×

Преведи ја страницата

Промовирана „Трагач низ времето“ од Кристина Т. Рудеска

15 ноември 2018

Синоќа во „Прличевата одаја“ во НУ Библиотека „Григор Прличев“ беше промовирана првата стихозбирка на Кристина Т. Рудеска „Трагач низ времето“.

Во присуство на голем број почитувачи на пишаната реч  за книгата и творечкиот ангажман на Рудеска говореше поетот и хуманист Љупчо Милковски. Во продолжение во целост ви ја предаваме неговата рецензија

Го имам задоволството, да говорам за еден значаен поетски труд, кој директно произлегува од чесната и искрена душа на нашата драга, млада поетеса, Кристина Трајкоска Рудеска, чиј творечки пат е забележан уште во нејзиното детство и, после во нејзиниот динамичен развој на човек, жена, патувач, сопруга, мајка и блиска и искрена роднина и пријателка. Морам да подвлечам, дека, уживам во содржината на поетскиот производ, извор на душата и позитивниот поглед кон/низ животот, преку исправениот од, надежта, вербата и љубовта, против се она што е и може да биде препрека во овој живот на „тешки борби„ , како го означува нашата поетеса во стиховите на Мислите. Најзините стихови во „Трагачот низ времето„ го воздигнуваат минатото, низ бројни синтагми ги означуваат и исполуваат емоциите на средби и збогувања, на звездените моќи, каде што го гледаме универзумскиот од на човековата мечта, да трага, за никогаш да не престане, макар тоа биле нешта што и лично ни се случувале.

Во продолжение ќе ги наведам трите основни димензии што се присутни или, се провлекуваат низ стиховите и песните што го чинат ова прекрасно поетско дело и остварување, и доказ за човековата моќ на активно практикување на животот, каде што постојано доаѓаме во судир со препреки, за кои треба и мора да бараме и најдеме решение.

Првата димензија, може да се нарече Марфиеска, по безвремените мисли на Џозеф Марфи, да, тука се крие и смислата на творештвото на човекот како Кристина, кој е во „буден сон„ и секогаш со „внатрешна борба„ , и секогаш подготвен/а преку наредба на својата свест да ја придвижи или ја турка својата потсвест, тоа море на неистражена и малку искористена човекова можност,

да се мисли нешто а тоа значи постоиш, да создадеш нешто преку своја идеја и реализација, да напишеш збор што ќе биде одраз на субјективниот поглед и перцепција на нештата на денот и животот.

Втората димензија е психо-социјалната област, што силно е вткаена, можеби во секоја песна и строфа, како израз на животот и доживеаното, како слика на денот на современото живеење, на промените во кои сме вткаени и ние, некогаш и во аномијата на големиот Емил Диркем, кога се ни е сеедно, но секогаш подготвени да го бараме и најдеме излезот и патот кој ќе не води кон победа, исправеност и успех. Тука, низ извонредните стховни погледи и реални мисли, се означува „стапалото„ по кое оди поетската жед, по стапалото и прегратката на оној што ме сака и го сакам, погледнато преку „тие очи тажни„ , на оној чиј сум камен и дом, и на оние кои ни се најголемиот дар, нашите деца, нашите наследници, нашите поколенија, преку кои, го обезбедуваме нашето вечно опстојување во универзумот и вечниот пат и трагање.

Третата димензија го означува постојаното човеково трагање по успехот, постигнувањето на целите на посакуваниот живот, со искористување на местото каде се наоѓаме и живееме, искористување на можностите и своите способности, „кои лежат пред вас„ а „слабите ги чекаат можностите а силните ги создаваат„ , искористување на времето, новиот ден, искуството, и кога „моето тело е слуга на мојот ум„ , како тоа го наведува, можеби најголемиот светски ум на оптимизмот и успехот на човекот, Ог Мандино.

Сигурни сме, дека изворот на мисли и нивната борба за средување, преку, веруваме, постојаниот brain storming или бура на идеи и внатрешната борба, нашата Кристина ќе продолжи да пишува и создава нови дела.

Која е Кристина Рудеска? 

Кристина Трајкоска Рудеска е македонка родена во Брчко-БИХ- 10.08.1983год.

1990/91год почнува војната во БИХ каде Кристина заедно со нејзините 3 сестри и мајка ѝ,успеваат да се спасат и да побегнат  во Македонија оставајќи го татко им зад себе борејќи се за земјата во која живееја.После7 месеци татко ѝ  успева да побегне и да се врати кај семејството.

Пристигнуваќи во Македонија знаат дека немаат ништо од сето тоа предходно што го имале,ниту куќа за живеење,но со мисла дека се далеку од војната,им давало малце мир во долгите ноќи кои следеле после тоа.

Од рано детство почнува да се занимава со цртање.Се остварува како жена и мајка на две деца, но ѝ тука не запира,продолжува да се истражува себе си пронаоѓајќи се во сопствените песни напишани со најдлабоки емоции.

Ја пишува и првата книга со поезија–Трагач низ времето– каде остварува уште една своја замислена цел.Соништата се остваруваат доколку тоа навистина сѐ сака и сѐ има волја нештото да се постигне.Ова и ѐ прва но не и последна книга.

Нејзина засега неостварена желба е да ја посети Врбања да ја види куќата каде ги пуштила корените.

-Знам дека еден ден ќе стојам пред таа куќа која буди длабки емоции во мене,еден ден ќе се спои мигот на минатото и сегашноста. Еден дан знам ќe бидам тамy…

 

 

Буден сон

 Будно спијам…

 Долго и уморно…

Како сто животи да поминале,

а јас сè уште спијам и не можам да се разбудам

тешко ми е очи да отворам,

колку и да сакам.

Поминува уште еден живот

   од моето будно спиење,

уште еден од сите претходни

  кои досега поминаа.

Можеби овој ми е и последниот,

   па ќе отворам очи.

Не знам дали веднаш очиве, светлината ќе ја видат,

     спиев цела вечност, уморна и потиштена.

Оставете ме да се составам

сум се распаднала таму некаде,

сум се кршела парче по парче,

    па сега газам врз тие срчи, збирајќи го остатокот.

  Не будете ме,

oставете ме да потонам  во тој сон,

     да се видам себе си,

  да ги видам тие очи затворени

    да можам себеси да се разбудам.

     Да си кажам дека е време за нов живот

зашто предтходниот заминал,

    будна сум го преспала,

дека поминале сто животи,

а јас не живеев ниту еден..

 

 

 

                        Вера љубов надеж

Верувај во себе,

    дури и кога самиот си се откажал од себе,

а си оставил една искра да тлее,

сепак надежта не си ја изгубил.

    Верувај во себе

дури и кога сите те оставиле,

    останале

 само едни раце тамо некаде во далечина,

    надевајќи се дека не те изгубиле…

     Верата, љубовта и надежта

  секогаш ќе те враќаат и потсетуваат

         дека постоиш

 

Стапала

Покрај брегот гледам стапала,

      тие стапала

 по кои цел живот трагав.

      Ги следев

за на крај да ги изгубам.

    Дали ги изгубив,

или сами побегнаа

    никогаш не разбрав.

Газев секогаш по нив

     ги следев,

    и сонцето кога доаѓаше

   и во најцрните ноќи…

Јас неуморно ги следев.

    Сè до еден ден…

Тој ден кога исчезнаа.

Таа магла каде и моите не можев повеќе да ги видам…

    Се изгубив тогаш.

 Се изгубив….