7 мај, 2019
Синоќа во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид беше промовирана книгата „Збунки“ од Ана Цветаноска.
Збирката за деца „ Збунки “ содржи 12 пиеси. Авторката Цветаноска низ хумористичен тон создала современи пиеси за деца во кои се прикажани секојдневните згоди и незгоди на денешните луѓе. Секоја од пиесите е реалистична слика и сцена од детството на секое дете.
-Драмските ситуации ги опфаќаат сцените од посетата на стоматолог; на средбата за родители во училиштето; ситуации од домашната семејна атмосфера; образовниот процес на секое дете; играта со облаците од фантазии; разговорите со животните и градинарските култури; итн. Авторот создава ликови на животни и растенија во кои низ нивниот глас се истакнати некои негативни човечки особини или душевни состојби и се учат здравите животни навики, рече промоторот Билјана Трајкоска.
Две пиеси присутната публика во библиотеката имаше можност да слушне и на чинот на промоцијата во изведба на дипломираните актерки: Христина Цветаноска, Сара Анастасиевска , Сандра Стефановска и вљубеникот во актерската игра Денис Мехмедовиќ.
Ана Цветаноска е родена 1970 година во Скопје, дипломирала на ФТУ – Охрид а пишува поезија и проза.
Зад себе веќе ги има стихозбирките: „Стихови за љубовта“ ( 2012), „Чемерика“ (2015) и „Световина“ (2017).
„Збунки“ е прва нејзина книга за деца а синоќа ја најави и новата книгата раскази за деца „Ајви“ која се надева дека ќе биде промовирана и во Охрид каде што авторката минала дел од детството.