Почина роднокрајниот автор Трајан Петровски

Почина роднокрајниот автор Трајан Петровски

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 29 Mar 2021

29 март, 2021 г.

Синоќа во Скопје на 82 годишна возраст почина Трајан Петровски,  поет, раскажувач, романсиер, публицист, и преведувач. Петровски беше амбасадор на поранешна СФРЈ и Република Македонија во Турција, Кралството С. Арабија, Обединети Арапски Емирати и за Централно-азиските држави.

Роден е на 31 јануари 1939 година во с. Арбиново, Охридско. Завршил Правен факултет во Скопје.

Интервјуто со него – авторот и водител Милчо Јованоски го реализира  во 2011 година во рамките на проектот РОДНОКРАЈНИ АВТОРИ 2 на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, финансиран од Министерството за култура .

 

Трајан Петровски  е роден на 31 јануари 1939 година во с. Арбиново (Дебрца), Охридско.

– Основно училиште завршува во родното место, а две години од осумгодишното училиште во с. Врбјани. Школувањето го продолжува во Полната гимназија ,,Климент Охридски” во Охрид, каде што матурира во 1957 година.

–  Во раните гимназиски години (учебната 1954/55) ги пишува и ги објавува првите литературни творби, отпрво на страниците на списанијата и подлистоците за деца, а потоа во младинскиот печат и во литературните списанија. Спаѓа меѓу најактивните членови во литературната дружина во Гимназијата, која развива забележителна активност, со поддршка на професорите по македонски јазик Магдалена Групче, Димче Маленко и Гоце Стефановски. Патува на литературни читања во Битола, Прилеп, Кичево. Добитник е на наградите за литературно-историски состави на анонимни конкурси што ги распишува Гимназијата. Во 1956 година учествува и на младинската работна акција на хидросистемот во Преспа. Истовремено се занимава и со новинарство. Објавува новинарски текстови во весниците ,,Млад борец”, ,,Нова Македонија” и др.

 

Trajan Petrovski 5

– На Правниот факултет на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје се запишува во 1957 годин, а дипломира во јуни 1961 година. Како студент пројавува забележителна активност во студентската организација. Бил претседател на Факултетскиот одбор на Правниот факултет, член на Интерфакултетската конференција на правните факултети во Југославија, член на комисии на Универзитетскиот одбор и др. Објавува поезија и други текстови во ,,Студентски збор”, ,,Млад борец” и др. и под името Трајан Ристовски.

– Од 1959 до 1961 година е уредник во ,,Студентски збор”.

– Ја добива првата награда за поезија по повод петгодишнината од излегувањето на списанието Стремеж. Од 1962 до 1967 година работи во органите на државната управа.

– Првата збирка современа поезија ,,И падина и гороцвет” ја понудува во Издавачкото претпријатие Култура – Скопје, во 1963 година. Редакцијата ја одобрува за печат, но заради катастрофалниот земјотрес објавувањето се одлага за 1964 година.

– Во 1965 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија. И втората збирка поезија ,,Опаленик”  ја објавува во Култура во 1967 година.

– Од 1967 година преминува на работа во Железничко – транспортното претпријатие – Скопје, како главен и одговорен уредник на весникот Железничар и на македонското издание на Железничке новине во Белград. Истовремено во ЖТП – Скопје раководи со општиот и кадровскиот сектор.

– Пишува и сценарија за документарни филмови за теснолинејката Охрид – Кичево – Гостивар, новиот Скопски железнички јазол и др.

– Бил претседател на Железничкото културно – уметничко друштво ,,Владо Тасевски” и патувал на турнеи во Шпанија, Португалија, Франција, Австралија.

– Од 1969 година е член на поширокиот редакциски состав на списанието Современост.

– Во 1969 година во Мисла ја објавува збирката поезија ,,Благослов на лебот” и изборот ,,Водици” (библиографско издание).

– Во 1971 година Мисла го објавува второто издание на изборот ,,Водици”, а во едицијата 15 април  во ЖТП – Скопје ја објавува збирката ,,Дреновина”. Ја добива првата награда на анонимниот конкурс за расказ по повод 20 годишнината на списанието Современост (за расказот Темелко Аждерот), како и откупна награда за поезија.

– Автор е на Монографијата ,,Огненото лице на Дебарца Караорманска”  заедно со историчарот, проф. Стојмир Ристески, директор на Охридската гимназија, која се појавува во издание на Мисла во 1972 година.

– Мисла го објавува неговиот роман за млади ,,Вовчето Киро”. Го реализира своето прво патување во Австралија.

