Промовирана автобиографската книга „Ова е  мојот живот“ од Иван Трпоски

Промовирана автобиографската книга „Ова е  мојот живот“ од Иван Трпоски

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 25 Aug 2022

25 август, 2022 г. 

Денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид пред бројни почитувачи на пишаниот збор, колеги и пријатели на поетот и писател Иван Трпоски беше промовирана неговата автобиографска книга „Ова е мојот живот“.  Издавач на монографијата е Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј а по повод 80 роденден на Трпоски, одбележан на 21 јуни, годинава. 

 

За времето на Иван Трпоски и неовата животна сага и голгота зборуваше проф. д-р Димитар Пандев. Неговата беседа ви ја предаваме во целост:

Автобиографии пишуваат личности со богато животно искуство, исто како што биографии се пишуваат за големи луѓе, кои со своите дела и подвизи го означиле времето во кое живеат и активно создаваат или, пак, времето поставувало бележити знаци по нивниот животен пат исполнет преживелици, низ кои не само што се калел човекот туку и се калемел, небаре „вејка на ветрот“, со корен во некоја митска земја и со става на распаќа меѓу една средина и друга, се оформувал низ една професија, во која поминал прво како низ сито, а потоа и во решето, до друга, особено од оние за кои не е неопходен особен влог, туку сигурна рака, божја или своја,  до оние во кои само умот и духот го водат човека како лотка фрлена во океанот. И секогаш се гледа светлината во далечината. Не е исклучено, туку станува правило таквите личности, бележити со некој пален знак, или да станат писатели, за што понекогаш е доволно само перо и хартија, се разбира, и читачко искуство или, пак, другите што им станало тоа основна професија да пишуваат за нив, восхитувајќи им се на нивните дела. Кај личностите со богато животно искуство, по некое непишано правило, потврдено само низ народната песна и приказна, се јавува некоја неимоверна сила, што само бог ја дава, да опстојат низ сите, не само природни туку и разни општествени ветрометини, во кои ќе се сретнат со сѐ и сешто, со никој и нико- го, небаре со призрак на мртва стража, но и со секој и секого, и со царот и со говедарот, т. е. со полјакот и со претседателот, низ реалниот живот од меѓите меѓу двориштата селски до трибините на свечените сали светски. И сето тоа го претвораат во литера- тура и го преточуваат во само ним својствена уметничка форма опфатена со општ назив ‒ автобиографија!

И сето тоа му се случувало на нашиот славеник, Иван Трпоски, кој зачнат на „засушена есенска трева“, поминувал ден низ ден со бесконечна галерија луѓе, од оние што стрмоглавени во животни провалии налик на пеколот, врзувале камен врз камен и создавале грандиозни градби на кои генерации ќе им се восхитуваат, до оние што се издигнале на највисоките скалила на општествената хиерархија и речиси ништо добро не направиле за повисоки цели, имено, за народот.

И сето тоа Иван Трпоски го поминал во својот не така едноставен живот и го вклопил во оваа,  не само репрезентативна туку и полетно ведра книга, горд на себеси, прво што е волинец, што си го знае коренот и држи до својата татковина, и во онаа смисла во која за татковината зборувал своевремено Григор Прличев, но и во онаа смисла за која низ стихови говорел не само Блаже Конески, со кого нашиот Иван не само што се сретнал и се запоз- нал туку и писмено кореспондирал, во она време кога писмото беше речиси единствен начин за комуникација на далечина, како и други македонски писатели, со кои нашиот Иван, исто така, се среќавал in vivo, на средби од Струга до Сиднеј, што ќе рече – од Струшките вечери на поезијата до Литературното друштво „Григор Прличев“ во Сиднеј, низ сите оние ѕвездени настани на македонската литература во Македонија и уште повеќе во Австра- лија, профилирајќи се, притоа, и самиот како автор, како новинар, поет и прозаист, но и како активен општествено-политички деец што целосно се посветил за опстојот на Македонија во бурните времиња на нејзиното осамостојување, кога бил дел од онаа „логистичка дипломатија“, која самоиницијативно се залагала за афирмација на македонската самобитност, како дел од една бесконечна низа македонска емиграција, која низ светските метро- поли ја промовирала Македонија со сите расположливи средства, од рецитирање патриотска поезија до учество во македонските демонстрации во Австралија.

