Нека ни е честит 23 Април Светскиот ден на книгата и авторското право

Нека ни е честит 23 Април Светскиот ден на книгата и авторското право

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 23 Apr 2022

23 април, 2022 г.

Светот денеска (23 април) како симболичен датум во светската книжевност го одбележува Светскиот ден на книгата и авторското право,  а во чест на  двајцата великани на светската книжевност  Вилјам Шекспир и Мугуел де Сервантес  кои со своите  дела го задолжија човештвото.Инаку, одлуката за одбележување на Светскиот ден на книгата и на авторското право е донесена на Конференција на УНЕСКО одржана во Париз во 1995 година.

По повод Светскиот ден на книгата и на авторското право, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје на 26 април, со почеток во 12:00 часот, со чествување на книгата, авторите и читателите, го организира овој веќе традиционален настан со подарување книги и рози во холот на Библиотеката.

Истиот ден 26 април, вторник во 12 часот,  во чест на Светскиот ден на книгата на посебен настан во нашата библиотеката во Охрид ќе бидат прогласени најредовните читателите за 2021 година во категоријата деца и возрасни, најмлад и највозрасен читател , како најчитаните домашни и странски автори и книги.

На околу триесетина наши сограѓани Библиотеката за донираните книги во изминатиот период ќе им се оддолжи со благодарници кои ќе им бидат врачени во рамките на настанот.

Во чест на нашиот празник и празникот на книгата ви ги предаваме во целост пораките од од г-а Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО и од проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, која ја напиша македонската порака.

Порака од г-а Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право 23 април 2022

Книгите, уште одамна, ја отелотворуваат човечката способност за создавање светови, и реални и замислени, давајќи глас на различните човечки искуства. Тие ни помагаат да споделуваме идеи, да добиеме информации и да поттикнеме восхит за различни култури, овозможувајќи далекосежни форми на дијалог меѓу луѓето низ просторот и времето.

Непобитен е потенцијалот на книгите да му дадат чувство на исполнетост на човека и да создадат општествени промени. Според зборовите на познатата нигериска авторка Чимаманда Нгози Адичи: „Да се избере да се пишува значи да се отфрли тишината“.

Ова е причината зошто УНЕСКО е одлучно посветена на промовирање на пристапот до книгите и читањето – на пример, преку нашата програма Светска престолнина на книгата. Во 2022 година, мексиканскиот град Гвадалахара го презема називот Светска престолнина на книгата, со едногодишна програма којашто се фокусира на улогата на книгите и читањето во поттикнувањето општествени промени, борбата против насилството и градењето култура на мир.

Во моментов, и покрај важноста на книгите за одржување на социјалната благосостојба, издавачката индустрија се соочува со големи пресврти – пред сè, со дигиталната трансформација. Овие предизвици станаа навистина јасни за време на КОВИД-19, кога падот на приходите ја зголеми ранливоста на авторите и на продавачите на книги, како и на другите креативни професионалци низ синџирот на вредност. Исто така беше загрозена и културната разновидност, бидејќи бројот на објавени наслови неизбежно се намали.

Во несигурни времиња, мораме да ги цениме и браниме книгите како симболи на надеж и дијалог. Тоа значи да се солидаризираме со професионалците коишто го шират нашето книжевно наследство – писатели, уредници, издавачи и преведувачи. Овие професионалци, додека градат мостови меѓу континентите и културите, мора да бидат заштитени и да се признае нивната вредност.

УНЕСКО е цврсто посветена на оваа цел. Во време кога дигиталната технологија ја менува издавачката индустрија, ние се залагаме за правичен надомест за  авторите и за заштита на културната разноликост. Ја поддржуваме работата на издавачите преку активности како што се партнерства со Меѓународниот форум на автори, Меѓународната федерација на библиотечни здруженија и институции и Меѓународната асоцијација на издавачи.

На Светскиот ден на книгата и авторското право, ги повикувам сите партнери на УНЕСКО да ја споделат пораката дека книгите се сила со којашто може да се справиме со современите предизвици, да ја разбереме политичката и економската реалност и да се бориме против нееднаквостите и дезинформациите. Раскажувањето приказни е неверојатно ефикасна алатка кога станува збор за едукација на помладите генерации.

