Сликовниците од Марија Џоџа Симон стигнаа во рацете на децата од градинката „Јасна Ристеска“

Сликовниците од Марија Џоџа Симон стигнаа во рацете на децата од градинката „Јасна Ристеска“

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 18 Jun 2022

18 јуни,2022 г. 

Караванот “Детската радост”, со подарување на сликовници од авторката Марија Џоџа Симон вчера беше во Охрид.

Авторката сакаше средбата да биде во една од градинките во Охрид а ние како домаќини – НУ Библиотека „Григор Прличев“ и поддржувачи на овој донаторски настан организиравме средба со поголема група деца од централната градинка „Јасна Ристеска“ од Охрид.

Настанот носи со себе и анегдота која ќе се прераскажува. Кога колешките Елизабета Бојчевска и Елена Станкоска заедно со поетесите Џоџа Симон и Вера М Самарјанин тргнаа кон градинката, децата и нивните восптувачки стигнаа пред Библиотеката. Не се работеше за недоразбирање, туку тие заедно со своите воспитувачки се враќаа од прошетка од крај езерото. И така наместо во градинката средбата се случи на нашите скалила со договор наскоро децата пак да ни дојдат и да ја разгледаат библиотеката.

-Уште еден убав ден поминат, овојпат со децата од Охрид. Голема благодарност до директорот господин Милчо Јованоски и на дел од  персоналот на библиотеката “ Григор Прличев” од Охрид за организацијата, како и до вработените од детската градинка “ Јасна Ристеска”. Задоволна сум што ја видов радоста кај децата кога им ги подарив моите поетски сликовници, напиша подцна на Фејсбук авторката Марија Џоџа Симон.

Само сликите можат да ја опишат радоста на децата од добиените книги како подарок. Сликовници добија сите присутни дечиња а еден комплет од делата авторката подари и на градинката.

Во настанот беа вклучени следните Групи со воспитните тимови од Централна градинка „Јасна Ристеска“ од Охрид.  Голема група 1 со воспитниот тим: Катарина Довлева, Тања Далческа. Голема група 2 со воспитниот тим :Билјана Милошевска, Елена Локоска. Втора мала група 2 со воспитниот тим: Ружица Томовска, Мери Рилкова.

Која е авторката Марија Џоџа Симон?

Марија Џоџа Симон (Крстеска-Шустер Марика) род. Марика Тапанџиева, е родена во Битола, 1957 година. Основно и средно образование заврши во Битола, а потоа Педагошка Академија во Штип.

Со семејството, веќе 27 години живее и работи во Германија, во градот Вурцбург.

Нејзиниот книжевен опус е голем. Ги има напишано стихозбирките: “Моите очила”, “Дамка”, “Боите на времето” и поемата ” Замокот на мракот” како и романите ” Јазол до срцето”, ” Јадови” и “Моќта на совеста”. Сликовниците “Мила во Лапонија”, ” Мила во Африка” и  “Мила на село” ги напиша и илустрира и ги посвети на внуката Мила Шустер, а најновата  сликовница  „Мила во Австралија“, единаесеттото нејзино дело  која деновиве излезе од печат ја посвети на двете внуки, Мила и Ина Шустер.

Учествувала со творби во повеќе зборници и книги од група автори, меѓу кои во двете стихозбирки, „Прошетка низ азбуката“ и „Со почит кон Мајка Тереза“ заедно со авторите: Лила Арсова и Вера М Самарјанин.  Стихозбирката „Со почит кон Мајка Тереза“ е преведена и издадена на италијански јазик.

Марија Џоџа Симон активно се занимава со повеќе техники од сликарството.

Во книгите „Јадови“, „Во замокот на мракот“, „Дамка“ и „Со почит кон Мајка Тереза“, ги има насликано на платно со маслени бои, сликите за кориците, а сликовницата „Мила во Лапонија“ сама ја илустрираше исто со сопствени слики насликани со маслени бои.

Нејзини дела се самофинансирани и поголемиот дел од нив се подарени. Досега има подарено преку 3000 дела, од нив најмногу на здружението „Животна искра “ од Скопје, по библиотеки, поетски клубови, болници и детски установи.  Марија Џоџа Симон активно учествува на повеќе поетски манифестации во републиката. Член е на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес и во Клубот на поети „Поетски ноти“ при МаБиХ  со седиште во Битола.

Таа е член и една од основоположниците на здружението, „Поезија со музика и цветна порака за мир, „Пауна“ од Охрид.

НУ Библиотека