×

Преведи ја страницата

Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ промоција на „Збунки“ од А. Цветаноска и изложба на книги – „Родени во мај“

3 мај,2019 

Во понеделник на 6 мај од 19 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид ќе биде промовирана книгата „Збунки“ од Ана Цветаноска.

zbunki nova

 

Збирката  за деца насловена „ Збунки “ се состои од вкупно 12 пиеси. Авторот низ хумористичен тон создава современи пиеси за деца во кои се прикажани секојдневните згоди и незгоди на денешните луѓе. Секоја од пиесите е реалистична слика и сцена од детството на секое дете. Драмските ситуации ги опфаќаат сцените од посетата на стоматолог; на средбата за родители во училиштето; ситуации од домашната семејна атмосфера; образовниот процес на секое дете; играта со облаците од фантазии; разговорите со животните и градинарските култури; итн. Авторот создава ликови на животни и растенија во кои низ нивниот глас се истакнати некои негативни човечки особини или душевни состојби и се учат здравите животни навики.

Промотор ќе биде Билјана Трајкоска а извадоци од пиесите ќе читаат млади актери од земјава.

Цветаноска е родена 1970 година во Скопје, дипломирала на ФТУ – Охрид а пишува поезија и проза.

Зад себе веќе ги има стихозбирките: „Стихови за љубовта“ ( 2012), „Чемерика“ (2015) и „Световина“ (2017).

„Збунки“ е прва нејзина книга за деца.

zbunki nova 1

Од 7 до 14 мај во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде поставена веќе традиционалната изложба на дела од роднокрајни автори – родени во мај.

Читателската јавност одново ќе може да се запознае со творештвото на следните автори: Коста Абраш, Христо Силјанов, Кирица Јорданоска, Смиле Наумоски – Брсјак, Спасе Кароски, Благуна Стевоска, Смилјана Макисмоска, Есад Бајрам и Димитар Спасески.