×

Преведи ја страницата

Промоција на „Кумова слама“ од Славе Ѓ. Димоски наградена со „Антево перо“

15 ноември 2018

Утре – петок во 18 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана стихозбирката „Кумова слама“ за која авторот Славе Ѓорѓо Димоски неодамна стана прв добитник на наградата „Антево перо“.

Промоција на „Кумова слама“ од Славе Ѓ. Димоски наградена со „Антево перо“

За книгата и творештвото на поетот Димоски ќе беседи професор – д-р Димитар Пандев.

Книгата „Кумова слама“ ја издаде издавачката куќа „Три“ од Скопје, во едицијата посветена на награда „Антево перо“

Наградата „Антево перо“ е воспоставена во чест на македонскиот великан, поетот Анте Поовски. Наградата ја доделува меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, која го реализира и печатењето на книгата. Книгата беше промовирана на манифестацијата во Скопје и Лазарополе на 28 и 29 септември оваа година, по што следи промоцијата во Охрид.

Промоција на „Кумова слама“ од Славе Ѓ. Димоски наградена со „Антево перо“

Поднасловот на книгата „Патописи, дневници, записи“ упатува на различен тип пеења кои настанувале на различни места и по различни поводи во последните дваесетина години (песните се датирани и посочени се местата каде што настанувале), но сите нив ги врзува препознатливиот поетски импулс на Славе Ѓорѓо Димоски.

Во „Кумова слама“ Димоски покажува дека врвното начело на поезијата е да молчи додека пее; да поставува прашања наместо да дава одговори; да овозможи да ја слушнеме тишината како најсовршена хармонија, додека го слушаме срцебиењето на стихот, се вели во образложението на жири-комисијата за наградата.

„Кумова слама“ е тринаесета самостојна поетска книга на Славе Ѓорѓо Димоски. Тој е автор на уште пет книги поезија за деца и на три книги со есеи.