Во истиот термин во соработка со Средното економско училиште „Св Кирил и Методиј“ од Охрид кое го слави патронот во присуство на ученици од училиштето професорката по македонски јазик од истото училиште Марија Симјаноска одржа предавање посветено на мисијата на солунските браќа и нивното значење за нас и за целиот словенски свет.
Кои се светите Кирил и Методиј , всушност? Прочитајте од обраќањето на проф. Симјаноска:
Светите браќа Кирил и Методиј се творци на словенската писменост, со чија појава во 9 век започнува нова ера за Словените. Создавајќи ги словенското писмо и првите словенски книги, ги вброиле Словените во редот на културните народи во светот. Кирил и Методиј се првите словенски учители и просветители. Преку својата мисионерска работа, ширејќи го христијанството меѓу моравските и панонските Словени, на непосреден начин помогнале за описменување на голем број ученици кои го продолжиле нивното дело.
Аристократското потекло на татко им, им овозможува да се школуваат во најпрочуените тогашни школи, како што е Магнаурската школа во Цариград, каде што подоцна св. Кирил станал професор по филозофија, добивајќи го прекарот „филозоф“. Заради големата ораторска и проповедничка дарба, византискиот двор честопати го испраќал во мисии да го шири христијанството најпрво помеѓу Сарацените, а потоа и меѓу Хазарите и Словените.
Се смета дека во 851 година Кирил, веќе познат на византискиот двор како многу учен и паметен човек, бил испратен да ја изведе првата мисија кај Сарацените, која имала верско-политичка цел. Учените Сарацени поставувале прашања од најсложените поставки на христијанската религија. Притоа, Кирил им го објаснил значењето на светата Троица, сфаќање коешто посебно ги збунувало муслиманите. Покрај точните и убедливи одговори, Кирил во полемиките покажал надареност за вонредно убаво изразување, користење на стил којшто многу одговарал на полемичката нота, а со сликовито разјаснување на проблемот доаѓал до убедлив заклучок, збунувајќи ги противниците и излегувајќи како мудар победник.
Сакајќи да ја елиминира опасноста од експанзијата на Хазарите, византискиот двор прибегнал кон испробаната практика и ја организирал Хазарската христијанска мисија. којашто имала суштинска политичка цел и преку верскиот карактер на преговорите требало да се наметне христијанската религија. Главната улога при изведувањето на оваа мисија им била доверена на браќата Кирил и Методиј. На патот кон Хазарите, Кирил и Методиј навратиле во градот Херсон на Црното Море, каде што Кирил одлично го изучил еврејскиот јазик и превел осум делови од граматиката, Тука Кирил ги пронашол моштите на одамна починатиот римски папа Климент, коишто по деветгодишна одисеја ги пренел во Рим. Пронаоѓањето на моштите го инспирирало Кирила и по тој повод составил три книжевнн творби: расказ за пронаоѓањето на моштите, свечено слово по истиот повод и химна за херсонскиот настан. И трите творби биле составени на елински (грчки) јазик, а потоа преведени на латински јазик. Според „Панонските легенди“, по успешните толкувања на христијанската религија, многу луѓе од хазарската држава го примиле христијаиството, а односите меѓу Византија и Хазарскиот каганат биле подобрени. Верската нота на мисијата постигнала значајна политичка и дипломатска цел. Од далечната хазарска одисеја браќата ги донеле во Рим светите реликвии-моштите на римскиот папа Климент, заради што папата Адријан II им укажал посебна почест.
Третата државна мисија на двајцата браќа била познатата Моравска мисија, којашто отпочнала по барање на моравскиот кнез Ростислав во 863 година. За нејзиното остварување и двајцата браќа макотрпно ја граделе низата отстапки што ја извршувале римските папи, заинтересирани за младите словенски кнежевства и држави, како и цариградските патријарси и императори. Нивната пожртвуваност и љубовта што ја негувале кон словенскиот род, им била основна поента на многу слависти, кога се определувале за нивното словенско потекло. Но, без оглед на нивната припадност, делото на солунските браќа останува како траен залог, вткаен во културната историја на Словените. На 14 февруари 869 година во Рим починал Кирил Филозоф во екот на изведувањето на Моравската мисија, задолжувајќи го својот постар брат Методиј да ја доора започнатата бразда. Оваа важна мисија, е со непроценливо значење за културниот развиток на сите словенски народи, притоа оставајќи траен печат во нивната културна историја, и задолжувајќи нѐ сите нас, да бидеме достојни продолжувачи на нивното дело.
Браќата Кирил и Методиј се појавиле пред Словените во пресудните моменти од нивното егзистирање, во IX век кога овие народи се бореле за опстојување, опколени со држави со долга традиција и со аспирации за престиж во соседството. Затоа, мисијата што ја покренал моравскиот кнез Ростислав ќе биде од пресудно значење за натамошниот општествено-културен растеж и зацврстување на Словените, зашто генијалната работа на Константин – Кирил врз создавањето на словенската азбука, ќе биде општо достоинство за сите нив. Првите преводи на старословенски јазик, врз основа на дијалектот на Македонските Словени од околината на Солун, ќе бидат подеднакво разбирливи за сите Словени, иако наменети за изведување на мисијата во Моравија.
Во пресрет на 1969 година, кога се навршуваа 1100 години од смртта на сесловенскиот просветител Кирил Солунски, се роди идејата на 24 мај секоја година во Рим, со пригодна свеченост од името на македонскиот народ, да му се оддава почит на св. Кирил, за неговото епохално дело. Тоа е трајно запишано на македонски и на италијански јазик на бакарната спомен-плоча поставена во 1970 година, преку која веќе се чувствува превезот на патината на времето. Светите браќа Кирил и Методиј упеале да станат апостоли на Словените. За овие свои заслуги, во своето апостолско послание „егригае виртулис“ , папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, ги прогласил за покровители на Европа.
Ученичката Ивана Ническа прочита дел од словата посветени на браќата Кирил и Методиј. Професор д-р Павле Митрески се наврати на сопствените истражувања во Далмација во околината на Цавтат а делови од неговиот истражувачки труд посветен на 1000 годишнината од Моравската мисија презентираше Христина Трпеска, вработена во библиотеката.