Навистина, книгите се витални средства за пристап до пренесување и промовирање на образованието, науката, културата и информациите ширум светот. Поради оваа причина, секоја година, на 23 април – датум што го означува заминувањето на тројца големи автори на светската литература, Мигел де Сервантес, Вилијам Шекспир и Инка Гарсиласо де ла Вега – ја славиме нивната волшебна моќ да поттикнат иновации, да генерираат знаење и да го сменат  начинот на мислење.

Македонска порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право ја напиша проф. д-р Анастасија Ѓурчинова:

Чест ми е да ја упатам денес и од ова место пораката по повод денот на книгата, во овој миг на надеж, кога по две години нереално живеење во пандемија, повторно имаме можност за средба, за допир, за заедништво. И во пандемијата книгата, раскажувањето и читањето имаа посебно место, за многумина од нас беа најдоброто друштво во часовите на затвореност и изолација, како што се и денес, среде турбулентните времиња во кои живееме. Впрочем, славната книга Декамерон од 14 век Бокачо ја напишал токму за време на една епидемија, славејќи го во своите новели животот, еросот и љубовта, наспроти заканите од болест, од смрт, од танатос.

Кога денес велиме книга, мислиме на сите нејзини форми, видови и родови, од глинените плочки, преку Гутенберг, сè до дигиталната верзија на електронскте книги. Мислиме на книгата во оригинал, која е столбот на човечката креативност, инвенција и слобода на говорот, но исто така и на книгата во превод, која сведочи за бескрајните можности на планетарно поврзување помеѓу луѓето, јазиците и културите. Мислиме на макотрпноста на авторството, на авторските права и на вреднувањето на авторскиот труд, во оригинал и во превод.

Неспорна е во овој процес улогата на библиотеките во грижата за книгата, книгите и писателите. Чилеанската писателка Изабел Аљенде мудро забележала: библиотеките се населени со духови кои ноќе излегуваат од страниците на книгите. Не знам што велат ноќните чувари на оваа наша, народна и универзитетска библиотека во Скопје, но од книгите бездруго нè демнат, и дење и ноќе, илјадници ликови, мажи и жени, исповрзани и испреплетени во неверојатни односи и релации, преку приказните што ги споделуваат. Убавината е токму во приказните, кои речиси со векови се раскажуваат на исти теми кои отсекогаш го опседнувале човекот: војни, љубови, пријателства, страсти, радости и страдања, а сепак со толку многу варијации и толкаво богатство на разновидни форми и стилови. Во книжевноста, да го парафразираме нашиот Блаже Конески, е како и во љубовта: сè е речено, а сепак треба сè допрва да се рече. Секоја книга ви нуди по една верзија за тоа што е и каков е животот, укажува и писателот Салман Ружди; доколку не ви се допаѓа, не читајте ја. Или уште подобро – напишете си своја.

Сеедно на кое место од „светото книжевно тројство“ ќе му дадеме предност, на авторот, на делото или на читателот, важно е да се чита, забележува италијанскиот писател Итало Калвино, било да го правиме тоа расеано, скокајќи од ред на ред, или темелно и сконцентрирано, од почетокот до крајот; било да препрочитуваме, во очајничка потрага по некоја омилена, загубена книга, или да читаме љубопитно, во потрага по недостижната, совршена книга. Независно дали ќе ја читаме во хартиена форма, чувствувајќи го мирисот на печатницата, или во дигитален облик, на таблет, на компјутер, на смартфон, сè понеопходна ни е книгата, за да ги исфилтрираме насобраните информации, за да си дозволиме да читаме и бавно и промислено, за да ги стекнуваме новите знаења, но и да ги проверуваме старите, да ги преиспитуваме нашите со туѓите размисли.

Навистина постојат огромни, непремостливи разлики помеѓу луѓето кои читаат книги и оние кои не читаат. Дозволете ми да завршам со мудриот совет на Умберто Еко, кој велеше: „Оние кои не читаат, кога ќе наполнат 70 години ќе имаат проживеано само еден живот: својот. Оние кои читаат, проживеале илјадници други животи: тие беа присутни на битката кај Ватерло, беа таму кога Каин го уби Авел, кога Ренцо се ожени со Лучија, кога Леопарди ѝ се восхитуваше на бесконечноста … Бидејќи читањето, покрај сè друго, е и нашиот скромен прилог на патот кон бесмртноста“.

НУ Библиотека