×

Преведи ја страницата

„Фотографиите зборуваат за Охрид – XX век“

24 декември 2018

Во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ деновиве излезе од печат 99 книга од  академик Миле Миќуновиќ под наслов: „Фотографиите зборуваат за Охрид- 20 век“

„Фотографиите зборуваат за Охрид – XX век“

На 420 страници поместени се околу 1000 црно-бели фотографии кои д-р Миќуновиќ  грижливо ги собирал и селектирал од приватни колекции на охриѓани и од социјалните мрежи. На дел од фотографиите не им се знае точниот датум на создавањето, но најголема веројатност е дека се создадена во периодиката од ставените десет години, а означени се годините за одржување на еден континуитет, вели авторот на ова дело.

„Фотографиите зборуваат за Охрид – XX век“

На прашањето: Како дојде до пишување на оваа книга?, д-р Миќунвиќ одговара:

-Замислете во животот сé да работат само професионалци? Замислете да готват јадења само професионалци? Замислете да водат љубов само професионалци?

Каков живот би бил тоа?  Јас не сум ниту фотограф ниту историчар на уметноста. Животот е големо поле на испитување, на изучување, поле сé уште неиспитано. Во својата медицинска гранка го достигнав врвот, од општ доктор, па специјалист, доктор на науки, професор и Европски Академик. Сепак можам искрено да речам дека има премногу работи кои не сум ги научил, ама сакам и други полиња да испитувам. Меѓу многуте други работи што ги истражував во полето на животот, сакав да дадам многу мал придонес за мојот град Охрид, да ги соберам објавените фотографии по интернет, по социјалните мрежи, по домовите на моите пријатели, да ги ставам во една џепна книга достапна за читателот што ќе може да ја носи со себе и да се прикажува и да се коментира. Сигурно има многу недостатоци, но моето мото е подобро нешто да се направи отколку ништо, а оној кој може подобро широко му е полето, па нека повели.

Академик Миќуновиќ покрај се’ друго е и пасиониран љубител на фотографијата и фотографирањето.

-Фотографијата е знак на времето. Со неа се занимавам од мојата 10- та година. Да се запамети она што не опкружува, за да ги раздвижи, односно да ни остави парче паметење во нашите сетила. Фотографирањето е чин кој не тера да ги забележиме или засекогаш да ги овековечиме предметите, луѓето и состојбите, со еден специфичен поглед за да бидат запаметени и зачувани, како што би сакал да речам, да останат како сведоци за времето што го отсликуваат.

Фотографијата е зрак или одблесок на постојното. Фотографијата е само еден  момент на вечност. Затоа таа сама по себе е завршена работа. Она што еднаш е поминато низ фокусот на фотографскиот апарат, веќе во следниот момент не е исто. Затоа, за мене, фотографијата би ја нарекол неповторлив момент за паметење.

Светот би рекол дека го движат и прават интересно место за живеење, меѓу другото, информацијата и фотографијата.  Фотографијата ја разбирам, како информација, како личен агол на гледање, која ја има моќта да се претвори во колективен чин на посматрање. Затоа фотографијата е и општо место, каде се вкрстуваат погледите, а секој за себе го формира впечатокот и го носи судот за прикажаното. Затоа фотографијата ја сметам за посебност во изразувањето на личниот однос кон објектот на посматрање. Откога ќе го помине мисловниот праг и влегува во објективот на техничката совршеност, веќе во следниот момент не се отсликува пред нас реалноста. Фотографијата ја има моќта да ни ја прикажува вистината, затоа ја прифаќам како сопствен исказ и како стил на изразување, вели Миќуновиќ.