морал, да биде свесно суштество за својата природа, за својата потреба. Со сексот единствена цел не е физичкото спојување, туку воспоставување единство на машко – женскиот свет. Луѓето со својот пол го живеат универзалниот и апсолутниот живот.

Во присуство на вистинската жена и најоддалечените работи наеднаш стануваат блиски и дофатливи. Во присуство на вистинскиот маж и најмалку разбирливите работи стануваат јасни и разбирливи.

За да се случи сексот, или додека се случи, треба во основа да ги задоволи неодминливите предуслови: здрави физички личности, здрави ментални личности, личности од спротивен пол, личности кои меѓу себе се привлекуваат физички и духовно, личности кои по сопствена волја и убедување го прифаќаат чинот на меѓусебно давање и примање, кои умеат да го доживеат врвот на задоволството и од него да ги црпат вредностите на меѓусебно почитување.

Знаењето, како општ поим, денес во време на развиена информатичка технологија, во време на многубројни медиуми, кога по електронски пат информациите го обиколуваат светот, е голема придобивка на цивилизацијата. Но, проблемот е како селективно да им се пријде на информациите. Во морето информации за сексот треба да се избере и да се прифати онаа информација што го објаснува животот и му користи на човекот, да не заталка во заблуди и неморал, што скриени демнат на секој чекор.

Затоа се потребни знаењата за половиот живот. Затоа се потребни – книги за овој значаен и најважен дел од животот. Затоа е потребно внимателно, одговорно и отворено да му се пристапи на младиот човек во објаснувањето на суштината на сексот. Во никој случај не треба неговата кревка душа да се обремени со заблудите на “гревот”, туку со внимание да се објасне суштината на процесот и неговото делување на создавањето на сексуални и психички здрави личности.

Знаењето за сексот, за половите различности и потребите на луѓето, е лична слобода на избор и слобода на снаоѓање или изнаоѓање и препознавање на вредностите на другите. Затоа зборуваме за слобода на изградени личности сигурни во себе и за себе.  Време е, не само родителите туку и учителите да ја преземат најважната и најодговорната улога што им припага во градбата наречена образован и воспитан човек.

Голема благодарност до главниот спонзор господинот Златко Попоски, добар човек, на добар глас, со убава душа што е знак за бесмртност.

Пишува: 

Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид

НУ Библиотека