Промовирана монографијата „Прличеви беседи – Хроника на еден културен настан“ (1952–2022)

Промовирана монографијата „Прличеви беседи – Хроника на еден културен настан“ (1952–2022)

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 05 Feb 2022

5 февруари, 2022 г. 

Со  промоција на монографијата „Прличеви беседи – Хроника на еден културен настан“ (1952–2022)  од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковск денеска Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ ја одбележа 70 годишнината од иницијативата за почеток на култната манифестација „Прличеви беседи“.

Промотор беше новинарот и публицист Владо Жура, извадоци од беседите презентираше Лионела Јаковлева а свој настап имаа и оркестарот и пејачката група при ФА „Бисери“ под раководство на Татјана Тренеска.

Директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и еден од авторите на книгата Милчо Јованоски во име и на колешката Гордана Змејковска во својата пригодна реч кажа:

Меѓу кориците на книгата на едно место се многу сведоштва и беседи за Прличев и манифестацијата во целост. Многу од оние кои ги граделе беседите во Библиотеката со посебен пиетет кон Прличев и Охрид денес за жал не се меѓу нас.

Само пред седум дена неочекувано не напушти и нашиот поранешен колега и директор на библиотеката, писател Тоде Илевски.

Во знак на почит кон сите кои не се меѓу живите – Ве повикувам со минута молк да им изразиме почит за нивното дело.

Со  промоција на монографијата „Прличеви беседи – Хроника на еден културен настан“ (1952–2022)  од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковск денеска Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ ја одбележа 70 годишнината од иницијативата за почеток на култната манифестација „Прличеви беседи“.

– Основа, за да почнеме и да продолжиме со истражувањето ни беше првата монографија од авторот Маринела Јовановиќ која го опфаќа периодот од 1952 година заклучно со 1996 година. Нејзини издавачи се: Градската библиотека „Григор Прличев“, Радио Охрид и книгозидателството „Мацедониа Прима“.

Покојната Маринела Јовановиќ и денес во библиотеката  за возрасните e синоним а и младите колеги ја запознаваат преку нејзините дела и важи за вистински вљубеник во книгата и личност посветена на професијата.

Јас и колешката Змејковска, како автори продолживме, таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Прличев, вели Јованоски.

Концепциски, оваа монографија е надградена и збогатена со сеќавања и беседи за Прличев на домашни и странски писатели и поети. На површина излегуваат нови факти и нешта кои до денеска не сме ги знаеле или биле недоволно разјаснети.

Монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев.

Без нив не ќе можевме. Посебна благодарност Библиотеката  за финансиската поддршка изразува на Министерството за култура и Општина Охрид со чија помош монографијата е отпечатена.

Благодарност до сите кои на еден или друг начин со свои трудови, сугестии и фотографии помогнаа содржински монографијата да биде побогата. Тоа се: ТВМ, Људмил Видически – Буде, Сашо Силјаноски, Мирко Томоски, Смиле Наумовски – Брсјак, Паско Кузман, Стојан Савески, Данче Наумоска, Татјана Тренеска, Емил Јовановиќ,   Миле Цветаноски и колешките Елена Долоска и Мариче Боздоганова и секако  благодарност за нашите колеги од Центарот за култура кои во овие пандемични времиња дозволија настанов да се одржи на нивната сцена. Се надевам дека не пропуштив некого.

Дозволете да изразам посебна благодарност до новинарот и публицист драгиот Владо Жура за прошетката низ Охрид од времињата кои останаа зад нас и прекрасната и слоевита промотивната реч. Искрена благодарност до оркестарот и пејачката група при Фолклорниот ансамбл  БИСЕРИ и водителката на овој културен настан драгата Лионела Јаковлева.

Ние авторите, ќе повторам, тоа го напомена и почитуваниот Жура свесни сме дека и со собраното и веќе објавеното ни оддалеку не можеме да ги затвориме страниците за Прличев, туку напротив ги оставаме отворени за повторно ние или некој после нас да го збогати со нови содржини, мозаикот наречен Прличев.

Во монографијава подробно се обработени речиси сите активности кои се случувале во последните 25 години во рамките на „Прличевата или Охридска визита“ што всушност е едно исто. Првата визита се одржала во далечната 1963 година во Библиотеката а подоцна просторот се менувал и пак се враќала од каде што почнала.

Прличев му се восхитувал на свети Климента – заштитникот на Охрид и на народот во секоја беседа им говорел за него, ама и за светите браќа Кирил и Методиј.

Како што тој им се поклонувал секоја недела (кога бил во својата таткојна – Охрид) во црквата „Св. Богородица – Перивлепта“ така сите ние будно се трудиме да ги дешифрираме неговите мудри пораки.

Посебно сме горди што монографијата беше готова и отпечатена во Годината посветена на Конески, кој слободно може да се рече дека е следбеник и продолжувач на големото Прличево дело.

Академик Милан Ѓурчинов  во една пригода рече: „Треба да се слави неговото дело, поради неговата бесмртност. Прличев не е само наш литературен предводник. Тој е човекот кој зборувал, читал и пишувал на 10 јазици а такви луѓе не  сме имале многу  во нашата историја.

Ова обраќање ќе го заокружам со извадок од заклучокот на професор д-р Георги Сталев еден од најдобрите и најголемите познавачи на животот и делото на Прличев, објавен во 2005 година во монографијата „Творечкиот лик на Григор Прличев“ – издание на Институтот за македонска литература од Скопје. Во него д-р Сталев, вели: А прашањето: – чиј БИЛ Гр. Прличев и ЗОШТО бил чијшто бил и не е сега ни толку битно колку што ни изгледа историски интересно! Сепак најлесното од сѐ, во травматичната негова заплетканост (и не само негова!) се препознава дека БИЛ Македонец и останал Македонец (макар и да се сметал, ТАКОВ, како припадник на туѓи етноси), зашто сѐ што сторил, го сторил за Македонија, – потврдено од сите страни!

БИЛ и „Грк“ („таков“ реализиран и со ситно –злобни и со величествени дела). „БИЛ“ и Бугарин, но според сопственото признание, Убитиј блгарами, сиреч: „од своите“!) И, најпосле, бил Славјанин: иделаист, утопист кој верувал дека „едно е славјанското племе“ и се погрижил, како и другите негови сомисленици од братските заедници, да создаде самостојно еден ОПШТ СЛАВЈАНСКИ ЈАЗИК што ќе ги обединува, барем на културен план, сите Словени! И – реализирал МНОГУ токму на тој јазик, без да биде прифатен во Бугарија, кога најмногу се надевал на подадена рака!..

ТАКОВ, – дајбоже СИОТ СВЕТ да го присвојува, запишал проф. д-р Георги Сталев.

Почитувани во името на колегите од Библиотеката ви благодарам за присуството.

Беседите продолжуваат и утре.

Ви посакувам и догодина да сме заедно на идните Прличеви беседи

НУ Библиотека