19 јули 2019
Вчера во посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше мала делегација од тројца учесници на Летен камп наменет за деца со македонско потекло ( од дијаспората) придружувани од Ивана Цветковиќ од Лесковац.
Цветковиќ е една од најактивните членки на Националниот совет на Македонците во Република Србија.
Во библиотеката беа примени и разговараа со директорката Гордана Змејковска.
Накусо гостите беа запознати со улогата на нашата библиотека и фондот на книги, а Ивана Цветковиќ одблиску не информира со состојбата на македонскиот јазик во Србија.
-Македонскиот јазик во соседна Србија со елементи од националната култура во основното образование почнувајќи од прво одделение е изборен предмет, рече Цветковиќ.
Во мигов според неа македонскиот јазик го учат околу 280 деца од Суботица до Прешево. Но, најмногу 120 деца континуирано јазикот на нивните предци го учат во Лесковац и околината.
Гостинчињата заедно со нивната наставничка на библиотеката во името на Националниот совет на Македонците од Република Србија и подарија најнови примероци од списанијата: „Македонска виделина“ и „Ѕуница“ како и други книги во издание на македонскиот совет.
Возвратно директорката на нашата библиотека им предаде одбрана македонска литература со која ќе бидат збогатени училиштата во кои се изучува македонскиот јазик. Договороено е контактите да продолжат а соработката во иднина да се продлабочи.