– Во 1974 година ја објавува збирката поезија ,,Ни ден, ни гробнина” (Развиток – Битола) И патописите под наслов ,,Горчлив австралиски патопис” во едицијата на списанието Современост, инспирирани од неговиот престој во Австралија. Ја проучува проблематиката на македонското иселеништво.

– Од април 1974 година е именуван за советник на Извршниот совет на Собранието на СРМ, во Секретаријатот за односи со странство (подоцна Министерство за надворешни работи), каде што го завршува работниот век извршувајќи одговорни функции, вклучувајќи ја и амбасадорската функција.

– Во периодот од 1970 до 1980 година ги објавува преводите на делата ,,Ѓаволите доаѓаат” од Миодраг Булатовиќ, ,,Немирна година” од нобеловецот Иво Андриќ, ,,Селидби” од Милош Црњански и други. Добитник е на наградата Златно перо на Здружението на литературните преведувачИ на Македонија, за преводот на романот ,,Селидби” од Црњански.

– Во 1978 година остварува службен пат во Австралија (со делегација на Владата), поврзан главно со проблематиката на македонското иселеништво. Ги посетува Сиднеј, Мелбурн, Перт и други места. Во 1979 година оди на тримесечно усовршување на англискиот јазик во Лондон.

– Во 1979 година Култура ја објавува неговата збирка поезија за деца ,, Убавото лице на планината”.

– Збирката современа поезија ,,Говорот на селаните” излегува во 1979 година во издание на Наша книга.

– Од октомври 1980 до октомври 1984 година престојува во дипломатска мисија, како советник за политички прашања, култура и печат во Амбасадата на СФР Југославија во Каиро – Египет. Во еден период ја извршува и функцијата Цхарге д’афаирес. Пишува поезија и проза, а се занинмава и со преводи на современата египетска (арапска) литература и на староегипетски текстови и истражувања. Остварува многубројни контакти со истакнати египетски личности, дипломати, поети, прозаисти, сликари, журналисти, академици, издавачи ( Бутрос Гали, Мохамед Хасанеин Хејкал, нобеловецот Нагиб Махфуз, Јусуф Идриз, Салах Сабур и др.).

– Збирката раскази ,,Време Литово и Аждерово” ја објавува во 1982 година во Мисла, а збирката поезија за деца ,,Запеј, запеј” ја објавува во Детска радост

– Во 1983 година Мисла ја објавува збирката поезија ,,Старо лозје”.

– Со негово ангажирање во Каиро се појавува на арапски јазик Антологија на современата македонска поезија со обемен предговор, во 1984 година, кај реномираниот издавач Генерална организација на книгата. Промоцијата беше извршена во Каиро. Македонската писателска делегација ја сочинуваа Трајан Петровски,Србо Ивановски и Влада Урошевиќ. Истовремено Петровски ја препејува Антологијата на современата египетска поезија ( издание на Мисла), која во 1984 година беше претставена на Струшките вечери на поезијата, со учество на петчлена писателска делегација од Каиро,.

– Во Каиро организира бројни групни и поединечни изложби на југословенски сликари, меѓу кои на Васко Ташковски (октомври 1981) и на Кочо Фидановски.

 

Trajan Petrovski 4

 

 

– По враќањето од Каиро е именуван за потсекретар во Републичкиот комитет за меѓународни односи.

– Во 1985 година ги објавува: романот ,,Девствена причесна” (Мисла) и збирката поезија ,,Сфинга” (Македонска книга). Збирката ,,Сфинга” излегува и во препев на арапски јазик, во издание на Генералната организација на книгата (ГИБО), во Каиро, 1986 год.

– Во 1986 година е претседател на Програмската комисија на СВП, а во 1987 и 1988 година е претседател на Советот на Меѓународната манифестација Струшки вечери на поезијата.

– Во мај 1986 година на ИЏ Конгрес на СКМ е избран за Извршен секретар на Претседателството на Централниот комитет на СКМ, конкретно задолжен за меѓународна политика. Раководи со Комисијата за меѓународна соработка. Извршува значајни општествени активности. Во периодот февруари 1986 – февруари 1988 година е секретар на Друштвото на писателите на Македонија по втор пат, задолжен за меѓународна соработка.

– Член е на Претседателството на Македонскиот ПЕН центар. Во 1987 година го објави романот ,,Асхаровци” (Мисла), за кој ја добива наградата Рациново признание. За романот ,,Асхаровци” кој за првпат во македонската литература ја обработува темата за феноменот на исламот во современиот свет, во македонската и југословенската периодика се објавуваат бројни критичко-аналитички текстови.

