×

Преведи ја страницата

Вера М. Самарјанин почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид

9 октомври 2018

Вера М. Самарјанин почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид

Во присуство на хуманистката и писателка Вера Самарјанин денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беа промовирани нејзините три најнови дела за деца и возрасни: „Поколенија“, „Со посвета“ и „На дланка“. Промотор беше д-р Борис Ангелков.

Вера М. Самарјанин е една од најпознатите хуманисти на овие простори. Добитник е на многубројни награди за хуманост. –„Хуманист на годината“ за 1999 г, „Велигденска Пофалница 2003 година“, „ Хуманист на деценијата“ прогласена во  2006 година. „Мисионер на хуманоста“ –  2008 г.

Награда по повод 4-ти Ноември од град Битола во 2009, награда од Националниот спомен дом на Мајка Тереза во Скопје, плакета од Министерството за надворешни работи и од Амбасадата на Босна и Херцеговина во Р. Македонија и многу други признанија и благодарници.

Во 2009 година од МНР на Република БиХ е избрана за Почесен Конзул на БиХ во Битола. Од оправдани причини таа ја одбива оваа почесна функција и ја прифаќа функцијата Претседател на Македонско – Босанско Херцеговачко здружение за пријателство и соработка со седиште во Битола.

Вера е почитувач на пишаниот збор, кој преферира да го пишува на чист македонски јазик.

Има издадено десет прозни дела и 20 стихозбирки. Има собрано и уредено тринаесет Стихозбирки од група автори со поезија за деца и три стихозбирки за возрасни, во кои најголем дел се нејзини творби.

Штотуку издадената „Поколенија“ е нејзина 31-ва книга.

Член е на „Медитеранската  академија“, Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес и е една од основачите на „Поезија со музика и цветна порака за мир“ од Струга.

Сите нејзини книги, се самофинансирани  и се донирани по градинките, училиштата  и домовите за стари лица низ Р.Македонија.Досега подарила над 7.000 книги.

Самарјанин на охридската библиотека и подари повеќе нејзини издадени наслови и стихозбирки.

Директорката на  НУ Библиотека „Григор Прличев“-  Гордана Змејковска на Вера Самарјанин  во знак на средбата и соработката и врачи благодарница со која таа стана почесен член на библиотеката.

Писателот Мирко Томовски беше водител на средбата, а  стихови  од Самарјанин читаа охридската поетеса Марина Шокева и ученички од ОУ „Св Климент Охридски“ од Охрид. Настанот со изведба на класични ноти на гитара го збогати младиот Немања Килибарда од Битола.

Во публиката меѓу другите  беа ученици од Велес и ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид, а авторката Самарјанин им подари по едно нејзина книга.