19 февруари 2019
Утре во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид во организација на Почесниот конзулат на Руската федерација во Охрид ќе се одржи средба со ученци од Основното училиште „Христо Узунов“ со што ќе се одбележи 182 годишнината од смртта и 220 годишнината од раѓањето на големиот руски писател и поет Александар С. Пушкин.
Учениците ќе бидат запознаени со творештвото на познатиот руски класичар Пушкин со нагласок на неговото творештво кое е актуелно и денес.
Концептот преку креативна работа ќе биде насочен кон содржината на книгата „Сказна за рибарот и рипката“ која е во наставната програма за учениците во трето одделение. Пушкин ова дело го напишал во далечната 1833 година. Настанот е отворен и за сите заинтерсирани љубители на литературата, а ќе започне во 14.30 часот во Прличевата одаја на библиотеката.
НУ Библиотека „Григор Прличев“и оваа 2019 година продолжува со лани воспоставената практика со месечно одбележување на родендените на роднокрајните автори.
Овој февруари ги одбележуваме родендените на: Борис Бојаџиски,Владимир Попоски,Панде Шикаловски-Чкалов, Трајан Мартиноски и Ристо Јованоски.
Во читалната на библиотеката од четврток 21 февруари една недела ќе бидат изложени примероци од целокупното творештво од посочените автори и заинтерсираните граѓани ќе можат одблиску да се запознаат со нивното творештвото.