– Во 1988 година Мисла го објавува неговиот избор раскази ,,Смалувањето на човекот” и изборот од староегипетски мудрости ,,Слепиот харфист”.

– Книгоиздателството Македонска книга ги објави записите ,,Каирска магија” за кои ја добива наградата за најдобро дело ,,Кочо Рацин”.

– Издавачката куќа Детска радост го објави второто издание на романот ,,Вовчето Киро”.

– Престојува во Куала Лумпур – Малезија, по покана од малезиската асоцијација на писателите, со поддршка и на Амбасадата на СФРЈ и амбасадорот  Насте Чаловски, при што учествува на меѓународен поетски собир. Го договара објавувањето Антологии на македонската поезија на малајски јазик и на малајската на македонски јазик. Проектот се реализира преку Републичката комисија за културни врски со странство и СВП.

Trajan Petrovski 2

– Во 1989 година Култура ја објави збирката раскази и записи ,,Житија караормански”, а Македонска книга збирката поезија ,,Разговори со Прличев”. Издавачката организација Наша книга го преобјавува романот ,,Девствена причесна” во едицијата Бисери, со поговор на академик Гане Тодоровски.

– Издавачката куќа Картеа романеска од Букурешт објавува избор од неговата поезија во превод на Думитру М. Јон и Каролина Илика.

–  Во 1989 година е именуван за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Република Турција, со седиште во Анкара. На таа должност останува од октомври 1989 до февруари 1992 година, каде што го затекнува распаѓањето на Федерацијата. Се соочува со сериозни искушенија и преживува драматични моменти, пред с¢ заради ангажирањето во врска со признавањето на Република Македонија од страна на Република Турција, коешто беше официјално прогласено на 6 февруари 1992 година, од страна на турскиот претседател Тургут Озал, по средбата со амбасадорот Петровски во Палатата на Чанкаја и од Турското МНР.

– Во 1990 година издавачката куќа Инанч од Истанбул ја објавува книгата стихови ,,Одблесоци” (Јансма), во превод на Нусрет Дишо и Фахри Каја.

– Издавачката куќа Флака е велазеримит од Скопје го издава на албански јазик романот ,,Асхаровци” во превод на Ешреф Алиу.

– Издавачката куќа Графос од Белград ја издава збирката ,,Сфинга” на српски јазик, во превод на Радивое Пешиќ.

– Во 1991 година Книгоиздателството Македонска книга го објави романот ,,Заклетва за простодушните”, а во 1993 година збирката поезија ,,Анадолските ветрови”.

– Станува носител на Меѓународната книжевна награда ,,Златен Јупитер” на градот Тосја (Турција). Учествува во бројни литературни средби ширум Турција и држи предавања за Македонија. Учествува на манифестациите организирани во чест на турските поети Јунус Емре и Џелалудин Руми – Мевлана.

– Во 1992 година познатата Издавачка куќа Текин јајиневи во Истанбул, чијшто сопственик е Кемал Каратекин, по потекло од Штип, го издава изборот од неговата поезија ,,Мостови” (Ќопрулер), во препев на Суат Енѓулу, а Бирлик од Скопје објавува избор поезија под наслов ,,Водо, бистра водо’’ (Су, дуру су), во препев на Нусрет Дишо.

– Во 1993 година е именуван за вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Република Турција, со Указ бр. 1 од претседателот Киро Глигоров. Прв амбасадор по прогласувањето на независноста на македонската држава. На должност стапува во јули истата година. Книгоиздателството Детска радост во 1993 година му го издава антологискиот избор ,,Читање на папирусите”, со кој ја освои наградата за најдобра книга таа година на оваа издавачка куќа, соопштена на Саемот на книгата. Книгоиздателството Мисла објавува избор од неговата поезија со предговор на Анте Поповски, под наслов ,,Преточување на сончевината”. Мисла го преобјави романот ,,Асхаровци”.

– Во 1994 година ги објавува романите ,,Дервишки прстен” (Култура) и ,,Непорабена месечина” (Мисла), како и изборот поезија со предговор на Бранко Цветкоски ,,Завештана светлина”  (Македонска книга).

– Уставниот суд на Република Турција му доделува Златен медал.

– Во 1995 година Детска радост го објавува романот ,,Здравица за потомците”, за кој ја добива наградата ,,Ванчо Николески” на Друштвото на писателите на Македонија.

– Во 1995 година списанието Стремеж – Прилеп, посвети тематски број на творечкиот опус на Трајан петровски.

