×

Преведи ја страницата

Почина проф. д-р Томе Груевски – почесен член на нашата Библиотека

17 септември, 2019 г. 

По кусо и тешко боледување во 70 година од животот синоќа во Скопје почина познаттиот универзитетски професор Томе Груевски кој остави зад себе бројни генерации новинари денес распрснати и ангажирани во и надвор од границите на земјава. 

toci naslovna

Замина голем човек и искрен пријател на сите кои го познаваа. Пресретливоста, едноставноста, желбата да помогне секому,  се’ што може беа одликите  на нашиот Тоци. Нека почива во мир.

toci i direktorkata

Груевски беше осведочен пријател на нашата НУ Библиотека “Григор Прличев“ и нејзин почесен член – признание добиено минатиот октомври на кое посебно се радуваше.

toci 3

Во соработка со нас д-р Груевски ги промовираше двете книги посветени на охриѓанецот Константин С. Шахов а на 18 март годинава д-р Груевски на покана  на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Општина Охрид говореше на настанот посветен на  „185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев“. Д-р Груевски беседеше на тема: „Журналистичката и публицистичка дејност на Кузман Шапкарев“. Најверојатно, за жал  тоа беше и неговото последно официјално појавување и обраќање во јавноста.

 

Томе Груевски е  роден во Смилево, Битолско, (1949), новинар и универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет (1972); магистрирал на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје. Уште од средношколските години се оддал на новинарство, во времето на студиите бил соработник, уредник и главен уредник на в. „Студентски збор“, а подоцна и директор на НИП „Студентски збор”. Покрај тоа, бил и главен уредник на списанието за општествена теорија и критика „Дијалог“. Бил соработник на емисиите „Бранови на младоста“ и „Студентски паралели“ на Радио Скопје а потоа бил и соработник на Третата програма на Македонското радио. Професор на Студиите по новинарство, медиуми и комуникации и односи со јавноста на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и професор на постдипломските студии на Групата за комуникации при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Повеќе години беше професор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, на Педагошкиот факултет во Битола и на Факултетот за јавна администрација, на сите степени на студии. Автор е на триесет и пет книги: учебници, научни трудови и студии од областа на историјата, теоријата на новинарството, комуникологијата и односите со јавноста, како и повеќе публицистички и новинарски трудови.

Добиени награди и признанија: Прва награда на Фестивалот на радиото на ЈРТ во Охрид, (1978) заедно со целата новинарска екипа за контактна емисија на програмата „Бранови на младоста“ на Радио Скопје;  „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, од областа  на публицистиката (1983);  „Новинарско перо“ (1986), награда на Здружението на новинарите на Македонија; Награда на издавачите и книжарите на Република Македонија (1999); Награда „4 Ноември“ на град Битола (1999); Награда на в. „Битолски  весник“ -„Најуспешни битолчани“ (2007).

Зад себе остави десеттици книги и учебници од областа на новинарството, комуникологијата и односи со јавноста.