×

Преведи ја страницата

Промовирана „ Македонците во светот“ од Славе Катин

20 август, 2019 

Вчера во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана книгата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Николовски – Катин.

naslovna

Во поздравната реч директорката на библиотеката Гордана Змејковска рече: -Покрај 58-те публикации, Катин е автор и на повеќе од 150 научни трудови од различни области и на над 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во светот. Тие, главно, се однесуваат на Македонија, иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литература.

gordana

Катин од пред една година е прогласен за прв почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“ . Во средината на седумдесеттите од минатиот век тој живееше и твореше заедно со сопругата Нада во Охрид, рече промоторот Милчо Јованоски, вработен во библиотеката и опширно се задржа на содржината на книгата.

milco

-Во публикацијата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) е претставена Македонија како земја која има долга и макотрпна историја проткаена со бескрајни страници, но и со премрежија и турбуленции кои оставиле длабоки траги кај населението што со векови живее на овие простори и кај Македонците од етничка Македонија ширум светот.

Во публикација особено е нагласена улогата на македонските православни цркви и црковни општини, клупски и други асоцијативни  облици на собирање  во прекуморските и во европските земји. Најголемиот број Македонци членуваа или се редовни посетители на тие многубројни асоцијации, каде тие организираат верски, национални, фолклорни, спортски, културни и други манифестации.

publika

Делото е поделено на седум глави. Првата глава е насловена „Вистината за Македонија“, во која се поместени текстови за долгата историја, поделбата и историскиот развој на Македонија. Втората глава е со наслов „Македонската православна црква-Охридска архиепископија“, во која се дадени текстови за христијанството кое е религија на Македонците, за историскиот развој на МПЦ-ОА и нејзините односи со црквите од соседните земји. Посебен простор е посветен на религиозната слика на Република Македониј, со нагласка на Македонската православна црква во иселеништвото.

Третата глава е насловена „Македонците во светот“, Во неа се презентирани текстови за миграционите процеси како судбина, етничките организации на Македонците во САД и Канада меѓу двете светски војни, православните цркви на Македонците под туѓа јурисдикција, потоа се дадени информативните гласила пред Втората светска војна, македонските селски и регионални социјални и културни братски и спортски организации.

Четвртата глава е посветена на македонски асоцијации во САД, како што се:Американско-канадско-македонската православна епархија, македонските православни цркви и национални центри, информативните гласила и асоцијации во државите: Индијана, Охајо, Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Илиноис, Калифорнија, Пенсилванија и Флорида.

agol

Петтата глава ги презентира македонските асоцијации во мултикултурна Канада и тоа: македонските организации, групи и асоцијации, македонски цркви и национални центри, весници и асоцијации во Онтарио, потоа македонските информативни гласила од 1957 до 1987 година, македонските медиуми од 1987 година до денес, како и материјали кои се однесуваат на креолизацијата на македонскиот јазик кај македонските иселеници, особено од егејскиот дел на Македонија кои живеат во Канада

Шестата глава е посветена на македонскиот печат во Австралија и Европа, со посебна нагласка на првиот печат во македонското иселеништво во Австралија од 1946 до 1977 година, потоа печатот во периодот од 1977 до 1988 и од 1988 година до денес. Посебно место е посветене на печатот во европските земји од 1959 година до денес, како и на печатот во источно европските земји, со посебна нагласка на весникот „Глас на Егејците“.

Во седмата глава се дадени материјали за Македонците во соседните земји, каде се поместени текстови за Егејска Македонија, за Македонците во Грција и нивната судбина, за светската средба на децата бегалци одржана во 1988 година, потоа се презентирани пригодни текстови за Македонците во Бугарија, Албанија и во Србија, кои се дел од судбината и вистината за Македонија, рече промоторот Јованоски.

sveto

Славе Катин е најплодниот автор во областа на македонското иселеништво ширум светот, истакна вториот промотор неговиот пријател и колега Свето Стефановски:  – Кога се зборува или пишува за творештвото и животниот пат на Славе Катин треба да се нагласи дека тој не припаѓа на политичка партија, туку е голем вљубеник во својата родна Преспа во Охрид, во Македонија и македонскиот народ распрскан по светот, во македонскиот јазик и култура на  Македонците во татковината и во светот, како и во Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Славе Катин е роден на 19 август 1941 година (на денешен ден), во Долна Преспа, во непосредна близина на старата населба Наколец, која во тој период била дел од Преспанското Езеро.  Извесен период по неговото раѓање, семејството се преселува во Љубојно, од каде е неговата мајка, од семејството Грежловци.  Таму Славе го помина детството и поголемиот дел од младоста, а се навраќа во него скоро цел живот. Во прекрасниот дом во печалбарското Љубојно, Славе Катин и неговата сопруга Нада, меѓу другото  поседуваат  македонска соба со народни носии и предмети, како и библиотека со над 4.000 книги.

Славе Катин е  добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои на најпрестижната награда „Крсте П. Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија од областа на журналистиката, рече Стефановски.