„Напиши стих – купи кафе“ – кај кого одат наградите и благодарниците?

„Напиши стих – купи кафе“ – кај кого одат наградите и благодарниците?

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 10 Apr 2022

11 април, 2022 г. 

На 21 Март по повод Светскиот ден на поезијата во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид , култната кафетерија „Аквариус“ „АБВ дизајн“ издавачката куќа ТРИ од Скопје и „Монкафе“ во АКВАРИУС  по трет пат се одржа овој настан кој со години е тренд во светските метрополи.

Над 100 охриѓани од различни возрасти го прифатија предизвикот се дружеа и купија кафе со стих.

Како и што најававиме посебна комисија од Библиотеката ги собра творбите и по направената селекција познати се наградениите и оние кои ќе добијат благодарници.

Бети Лазеска – Симоноска, Христина Трпеска и Елена Станкоска од нашата библиотека велат дека голем дел од творбите имаа нечитлив потпис или беа без шифра и име а на сите кои беа без наслов а влегоа во потесниот избор за награди и објавување Комисијата по свое наоѓање им даде наслови.

Наградените наградите ќе можат да ги подигнат во библиотеката , секој работен ден од понеделник до петок  од  9 до 15 часот  со претходно јавување на мобилниот број 075 201 901

 

 

I НАГРАДА

Далечина

Далечина во погледот твој!

Студенило во срцето твое!

Железен обрач е прегратката твоја,

Лажна е љубовта наша!

 

II НАГРАДА

Не верувам

Не верувам во зрак што гали!

Не верувам во солза што се рони!

Не верувам во насмевка лажна!

Верувам во себе, во сонцето,

во животот, во името во љубовта!

 

III НАГРАДА

Во свеста

Во свеста, како во полноќна црква, те заклучив.

И свеќи ко што бледнат на гасење ти сега бледиш така

                                                          Кристина Војдиноска

 

 

IV НАГРАДА

Синоока

Низ бури и ветришта во неспокој што ме фрлаат

Кога стравот и болката станале сојузници

Тогаш, о тогаш

Како молња го сечеш небото и ме храбриш

Ми го обвиткуваш срцето со љубов

О, ти, синоока, сјајноока

 

 

БЛАГОДАРНИЦИ

Сончеви денови

Сончеви денови

Поврзани со песната на срцето.

Пееме за душата,

Без да пуштиме глас

Насмевката ги искажува

Сите зборови.

                                                             Стевка

 

Живот

Животот е убав и треба да се живее,

Не се парите тие кои го оплеменуваат човекот,

Туку дружењето помеѓу луѓето.

А, сепак најтешко е во овие денови

Да се биде човек.

Илија

Очи

Очи скаменети и пијани

За навек осудени,

В мисла вечно ставени

Никогаш заборавени.

                                       Н. М. Бабе

 

Кафе

Не се може мој братко

Без моето слатко

Утринско кафе кратко!

                                          Калан

 

Ми недостигаш

Ми недостигаш ти оваа вечер,

Ми недостигаш ти и твојата насмевка,

Твоите очи.

Ми недостигаш ти

А, ноќта е долга,

Ми недостигаш ти,

За сон, за мир и за љубов.

                                                Мишко Танески

 

 

За убавите утра

За убавите утра и прекрасните мигови,

Смиреноста на далгите, спокој на душата.

                                                                Шандан

 

Ќе дојде време

Ќе дојде време време кога секој ќе го добие заслуженото.

Некој ќе се радува, некој ќе стравува.

                                                                  Цвик

 

Живтона печалба

Како дете од дедо ми многу мудри мисли слушнав

Една од нив од секогаш

Ја грее мојава душа.

“За на старост да печалиш”

Ќе речеше дедо,

Кога ќе бидеш возрасен

Само ќе ти се каже, чедо.

 

 

Патеката на животот

со своите крстосници

кај мудрата мисла

ме донесе пред пагот.

Во убавиот сончев ден

како дете сум возбуден,

со моите пријатели

во животот спечалени

повторно, заедно сме збрани.

И оваа година…(некоја по ред)

Крај езерскиве бистри води

Ги читаме своите стихови,

Празникот на пролетта се слави!

                                     Митко Ц. Колјушевски

 

Ние под сонцето

Зар пролетта не пее

На јазикот на кој

Сонцето прав пат вдиша здив,

Првото прастаро сонце;

Што привлечно од убост

Се преслика во се?

Зар таму не заспа

И нашиот прататко?

Носејќи ѕвонци в раце,

Да ги разбуди Енакитите,

Сеејќи љубов, надеж и верба.

Зар не роморевме

Со познати знаци и звуци?

Та сега да изумиме

Кои сме, едни или други?

Го сонив денот во кој

Повторно достојни ќе чекориме

Од четири страни,

Со стихови во нашите мисли

и срце: “Мајко, ние сме”.

                                  Маја Мојсова

 

Поезијата и пролетта

 

Поезијата и пролетта

Се две сестри.

Закитени со убави зборови

И разнобојни цвеќиња.

Отвориш душа, погледот

Го насочиш во воденото огледало

И ги впиваш мирисите.

Е, тоа ти го исполнува животот

И ги полни сите пори.

Среќен си.

Заковани мисли во овие убавини.

Ги забораваш грижите

И се исклучуваш од

Неубавите нешта.

Имам време на претек

Само за мене,

Со музата од поезија

И оваа убавина.

Јасното сонце блеска

Со својата топлина,

Од овој свети Божји град на Самоила.

Афродита е божица на љубовта,

А  јас на болката и среќата

На ѓердан со измешани чувства

А сепак денес многу среќна.

                                 Марија Младеновска

 

Светлина

Утрото  ни подари

Светлина

И слепите

Се радуваа

Слушајќи ги

Распеаните птици

На расцутените

Бадеми.

Трифун Ѓоргиевски

 

 

Ноќ

Капка роса

Се стркала

Низ мојава душа

Сами ли сме?

Шум на стапки

Во ноќта слушам.  

                 Мирко Томовски

 

Светлина

Се спушта

Снежната галичка

Светлина мила.

Охрид го носи

На своите крилја.

Го нурка во водите

Синозелени- бистри

Стои стамено и

Испушта ѕвездени искри

Со нескршлив дух.

И силен строј

Во виорниот бој

На гордиот сој

Ја негуваме

Светлосната душа ширна

За човековата иднина мирна.

                                       Љупчо Милковски

 

 

Живот

Животот кога ќе е тежок,

Работите стануваат лесни

Животот кога е лесен

Работите стануваат тешки.

                                           Сонце

 

Збор

Еден збор кажува малку,

А, може многу да значи.

Еден поглед не кажува ништо

А, открива се.

Така и односот помеѓу нас,

Како ветрот и езерото.

                                   Славчо Архивски

 

Насмеј се

Насмеј се за се што помина,

Па дури и душата да те боли.

Насмеј се за се што доаѓа

Жарот во очите нека гори

Насмеј се

За утре затоа што некоја

нова врата ќе ти се

отвори.

                               Стефан Лазески

НУ Библиотека