Се засилува соработката меѓу МСМЈЛК при УКИМ и НУБ „Св. Климент Охридски“

Се засилува соработката меѓу МСМЈЛК при УКИМ и НУБ „Св. Климент Охридски“

Posted by Milco Jovanoski in За читателите, Околу нас 20 Jul 2022

20 јули, 2022 г. 

Археографска граѓа, монографски публикации коишто се редок библиотечен материјал – значајни за македонскиот јазик, литература и култура, средновековни ракописи и ретка периодика составена од весници и списанија преку коишто во минатото се изразувала македонската национална мисла со прашања и за македонската култура, од следната академска година поопстојно ќе може да се презентираат пред странските македонисти и слависти, во соработка со странски универзитети.

Засилено ќе се соработува во промоцијата и афирмацијата на остварувањата на македонистичката научна и истражувачка мисла, вклучително и преку подготовка на библиографии. Странските македонисти, за истражувачки цели, без надоместок ќе можат да зајмуваат библиотечен материјал и да го користат библиотечниот работен простор во читалниците, во текот на нивните студиски и истражувачки престои во земјата.

Ова меѓу другото беше договорено на работна средба меѓу директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и директорката на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ), Јелисавета Костадинова.

„Многу е значајно што уште годинава, НУБ изразува подготвеност да се отпочне со подготовка на библиографија којашто ќе ги опфати илјадниците трудови презентирани на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, од 1973 година наваму и како заедничко издание, пред домашната и странската јавност да ја претставиме во текот на следната година, кога ќе одбележиме половина век одржување на овој меѓународен научен настан посветен на македонистиката. Оваа библиографија ќе биде важен показател на меѓународниот научен интерес за македонскиот јазик, литература и култура во децениите наназад, опфаќајќи голем број трудови на врвни странски слависти и македонисти. Верувам дека ова ќе биде само еден од бројните заеднички проекти, меѓу коишто особено значајни ќе бидат и оние во коишто културното наследство што го чува НУБ ќе се презентира на странски образовни и научни центри, со што дополнително ќе се поттикнат и нови истражувања на странските истражувачи и научници коишто се интересираат за македонистиката.“ – истакна директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевска.

Таа и нагласи дека воопшто соработката со НУБ, како институција којашто е еден од трезорите на нашата научна мисла и на нашата книжевност, но и на повеќе сегменти на севкупната македонска култура ќе биде значајна во остварувањето на натамошните програмски активности со коишто ќе се зголемува опфатот на материјали, информации и настани како за лекторатите по македонски јазик, така и за другите образовни и научни центри на коишто се изучува македонистиката.

Дирeкторката на НУБ, Костадинова, напомена дека со планираните заеднички активности со МСМЈЛК при УКИМ и ќе се засили остварувањето на определбата на НУБ за промовирање и афирмирање на културното наследство коешто е во нејзина надлежност, но и за остварување на влогот со библиотечните истражувања на НУБ.

„Нè радува што преку оваа соработка, меѓу другото, со едукативни работилници, презентации и предавања ќе оствариме и дополнителен придонес за културолошки и историски значајниот библиотечен материјал којшто е дел од нашиот фонд уште повеќе да биде предмет на интерес на странски истражувачи и научници. Со настаните коишто би ги организирале заеднички со МСМЈЛК при УКИМ ќе може уште повеќе да се засилат активностите и за меѓународна референтност на дел од библиотечните истражувања коишто ги спроведуваме. Во тој контекст се и библиографиите и драго ни е што веќе започнуваме со библиографијата на трудовите од Меѓународната научна конференција, затоа што е меѓународен македонистички научен настан со најдолга традиција и со најголем број учесници од странство. Се надеваме дека оваа библиографија ќе се најде на полиците и во електронските бази и на библиотеките низ светот, како клучен изворник на референци и за нови истражувања од областа на македонистиката и за новите генерации странски македонисти.“ – нагласи Костадинова. 

На средбата беше посочено дека е многу важно што сите достапни научни трудови од досегашните изданија на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат опфатени и во библиотечните онлајн-бази, со што информациите за нив ќе бидат постојано достапни за сите истражувачи од светот коишто се интересираат за македонскиот јазик, литература и култура.            

Во функција на поддршка на истражувачката активност на странските македонисти се и договорените нови можности за користење на фондот на НУБ за потребите на нивните истражувања.

Мојсова-Чепишевска и Костадинова изразија взаемна цврста решеност во следниот период интензивно да се работи на планираните активности коишто не се само продлабочување на соработката, туку се и влог во македонистиката и нејзиниот развој во земјата и во светот.

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

НУ Библиотека