20 јуни, 2019
Денеска во Охрид, со посетата и приемот од страна на директорката на НУ Библиотека “Григор Прличев”, Гордана Змејкоска, по 4 дневна работа, заврши Првиот Балкански детско – младински Поетски камп: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески – 2019”.
Тука, учесниците, беа во можност да ги разгледаат новите простории во кои ќе биде сместен богатиот книжевен фонд, додека директорката Змејкоска, посебно, им ги претстави оригиналните, раритетни изданија од најрани дела на магот на македонското детско творештво, писателот Николески, печатени веднаш после ослободувањето на земјата, по Втората светска војна. Претходно нашата библиотека донираше книги напишани од големиот Николески кои ќе станат дел од неговата спомен соба и манифестацијата.
Денеска на гостите – учесници на поетскиот камп им беа врачени – подарок книги од страна на библиотеката.
Потоа, во името на организаторот на маниестацијата – Здружението за култура и литература “Мацково”, новинарот и публицист Веле Митаноски, им ги врачи Дипломите за учество и успешна работа, на младите, идни поетски надежи од Македонија, Албанија, Србија, Бугарија и Хрватска, како и деца – потомци на семејства од Егејскиот дел на Македонија, со македонско и грчко етничко потекло.
Во текот на четирите дена, учесниците коваа нови стихови во Охрид, Вевчани, Белчишта и Црвена Вода – пред родната куќа на Николески, а ја разгледаа и неговата “Спомен соба” во селото.
Во Црвена Вода, ја посетија зградата во која, во Втората светска војна, е создавана новата македонска држава. Тука престојувал Главниот штаб на НОВ и ПОМ, сојузничката мисија, партизанската болница и печатница, со Манифесотот до македонскиот народ – првиот печатен документ на македонски јазик,
Младите автори, беа примени од градоначалниците на општина Дебрца, Зоран Ногачески и на општина Вевчани, Сашо Јанкоски, другаруваа со своите врсници од ОУ “Ванчо Николески” во Лескоец, крај Охрид, но и со мештаните на Црвена Вода, кои им евоцираа сеќавања за големиот писател, нивни славен соселанец.
Имаа средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, инаку внук на првоборецот од НОВ и ПОМ Трајче Трајчески, опеан како курирчето Трајче во култниот роман на Ванчо Николески “Волшебното самарче”, додека писмено им се обрати и правнукот Дејан Азески.
Во Струга ги прими деректорот на СВП, Тодорче Тасевски.
До нив и манифестацијата,чии гости беа, писмени Посланија им испратија претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендароски, генералниот секретар на Светската академија за поезија на УНЕСКО, госпоѓа Лаура Троиси, претседателот на Одделот на академијата за словенскиот свет, познатиот книжевник Мајо Даниловиќ, претседателот на Собранието на ДПМ, професор д-р Христо Христовски и други.
Учесниците во Охрид, положија цвеќе на гробот на Ванчо Николески, а заедно со претседателот на Општинската организација на Сојузот на борците и поддржувачи, за Охрид и Дебрца, Гоце Ѓорѓиески и на гробот на Трајче Трајчески – курирчето Трајче од “Волшебното самарче”.
Организатор на маниестацијата, беше Здружението за култура и литература “Мацково”, од Охрид, во соработка со општините Охрид, Дебрца и Вевчани, како и со финасиска поддршка на Министерството за култура, спонзори и помагатели.
Насекаде беа опкружени со внимание и почит, домаќините им приредуваа прием и ги почестија со пригодни подароци, додека Ротари Клубот од Охрид ги даруваше со училишен прибор и со делата на Николески, мегу нив и неизбежното “Волшебно самарче“.