×

Преведи ја страницата

Академик Миле Миќуновиќ ја издаде книгата „Патот што е во тебе“

1 август, 2019 г.

Деновиве од печат излезе најновиот труд во вид на книга „Патот што е во тебе“ од Академик Миле Миќуновиќ од Охрид со филозофско – естетска содржина наменета за широката публика. 

книга мицун

 Сто и четвртата книга од Академик Миќуновиќ е во издание на НУ „Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. Во предговорот на книгата стои запишано:

Патувајќи во темнината, твојот Пат ќе биде осветлен толку колку што во тебе има љубов. Многу е мал бројот на луѓето што се запознаваат себеси.

Основната причина за човечките проблеми е незнаењето од што,како последица излегува тенденцијата кон материјалните добра на штета на духовните  (како борбата на злото против доброто, темнината и светлината…)

Денеска таквата тенденција владее во Светот наметнувајќи бескомпромисни правила. Затоа имаме еден отсто луѓе чие богатство е поголемо од останатите заедно. Другите деведесет и девет отсто се луѓе што го делат останатиот дел од богатството

Милиони луѓе, без свои куќи, умираат во најголема сиромаштија. Во сиромашните земји често има енергетски извори, рудници или се пак на стратешки локации, па се изложени на војни. На голем број места се војува и во тие судири учествуваат и војници од моќните држави воспоставувајќи мир. На сите им е познато како живеат луѓето во воените услови. Во државите кои се во мир, чии војници не водат војни за мир како и во државите што живеат во мир, а војската им војува во другите држави, живеат голем број на луѓе чиј имот е под кредитна хипотека. Тие живеат на рати, враќајќи ги кредитите со камати во банките во кои се парите на тие што ги имаат. Па некој и да си заштеди дел од тие пари ќе ги потроши на лекување, на адвокати и слично.

Таквиот граѓанин станува бројка со кoја го идентификуваат. Огромното количество на нуклеарното и другото оружје кое со голема брзина се зголемува, зборува дека силата, како и досега, ќе управува со случувањата. Додека таквата трка трае, актерите зборуваат за мир, љубов, заедништво, човечки права, за вистината, зборуваат за правдата, слободата, единството, братството… Луѓето се оддалечуваат од своето битие, го ставаат својот опстанок во прашање. Тие што треба да го ублажат овој проблем мораат да се откажат од стекнувањето на своите приходи од гнасни технологии и да вложат големи средства во нови што не ја загадуваат природната средина. Од друга страна пресушуваат и другите извори на материјални добра. Нив ги има сè помалку, а заинтересирани сè повеќе. Додека тие војуваат за профит и сила, сите заедно патуваме во погрешна насока. Моќта се мери со количеството на пари со кои се располага.

Таквата моќ најтешко се контролира дури и кога е поделена. Иво Андриќ рекол: На овој свет сите Дрини се криви; никогаш сите тие не ќе можат потполно да се исправат; никогаш не смееме да престанеме да ги исправуваме.

Ние мораме прво да почнеме да ја исправуваме Дрината во нас. Што повеќе нејзе ја исправуваме така и Дрината во која сите се влеваат ќе биде помалку крива. Луѓето сакаат да веруваат дека сè не се завршува со смртта. Старите народи одредувале правила како да се добие право на друг живот. Непочитување на правилата подразбира дека тоа право нема да се добие и дека тој што не ги почитува, ќе биде казнет. И денеска трае потрагата на која уште никој не нашол одговор за Створителот, природата и човекот. Затоа се создале верувања, религии, науки, филозофии… Луѓето во почеток преку мистицизам сакале да стапат во врска со Створителот. Мистериите помогнале да се сфати нивното божествено потекло. Затоа оној кој знае не мора да верува, зашто верувањето почнува таму каде престанува знаењето. Оттука е мудроста: Nie veruvame vo ona {to ne znaeme i ne veruvame vo ona {to znaeme. Тоа упатува на правото и потребата секој да верува на свој начин. Човекот оди по патот што Створителот во него му го трасирал и на тој пат најчесто самиот се сретнува. Кога тие двајца ќе се запознаат, Патот станува видлив. Тој пат води кон центарот на неговото битие во кое се наоѓа ризницата на знаењето, благото што му е дарувано и до него мора да дојде сам. Тоа, наместо него никој не може да го направи. Луѓето прават разни работи незнаејќи каде му е благото што ќе му помогне да ги најде бараните одговори. Патуваат околу светот, се изложуваат на тешкотии, ризици, неизвесности… Кога нешто имате, а не знаете дека го имате, исто е како и да го немате. Ако знаете дека го имате, тогаш го барате. Знаејќи дека е тоа (благото) битно, дека без него никогаш нема да знаат она што го сакаат, претпоставувајќи дека е некаде далеку, за да дојдат до него, треба да направат голем напор. Така човекот со себе го носи своето благо барајќи го далеку од себе. Тоа е исто како да ги барате изгубените клучеви насекаде, освен во својот џеб. Благото што го носиме со себе, всушност е царство што немаме право да го чуваме зошто ни е дадено да го делиме со другите. Другите да го чувале, ние не би го пронашле. Ние не сме вистинските сопственици на тоа благо, туку сме негови корисници. Што повеќе го чуваме тоа е помало, тоа се множи само кога се дели. Со себичното чување на Благото, правиме складиште од материјал од кој никогаш и ништо нема да биде изградено и кое секој ден ќе биде сè помало и помало. Затоа треба да се подели со другите. Ние сме ризничари на даруваното Благо кое само со дарување може да се сочува. Колку даваме толку добиваме. Ако ни е срцето затворено, скриените закони на животот нема да ни укажат на вистинскиот Пат и никогаш повеќе нема да чукнат на вратата од нашата душа. Благото не може ниту да се купи ниту да се продаде. Не може ниту да се изгуби ниту да се најде. Единствено светилките на љубовта го осветлуват тој Пат.