И сето тоа грижливо, поетски и новинарски, телеграмски и епистоларно, во форма на песна, но и на хроника, во состав на стихозбирка, но и на монографија, збиено во телеграма и раздолжено во писмо, запишано своевремено или забележано отпосле, еве, сега одново освежено и споено во оваа автобиографија, индексно насловена „Ова е мојот живот“, блика со животворечка енергија на писателот што повеќе учел од животот, но и од кни- гата отколку од училиштето, па има право да ја наслови својата биографија токму така.

Зашто, според една зацврстена претстава во теоријата на ли- тературата, постојат два вида писатели – писатели со биографија и без неа.

А, меѓу македонските писатели што имаат преисполнета биографија, писателот Иван Трпоски, бездруго, ако ја нема најбогатата, тогаш секако ја има ‒ најсвојата, најличната или, поточно ‒ најличносната.

Зашто, една од основните функции на автобиографијата е да го посочи патот на човекот до неговото најличносно остварување, кое Трпоски го остварува надвор од својата татковина, но го зацврстува токму преку воспоставување на релациите меѓу Македонија и Австралија, референцијално кажано, преку железницата во која поминал добар дел од својот живот, метафорично ‒ преку уметничката композиција во која ја сместил својата автобиографија, вос- поставувајќи своевиден книжевен мост меѓу двете свои татковини и учествувајќи активно во турбуленциите на своите две татковини, од своето најрано детство, во кое се јавува во улога на градител, но и на бранител на пошироката тогашна негова „постојбина“, во онаа магискореалистична проекција во која овој збор се користи од Живко Чинго и за него, но и за сите оние што, ете, од којзнае какви причини, но најмалку од свои, не го добиле своето место под сон- цето во местото на своето постојанствување, па биле принудени, биле доведени до ситуација да се принудат, потем низа наместени бродоломи, самите да го одберат бродот во кој ќе го видат сјајот и бедата на човековата декаденција, сиот оној разврат што го прави парата, кога човек не знае што да прави со неа, но и маката и ра- доста на тешко спечалениот долар, што потта човекова секогаш го удвојува.

Автобиографијата на Иван Трпоски е историска проекција на едно време во кое се преплетуваат најмалку три генерации поврзани во судбоносни настани преисполнети со подеми и па- дови, со војни во кои не се  знае кога пријателот и непријателот си ги менуваат местата, и мирни времиња во кои околината си ја менува ќудта според моменталната позиција во власта. А, можел Иван, ќе рече читателот, убаво да се снајде и во таа наша тогашна земја во која стигнал дури и да се сретне со нејзиниот политички врв, кодиран со името на вечниот претседател, па дури и часкум да биде и негов составен дел, дополнет со неизбежната низа наре- чена ‒ партија, па макар и во следните нејзини израстоци ‒ младина, акција, но ете, секогаш се наоѓа по некоја сопка, најчесто од блиска нога на близинска кота. Потем што единственото решение се крие во она народното: „Што подалеку, тоа подобро.“

И, да се преточи сето тоа во литературна форма, ќе призна- ете, не ќе биде така едноставно. Па, така, оваа автобиографија постепено преминува, парадоксално, но вистинито, во биографија или, кажано со други зборови, од пикареска, рашамонски преминува во хроника, зашто главниот лик напати  менувајќи ја раскажувачката позиција од прво во трето лице, независно од бројот, еднина или множина, ја задржува целосноста на местата во кои сопрво питорескно пикарествува (живозборечки скитникува) за отпосле да ужива во плодовите на својата творечка дејност. И, силно да го нагласи своето јас, но и она од него соз дадено ‒ ние со кое го идентификува своето семејство, како и своето друштво, се разбира, литературно. Тоа го можат само писателите, кои од најобична средба на разминување прават све- ченост во запис, а од неповрзани приказни во кои ликовите од параграф во параграф стануваат сѐ помногубројни ‒ романескна целина, па субјектот напати станува објект, за уште посилно да го осамостои своето јас и заемното ние, а личноста ‒ фигура, но не шаховска или политичка, туку од национално и универзал- но значење.  И, таа личност е токму авторот Иван Трпоски, кој како автор го задржува правото да го одбере граматичкото лице за раскажување, не само првото вообичаеното туку и она императорското и владичкото, со кое самиот се гледа од височините на  својата животна патека ‒ третото!

