13 мај, 2019
Денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид читателите имаа средба со писателите: Златомир Јовановиќ и Ибрахим Џемаил.
Златомир Јовановиќ културолог, писател, естетичар и публицист од Обреновац – Србија го промовираше својот роман: „Грјех једне Ромкинје“.
Јовановиќ е првиот наставник по ромски јазик во Србија. Бил член на Националниот совет на ромското национално малцинство од 2003-2010 година. Активно учествувал во пишувањето на Стратегијата за намалување на сиромаштијата усвоена од Владата на Република Србија и во Стратегијата за давање нови овластувања на Ромите, а од 2016 година тој е претседател на Здружението на ромските писатели во Србија.
Ибраим Џемаил е роден во Скопје, зад себе има две стихозбирки од кои денеска читаше песни. Учествувал на бројни манифестации во Македонија и во странство. Од 2016 година е член на Здружението на германски писатели за областа Северна Рајна Вестфалија.
Пред публиката Јовановиќ и Џемаил ги претстави нивниот охридски колега Мирко Томовски.
На промоцијата настапија и братот и сестрата Илија и Емилија Волканоски – гитара и флејта ученици во класите на проф. Александар Крстаноски и м-р Нина Момировска од ОМУ „Методи Патче“ – Охрид.