Башевски: Во пандемија, библиотеките имаат посебна улога, со книгите што ги чуваат, да ја исполнат осамата со духовни, трајни вредности, место со дневни тривијални нешта

Башевски: Во пандемија, библиотеките имаат посебна улога, со книгите што ги чуваат, да ја исполнат осамата со духовни, трајни вредности, место со дневни тривијални нешта

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 23 Apr 2021

23 април, 2021 г. 

Ја упатувам оваа порака денес, 23 април 2021 година, по повод Меѓународниот ден на книгата и авторското право, во време на ковид пандемија која еве, повеќе од една година, менува многу од она што беа нашите животи. Писателите, издавачите, читателите, сите тие кои се најдиректно поврзани со книгата, во особенава ситуација мора да го прават она што е најсоодветно за да ја одражат нејзината слава, вели во македонската порака писателот Димитар Башевски. 

Историјата на книгата е историја на човекот, на човештвото вкупом. Книгата се пробивала низ небиднините, низ војни, низ победи, но и порази, низ епидемии и забрани, и не ретко, низ спалувања на кладите. Така што сега, сред неволјата, книгата си наоѓа агол каде што ќе се засолни и, од зад затворениот прозорец, ја емитува својата духовна сила што поместува копна и големи води и сред „космичката осаменост“, како што вели Шимборска, ја збогатува нашата човечност.

Книгата се пробивала низ вековите, менувајќи се не само во физичката форма, ами зафаќајќи далеку и обилно во животните подрачја. На глинени плочки во древните цивилизации, човекот почнал да ги запишува не само своите митови, ами и своите законици, како оној на Хамураби. Преку Гутенберг, пак, таа стигнува до петнаесеттиот век, во индустриската доба, а потоа до денешната повеќебојна и, најпосле, електронска книга. Почната на одделни културни сфери, книгата подоцна се разгрна во глобални размери. Во новото време, и најголемите воини и војсководители ќе признаат, како што признава Наполеон Бонапарта, дека славата што трае не е во освоените битки, ами во културниот и цивилизациски придонес. Тој вели: „Мојата вистинска слава не е во тоа што сум добил 40 битки. Ватерло ќе го избрише сеќавањето на толкуте победи. Она што не може ништо да го избрише, што вечно ќе живее, тоа е мојот Code civil“.

И, сега, кога се работи, и посебно кога се работи за книгата на македонската почва, на македонски јазик, кога се работи за нашата книга, таа наша книга не само што го засведочува, не само што го меморира, ами во најголема мера го овозможила нашето културно и историско постоење, таа е тоа што памети и тоа што се памети, поврзувајќи ги често испрекинатите векови. Таа стигнува, посебно со поетските и лингвистичките трудови на Блаже Конески, во чија слава ја посветуваме оваа 2021 година, да се интегрира во високите европски и светски вредности. Преку книгите на македонските писатели, и во оригинал, освен во превод, македонскиот јазик е присутен во библиотеките од Мексико до Австралија и од Русија до Египет и Јапонија. Така значи, македонскиот јазик и македонската книга е под сонцето што ги грее сите, како што, како аргумент, го кажуваше Кирил, кој заедо со Методија, ја биеше битката за словенскиот јазик. На ваквата основа е создадена и Конвенцијата на УНЕСКО за постоењето и слободата на различните јазици и култури.

Во овие денови што ги живееме во пандемија, библиотеките ја имаат посебната улога, со книгите што ги чуваат, да ја исполнат осамата со духовни, трајни вредности, место со дневни тривијални нешта. За Александриската библиоетека се вели дека била мајка на знаењето. Борхес пак и самиот рај го замислувал како библиотека. На свој посебен начин, мајка на знаењето и на уметничката возбуда, на книгата како сон в рака, е и малата библиотека во македонското демирхисарско село Бабино.

И, во сето создавање и постоење на книгата, витална е слободата. Слободата ѝ е инхерентна на книгата како творештво и, исто така, од важност е слободата и слободната мисла и слободниот приод на читателот. Книгите, преведени, се движат во различни култури и на различни јазици. И тоа не е пречка. Не е пречка бидејќи тие се упатени кон луѓето, кон човекот, за кого и самите зборуваат, а тој човек, од овој аспект, е секогаш и секаде ист. Погледнете во Гилгамеш, во Рамајана или во нордиските народни епови или во делата на новите векови, ќе видите дека тоj е секогаш истиот човек – страв, смрт, страдање, љубов, љубомора, омраза, радост, завист, насилства, братоубиства…

Книгата е подложна на различни читања и доживувања, и тоа е едно чудесно богатство, баш тие различни читања, кои се различни со оглед на различните читатели, но уште повеќе со оглед на природата на самата уметност, на нејзината химеричност. А сепак, има нешто, а тоа е она што се вика уметност, кое е константа. Доаѓаат читателите и критичарите, читаат, согледуваат, доживуваат, се возбудуваат, дознаваат и посочуваат.

И, читањето на книгата никогаш не завршува докрај, затоа што секој нов читател, е нејзино ново читање.

НУ Библиотека