3 март 2019
Во петокот вечерта во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше прикажан документарниот филм АВТОПОРЕТРЕТ посветен на минатогодишниот лауреат на Струшките вечери на поезијата полскиот поет Адам Загајевски.
Авторот на документарецот Диме Ратајкоски беше на проекцијата во Охрид и пред присутните проговори за предизвикот да се сними документарец со загајевски, кој како што рече е само еден од низата документаци за добитниците на „Златниот венец “ на Струшките вечери на поезијата кои грижливо се чуваат во архивата на МТВ. Всушност и овој филм е заеднички проект на МТВ и СВП
Преку низа луцидни прашања и одговори Загајевски во средбата со камерата а преку неа и со нас ја презентира својата поезија и поетика .
Премиерата на документарецот се случи во Скопје неодамна а филмот по Охрид наскоро ќе биде прикажан и во други градови низ државава.
Кој е Загајевски?
Адам Загајевски роден е во 1945 во Лавов (тогаш во Полска, денес во Украина). Автор е на 13 поетски книги, но е и есеист, прозен писател и професор по филозофија. Во 1970-тите бил поврзан со независното книжевно движење, а во 1982 се преселил во Париз. Во 2002 Загајевски се вратил во Полска и сега живее во Краков.
Претседателката на Управниот одбор на СВП Елизабета Шелева лани на чинот на соопштувањето дека Загајевски е добитник на „Златен венец“ рече: Тој е еден од водечките гласови во современата светска литература и автор кој ужива неподелен углед меѓу најрелевантните имиња во современата поезија и критика, поттикнувач на зголемен интерес кон творештвото на источноевропските и словенски писатели.
– Загјевски се смета за дел од полската генерација ’68 или полскиот „Нов бран“ во литературата, но неговото авторско писмо искажува една самосвојна позиционираност и автентична црта… Суптилно проткаена, со присуството на длабока медитативност, себезапрашаност, склоност кон филозофска контемплација, притоа постојано отворена за новите потраги, себепреиспитувања, додаде Шелева.
Грст стихови од загајевски:
Во туѓата убавина
Само во туѓата убавина
има утеха, во туѓата
музика и во туѓите стихови.
Само кај другите има спас,
макар и самотијата да има вкус на
опиум. Не се пекол другите,
ако се здогледаат наутро, кога
чисто имаат чело, измиено од соништа.
Затоа долго мислам, каков
да употребам збор, тој или ти. Секое тој
е предавство на некое ти, токму
затоа во туѓиот стих верно
чека студен разговор.
Сега, кога го изгуби помнењето
Сега, кога го изгуби помнењето
и можеш само беспомошно да се смешкаш
би сакал да ти помогнам – зашто своевремено
токму ти, како демијург, ја отвори мојата фантазија.
Се сеќавам на нашите патешествија, волнестите облаци
кои пловат ниско над влажната шума во планините,
(во таа шума го знаеше секое патче), како и на
летниот ден кога се искачивме на врвот
од високиот морски светилник на Балтикот
и долго го гледавме бескрајното бранување на морето,
неговите бели плетки разресени како нитки за фирцање.
Не можам да го заборавам тој миг, мислам дека и ти беше тогаш
трогнат – се причинуваше како да го гледаме целиот свет,
безграничен, дишејќи спокојно, син, совршен,
истовремено јасен и маглив, близок и далечен;
ја чувствувавме тркалезноста на оваа планета, ги слушавме галебите
кои се забавуваа со леснолетање
низ топлите и ладните воздушни струи.
Не умеам да ти помогнам, имам само едно помнење.
Тема: Бродски
Молам да се запише: роден во мај,
во влажен град (оттаму мотив: вода),
наскоро потоа под опсада на армија,
чии офицери носеа во ранците
том од Hölderlin, но, за жал, немаа
време за лектири. Премногу работа на терен.
Тон – сардоничен, очај – вистински.
Постојано на пат, од Мексико до Венеција,
љубовник и говорител кој неуморно
агитира за својата непрактична партија
(нејзиното име: Поезија версус Бесконечност,
или ПВБ, ако некој љуби скратеници).
Во секој град и во секое пристаниште
имаше свои агенти; понекош запејуваше стихови
пред ентузијастичката толпа која ништо
не разбираше – потоа уморен, палеше gauloises
на бетонското крајбрежје а галебите кружеа над него
исто како над Балтикот, дома.
Преголема интелигенција. Омилена тема: времето
версус мислата, која гони фантоми,
ја оживува Марија Стјуарт, Дедал и Тибериј.
Поезијата требаше да биде како коњските трки:
коњите се диви, јавачите – од мермер,
целта – невидлива, се губи во облаците.
Молам да се запамети: иронија и болка;
болката одамна живееше во срцето
и сé повеќе растеше – толку,
колку што секоја од него напишана елегија
го љубеше егоистично и сакаше,
токму тој да биде нејзиниот херој –
но, Ве молам господа – трпение,
веднаш завршуваме – навистина не знам,
како да го пренесам тоа таму: таа речиси нежност,
и насмевка, сосема несмела,
моментот на колебање, мекоста,
кратката пауза во аргументирањето.
Препев од полски јазик: Звонко Димоски