Во пресрет на големиот ден – посветен на Св. Климент Охридски патронот на нашиот град, нема да кажам ништо ново само ќе потсетам Охрид бил е и ќе биде вечна инспирација и љубов за сите креативни луѓе, луѓе кои сакаат од срце.
Еден од нив е и нашиот – Академик , проф. д-р Миле Миќуновиќ присутен овде меѓу нас. Да го поздравиме со аплауз.
Дозволете накусо да Ве воведам во неговото творештво кое последнава година е сврзано со неговата љубов фотографирањето и прибирањето на стари фотографии од нашиот вонвременски Охрид.
Академик Миќуновиќ зад себе има 105 книги. Последните 15 се објавени во изминативе две години и издавач е токму нашата НУ Библиотека „Григор Прличев“.
Лани , во декември без некоја предумсила Миќуновиќ ја издаде првата книга од трилогијата за Охрид низ фотографии. Насловот е : „Фотографиите зборуваат за Охрид- 20 век“.
Кога книгата излезе во јавност Миќуновиќ се впушти во новa фото авантура. Втората книга ја озаглави „ Од Чинарон до Чинарот“. На охриѓани сигурно им е јасно. За другите кусото образложение.
Книгата е уште една фото посвета на Охрид и водич за бројните вљубеници – туристи кои се на пропатување во нашиот град и во потрага по ненадминатата негова убавина.
Во предговорот Миќуновиќ ќе напише: – Се движев покрај Чинарон и си помислив: Да тргнам оттука, да направам круг движејќи се кон Езерото, Сараиште, преку Канео, низ цел Варош, Самоиловите тврдини и да се вратам преку Св. Сава до Саат кулата и да дојдам пак до Чинарот.
Идејата ми се допадна, но си реков: Ако за секое мое движење пишувам текст, објаснувајќи што е што, ќе ми треба многу време и многу материјал, односно на читателот ќе му стане досадно. Решив читателот да го активирам, да размислува за тоа што го гледа. Како? Преку фотографија. Фотографиите се неизбежен дел од нашето секојдневие. Постојано правиме фотографии кои сакаме да ги зачуваме како убави спомени во албумот на животот. На 20 декември 2018 година, на роденденот на мојот син, тргнав со фотоапаратот од Чинарон, по замислената патека да фотографирам, напиша Миќуновиќ.
И конечно,деновиве од печат а во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ излезе неговата најнова книга со стари фотографии од Охрид. Насловот на ова луксузно издание е: Охрид, враќање во минатото“. Книгата содржински претставува спој од претходните две со низа нови фотки, собирани од разни архиви, социјални мрежи и домашни албуми.
-Фотографијата е знак на времето. Со неа се занимавам од мојата 10-та година. Пожолтените и некои од нив дури бледи фотографии, меѓу кориците го “раскажуваат” минатото со некој посебен мирис кој делува занесно, магично. Во оваа дигитална ера, можеби некому сиот овој труд ќе му изгледа без значаен ама само помислата дека книгата надживеала векови, а техниката е само моќ на едно време, не ме остава рамнодушен кон црно – белиот свет. Посебно среќен ме прави помислата дека книгата не само што ќе не надживее туку ќе го помине прагот на вековите и ќе сведочи и за ова време.
Вистина е дека по нас ќе дојдат и други за кои Охрид ќе биде инспирација и аманет запален покрај некое кандилце кое и денес гори во црквите низ градот, вели академик Миле Миќуновиќ.