Промовиран романот „Надеж“ од Ване Николоски

Промовиран романот „Надеж“ од Ване Николоски

Posted by Milco Jovanoski in Огледало 14 Jul 2022

14 јули, 2022 г.

Вчера во нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“ пред бројни пријатели, гости, почитувачи на пишаниот збор беше промовиран романот „Надеж“ од Ване Николоски, роднокраен автор по потекло од село Куратица а сега живее и твори во Мелбурн – Австралија.

Неговата интересна животна приказна на почетокот од промоцијата во „Прличевата одаја“ ја претстави Елизабета Бојчевска вработена во Библиотеката која читаше и делови од „Надеж“.

Ване Николоски е роден 1966 во село Куратица во скромно семејство и таму со родителите и неговите  три постари сестри живеел се’ до 1970 г. Татко му  Ѓорги заминува за Австралија 1968 година а две години подоцна заминале  сите заедно во Мелбурн.

Во 1974 татко му донесол одлука Ване  како 8 годишно  дете да се  врати назад во Охрид и го остава кај неговата  тетка и нејзината фамилија за да го учи македонскиот јазик и да се школува тука во татковината. Основното образование го завршил во основото училиште Братсво Единство во Охрид додека средното образование во гимназијата Св Климент Охридски .

 

После отслужувањето на воениот рок се запишува на Факултетот за туризам и угостителство. Но во меѓу време во доцните 80’ години повеќе го интересирале патувањата  низ Европа отколку факултетот. Затоа и не успеал да заврши повеќе од една година. Во 1991 год повторно заминува за Мелбурн, Австралија каде останува се’ до денес. Таму ја формира својата  фамилија со сопругата Милена. Тој е татко на  30 годишната Ангела и 28 гоишниот  Кристијан кои  сега се свои луѓе.

Романот „Надеж“ излезе од печат во 2019 година, но заради Ковид -19 , се промовира дури сега, а примероци од него одамна има во роднокрајното одделение и во одделението за зајмување.

Инаку, целото дејствие во романот се одвива во една вообичаено позната средина, раскажано преку секојдневно присутните поими на природните и човекови закони и на чин на интерпретација со една целовитост, рече промоторот на романот, Мирко Томовски

– Адам завршува како вечен талкач по љубовта, но и жртва во вртлогот на условите што му ги нуди животот во домот за деца без родители „Надеж“, трагајќи по љубовта, како опстанок, трагајќи по спротивниот пол, но и по онаа вистинска љубов и почит кон сите луѓе кои имаат било каков контакт со него. Намерно изоставив делови од содржината и самиот крај, односно каква е судбината на главниот лик Адам Џонс- Попов и сите актери во приказната, со надеж доживувањето да биде индивидуално, спонтано, истакна промоторот Томовски.

Библиотекарот Бети  Лазеска- Симоноска беше една од првите читатели на романот, па пред присутните ги сподели своите доживувања и видувања на романот.

–  Овие 520 страници од романот, ги гледав и се мислев што ли се крие, сигурно тука се испреплетени многу приказни. Сум добивала подароци и од други писатели, но дел од нив останувале одредено време на мојата полица, се’ додека не дојде ден да ги прочитам. Но, за „Надеж“ бев љубопитна веднаш да го прочитам и тоа го сторив. На крај останав без збор, читајќи ги последните страници од моите очи капеа солзи и не можев да замислам како во овој безмилосен свет, сé уште постои човек, каков што е Адам, рече Лазеска – Симоноска.

Пред почитувачите на неговото творештво, бројни роднини и пријатели авторот Ване Николоски со доза на возбуда рече:

-Живееме во време на поместени вредности, време во кое чувствата и емоциите забрзано исчезнуваат. Нé убедуваа дека новото време, дигитализацијата и технологијата ќе ни го олеснат животот, но да се замислиме и да се запрашаме дали тоа навистина е така, потенцираше авторот Николоски. Во романот „Надеж“ дејството се случува во пред дигиталниот период, кога погледот беше човек во човек, љубовта се случуваше природно и ненаметливо, пожртвуваноста за блиските беше од срце и доблеста беше главна.

Приказната е универзална и тоа можеби се случува насекаде во светот и тоа не е најважно. Најважно е пред сé да си човек со вистински вредности,а токму такви беа Адам, чичко Џорџ, Марија, Ребека, Клара и сите други. Женските карактери беа инспирирани од мојата сопруга која ја претставува секоја македонска жена, со сите вредности, најдобра мајка, дама и хуманитарец, истакна Николоски.

Милчо Јованоски, директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ на авторот во знак на сеќавање на промоцијата му врачи Благодарница за неговиот голем придонес за ширење на македонскиот јазик и култура во Австралија.

НУ Библиотека