vo tgebe

Затоа што: Чистата љубов блеска Ја отвора душата и ги затвора очите Тогаш не гледаш туку ја чувствуваш Безграничната нејзина моќ. Некој рекол: Кога доаѓаме на овој свет ние плачеме, а другите се радуваат. Кога од него си одиме другите плачат, а ние сме спокојни. Тоа што е меѓу тие две плачења што го нарекуваме живот всушност е голема мистерија, неразбирливо чудо. На поголемо чудо не можеме да се чудиме, а за него малку да знаеме. Потребно е луѓето да се запознаат себеси, преку барањето на вистината за своето духовно битие, сознавање на другите и светот во кој живее. Така влегувајќи во езотеричното, се поместуваат границите меѓу знаењето и незнаењето, допирливото и недопирливото, видливото и невидливото. Може да се заклучи дека нашето незнаење е големо и не го познаваме доволно сопственото битие. Како најчеста последица од непознавањето на своето битие е неразбирањето што предизвикува многу проблеми. Колку пати не сме се разбрале со другите и сме се искарале со тие што најмногу ги сакаме, колку пати сме ја почувствувале човечката неблагодарност и самотијата? Сетете се колкупати поради тоа сте се повлекле во себе и повторно сте се обидувале да ги разберете другите со желба и тие да ве разберат? Многупати сте се обидувале и исто толку пати сте се откажувале. Таквите односи го наметнуваат правилото и ние да бидеме како и другите, правдајќи се дека и другите така работат. Тогаш и ние стануваме проблем за другите и не сме повеќе жртва. Тогаш она што е најчовечко останува длабоко зачаурено во нас без можност да се развива. Тогаш страда Јас што е родено со нас и се зајакнува Јас што го формирале другите. Тогаш, како што вели Хесе, луѓето ја јадат горчливата обвивка околу лушпата на оревот, незнаејќи дека е внатре јадрото.

И луѓето имаат своја лушпа и свое јадро што треба да се препознае. Можеби Јас што е родено со нас е во тоа јадро, а она ученото од другите е во обвивката. Кога меѓу луѓето доминантната улога ја имаат содржините на двете јадра, љубовта, разбирањето, толеранцијата, солидарноста и заедништвото, постанува основна резултанта. Ако се јадрата затворени и недостапна па се комуницира на нивото на обвивката тогаш се јавува неразбирање, конфликт, судири, омраза… Ако во овие односи сакаме да го истакнеме најважниот збор, тоа би бил зборот љубов. Познато е од минатото дека сите оние кои дошле на повисоко ниво на сознание за нашата духовна вистина имале заедничка особина – биле учени да сакаат (Хаксли). Јапонците велат дека сите патишта водат на планината Фуџи, ама само еден до неговиот врв, а тоа е љубов. Што повеќе сме подготвени да сакаме тоа сме поблиску до сознанието.

Тие што мразат, од таа омраза не ја гледаат стварноста и талкаат во темницата на незнаењето. Љубовта претставува основен градежен материјал внатре во нас и меѓу нас. Човекот со својот труд го открива знаењето и станува свесен на искрата на универзалната љубов што е во него и на неговата мисија од искра да направи факел што ќе му го осветлува патот. Одејќи по патот осветлен со светилка од љубов, подобро се гледа и се сознава вистината за нашата духовна стварност. Ако е виното весник на сонцето на кое грозјето созрело, тогаш луѓето се весник на љубовта што ги изнедри, створи. Сократ и неговите сопатници биле уверени дека преку разговор може да се дојде до вистината за себе.

Затоа толеранцијата е сфатена како основа што го овозможува траењето на разговорот. Толеранцијата е став, а трпеливоста е однос. За ставот нема ограничување, за односот има. Целта на разговорот е да се дојде до вистината. Вистината ја бараат тие што не знаат каде е. Ако некој смета дека вистината се наоѓа кај него ќе смета дека разговорот не е потребен. Соговорниците тежнеат да ја сознаат вистината внимателно слушајќи се. Ако сме толеранти подобро ќе го разбереме соговорникот кој за иста работа зборува поинаку од нас. Во прилог кон ова сознание оди фактот дека сите луѓе се браќа, дека имаат исти потреби и би требало да имаат и исти услови, заедно со другите, да ги остваруваат. Еден од основните услови за тие сознание да се остварат е запознавајќи се себеси да ги запознаваш другите, вели Академик Миќуновиќ во предговорот на својата најнова книга.