29 мај, 2019
Вчера во работна посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ престојуваше делегација од библиотекари од Универзитетска библиотека на Стенден Универзитетот од Леуварден, Холандија.
Раководителот Роналд Вијња, Маргриет ван дер Гиесен и Симон Лендерс придружувани од м-р Јелена Петровска од НУУБ „Св. Климент Охридски“ имаа работна средба со директорката на библиотеката Гордана Змејковска и вишиот библиотекар, м-р Мариче Боздоганова како и со други стручни лица од охридската библиотеката.
Гостите од Холандија исцрпно беа запознати со функционирањето, стратегијата и визијата на библиотеката и плановите за нејзин развој и за соработка со сродни институции од земјава и странство.
Делегацијата од Леуварден , Холандија во придружба на нивните колеги од Охрид и Битола направија обиколка на дел од богатото културно наследство на градот а ја посетија и Спомен собата на познатиот холандски писател и публицист А. ден Долард сместена во „Култура 365“ во Охрид каде од сопственикот Мишо Јузмески беа информирани за врските на Ден Долард со Охрид и неговиот роман „Свадбата на седумте Цигани“ кој со децении со својата содржина ги влече Холанѓаните во Охрид.
Посетата на холандските библиотекари на библиотеката во Охрид беше на иницијатива на битолската Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ која со нив соработува од лани преку проект поддржан од Министерството за култура.