Имено, автобиографијата „Ова е мојот живот“ од Иван Трпоски, по својата обемност и сложеност, има во себе елементи на пикареска, на оној жанр во литературата кој, колку и да не е македонски, но секако, е медитерански, сепак, се потпира врз она народното: „Преку девет планини и мориња“, па слободно можеме да прецизираме: Да! Книжевната проекција на раниот период на главниот јас-јунак е една од најдобрите пикарески во македон- ската литература во кои реалистично е отсликано себеснаоѓањето на главниот лик низ сите стапици што му ги поставува друштвото и општеството, од селското и училишното окружение, преку општинското и партиското, до работничкото и армиското. И, што е уште поважно,  авторот совршено ги совладал, ги усвоил и ги применил во својата автобиографија социолектите на сите овие општествени групи, од кои веќе ништо не останало, освен по не- која трага во литературата, па сето добива еден историски призвук, исполнет со јазична патина, која за социолингвистиката има платинеста вредност, зашто на панорамското платно во првиот дел од оваа автобиографија, во кои се претставени пикарескните случки и  трагикомичните несполуки во кои запаѓа главниот, лик маченички и страдалнички распнат на координатите од Волино до Вараждин, од Битола до Белград и од Струга до Сежана, веќе ништо не е останато.

Од друга страна, „Ова е мојот живот“ на Иван Трпоски може да се сфати и како надоврзан диптихон, двотомна целина, во која автобиографското превладува во првиот дел, а биографското во вториот, условно речено, во оној дел што се однесува на австралискиот период од животот на авторот, но токму во тој дел во една целина се испреплетуваат честите навраќања на авторот во Македонија, кој заминал од својата земја како печалбар и емигрант, а се враќа во неа како реномиран писател и политички заинтересирана личност за судбината на својата татковина.

Низ австралиските настани во кои печалбарењето се преплетува со творењето, живо прозвучува македонскиот народен јазик говорен надвор од својата матична средина, но и употребуван на сите општествени рамништа, особено преку активностите на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, но и на универзитетско рамниште, зашто македонскиот јазик има свои позиции и на тоа рамниште. Притоа, мошне привлечно прозвучува и оној социолект што сосема спонтано се развива меѓу Македонците во Австралија со по некој позајмен или буквално преведен збор.

На тој начин, мошне сликовито во автобиографијата се преплетуваат сознајбите дека „животот е борба“, но и дека „животот е патување“. Иван сето ова време се борел и патувал, и сето тоа го преточил во литература.

Автобиографијата на Иван Трпоски е преисполнета со лико- ви и личности, со некои од нив тој се сретнал само еднаш и нико- гаш повеќе, но ги застапил во својот животопис, некои, пак, будно ги следел низ секој нивни исчекор во животот, сплотувајќи се со нив во јазикот како „единствена наша целосна татковина“. Зашто, Македонија е секаде каде што се Македонците, по трагите на автобиографските раскажувања на Иван Трпоски.

И, на крајот, само да додадам, повеќето од ликовите во оваа книга, зашто секој човек што е внесен во литературата автоматски се актуализира во литературен лик, лично сум ги познавал и сум се среќавал со нив низ разни места и мигови. Уверен сум дека и читателите на оваа книга, сегашните и идните, ако не се најдат себеси во неа, со име и презиме, секако ќе најдат свој познат, некого од своја рода и природа. И сите тие имаат свое заслужено место во автобиографијата на Иван Трпоски, „Ова е мојот живот“, рече д-р Пандев.

Присутните го проследија преку видео клип обраќањето на авторот Иван Трпоски, како обраќањата на неговите колеги кои говореа за средбите со него и неговото творештво. Поетесата Лидија Дочовска – павловска му посвети магистрал на Трпоски а проследени со аплауз беа и обраќањата на поетот Славе Ѓорѓо Димоски, поетот Љупчо Милковски, гостинката од Сиднеј – Австралија писателката Оливера Јовановски и директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ м-р Милчо Јованоски.

НУ Библиотека