Промовирана стихозбирката „Позајмениот куфер“ од Наум Трајчески – сага за Македонецот низ светот

Промовирана стихозбирката „Позајмениот куфер“ од Наум Трајчески – сага за Македонецот низ светот

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 30 Sep 2022

30 септември, 2022 г.

Вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид во присуство на бројна публика беше промовирана стихозбирката „Позајмениот куфер“ од Наум Трајчески,  роднокраен  автор и почесен член на охридската библиотека.

Во својот осврт Билјана Петрова од Австралија кој пред присутните го прочита Христина Трпеска, вели:

-Како долгогодишен претставник на македонската дијаспора во Австралија, поетот Наум Трајчески со целото свое битие и делување се стреми да остави трага на овој далечен континент за идните поколенија. Оваа света задача за зачувување на македонската литературната традиција и идентитет, ја остварува преку своето вредно и плодно поетско творештво, како и преку осмислувањето на многуте активности на Литературното друштво Ванчо Николески од Квинбијан, Австралија, како негов основач и идеен раководител.

Личниот печат во поезијата на Наум Трајчески се одликува со лирика во која доминира љубовта и креативниот сензибилитет кон се што го опкружува. Тоа е поезија со многу емотивен израз на доживеаното и поради тоа ние читателите ја чувствуваме како блиска. Неговите песни се со смирен и одмерен тон, особено кога ги воспева убавите нешта, за љубовта, но и кога пее за осаменоста, напиша Петрова.

Според промоторот м-р Милчо Јованоски, директор на Библиотеката, Наум Трајчески е автор чија мисла е јасна, отворена и во речиси сите песни постои приказна од која ретко кој ќе остане рамнодушен и ако е помек на срцето може да пророни и по некоја солза.  Кај Трајчески секој збор е на место. Тој е поет од народот и за народот. Едноставен, ненаметлив а силен.

Ако некој ми рече, вели Јованоски,  одбери која е најубавата од песните на Наум  од стихозбирката – тешко ќе ми е да се одлучам. Читајќи ги се насладував од нивната свежина, од зборовите кои во исто време се големи и тешки  како карпа ама и ти даваат сила да препливаш океани. Во исто време да љубиш, да плачеш и да се смееш.

„Позајмениот куфер“ не е наслов на ниту една од 63 песни поделени во четири циклуси. Тој е „скриен“ во една од нив и чекаше да биде пронајден како вечен синоним за мнозината нашинци Македонци кои го напуштале родното место токму со позајмен куфер, стуткани доживувања и сништа од минатото со желба дека барем таму, во туѓина животот ќе им биде подруг, рече Јованоски.

Наум Трајчески е роден во село Издеглавје, Охридско во 1952 година. Од 1977 година живее во Австралија. Основач е на Македонското литературно друштво ,,Ванчо Николески“ од Квинбијан Нов Јужен Велс, каде неуморно работи на промовирањето на македонскиот пишан збор преку одржувањето на библиотека, организирање на поетски манифестации, како и годишен конкурс за најдобри македонски поетски и прозни творби за деца и возрасни во Австралија.

 

Покрај авторот Трајчески свои искажувања за дружбите и соработката со него на промоцијата кажаа неколкумина присутни. Наум им се заблагодари на сите кои беа на промоцијата, а посебно на неговата животна сопатничка и муза Дана.

На настанот беше и Јовица Ѓоргоски, секретар на Литературното друштво „Ванчо Николески“ од Квинбијан а библиотеката на обајцата во знак на почит и сеќавање на промоцијата и нивната голема заслуга за афирмација на македонската реч на петтиот континет – Австралија им додели посебни благодарници.

Стихови од шестата стихозбирка на Трајчески „Позајмениот куфер“ читаше Бети Лазеска – Симоноска.

НУ Библиотека