– Во 1996 година Детска радост  ја објави обемната збирка поезија ,,Босфорско завештание”. Промоција беше одржана во Домот на културата во Охрид. Промотор беше академик Анте Поповски. Во знак на признание, Собранието на градот Охрид му доделува Повелба на Охрид. Истата година ја добива наградата ,,Григор Прличев”, на анонимниот конкурс за најдобра поема, за поемата ,,Верување во Охрид”, под шифра ,,Враќањето на Прличев”. На свеченоста во Домот на културата во Охрид говореше проф. Атанас Вангелов, претседател на жирито. Градоначалникот на Охрид госп. Благоја Силјаноски, во таа пригода му ја врачува Повелбата на Охрид.

– Во 1996 година Детска радост го објави изборот на англиски јазик ,,Преслекување на душата” во превод на Зоран Анчевски и Дејвид Бовен.

– Издавачката куќа Ера од Истанбул ја објавува книгата ,,Каирска магија” (Кахире бујусу), во превод на Суат Енѓулу.

– Именуван е за вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Кралството Саудиска Арабија, во Обединетите Арапски Емирати и во централно азиските држави: Казакстан, Киргистан, Узбекистан и Азербејџан.

– Во 1995 и 1996 година престојува во Саудиска Арабија, придружуван од сопругата. На Саудискиот крал Абдулах му ги предава Акредитивните писма на 27 јануари 1996, во Ријад.

– Во 1997 година во Москва, во серијата Македонска поезија, излегува избор од неговата поезија на руски јазик (Фондот со името на Лермонтов), во превод на Елена Вережникова и Анатолиј Парпара.

– Престојува во Баку – Азербејџан, со сопругата, по повод предавањето на Акредитивните писма на претседателот Гајдар Алиев (11 јули 1996). Истата година престојува во Ташкент – Узбекистан, при што ги предава Акредитивите на претседателот Ислам Каримов (23 декември 1996). Го посетува Самарканд. Престојува во Бишкек – Киргистан и му ги предава Акредитивните писма на претседателот на државата Аскар Акаев на 25 јуни 1997 година. Престојува во Алма Ата – Казакстан, при што ги предава Акредитивните писма на 25 октомври 1996 и се среќава со претседателот Нурсултан Назарбаев.

– Именуван е за вонреден и ополномоштен амбасадор на Р. Македонија во Обединетите Арапски Емирати. Акредитивните писма му ги предава на државниот министер за надворешни работи, Шеикот Хамад бин Зајед Ал Нахјан, на 10 ноември 1997 година во Абу Даби. Ја организира посетата на претседателот Киро Глигоров со бројна стопанска делегација на Обединетите Арапски Емирати.

– Во март 1998 година престојува во Кувајт со сопругата, при што остварува значајни дипломатски активности на високо ниво. Потпишува протоколи за воспоставување дипломатски односи на Македонија со земјите од централна Азија,,Блискиот Исток, арапскиот и исламскиот свет. Остварува бројни активности со Иран, Ирак, Јордан, Израел, Египет, Либан, Таџикистан, Туркменистан, Грузија, Ерменија, Сирија и др.

– Учествува на сите манифестации во чест на браќата Миладиновци во Истанбул, во организација на Детска радост (Босфорско сонцељубие, патување во Троја, во  Гордион, во Пергамон). Неколкупати го посетува регионот на Југоисточна Турција (Тигар и Еуфрат, Дијарбекир, Харан, Антиохија).

– Во текот на десетгодишната дипломатска мисија во Турција воспоставува блиски врски со Вселенската (Цариградска патријаршија) во Фенер – Истанбул, а особено со Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј Први. Ја преведува книгата ,, Разговори со Вселенскиот патријарх” на Оливие Клеман, која излегува на македонски јазик во издание на Култура  – Скопје. Вселенскиот патријарх Вартоломеј му доделува посебни признанија (Икона и Медал на Вселенската патријаршија).

– Дипломатската мисија во Турција ја завршува на 1 октомври 1999 година. Се враќа во Министерството за надворешни работи во Скопје каде што останува до пензионирањето. Во меѓувреме патува во Турција на меѓународни собири. Држи предавања на Универзитетот ,,Сулејман Демирел” во Испарта (15 – 20 април 2003).

– Во 2000 година ја објавува обемната збирка поезија ,,Живеам во Азија” во издание на Детска радост и збирката ,,Беседења по дервишки” во издание на Ѓурѓа.

– Во македонскиот печат објавува критичко-аналитички текстови (колумни, полемики, интервјуа и  сл. на актуелни теми).

– Во 2001 година го објавува романот ,,Саркофагот на македонската земја”, во издание на Штрк. Промоција за романот се одржа во Друштвото на писателите на Македонија со реч на академик Гане Тодоровски.

– Во 2001 година во Букурешт е објавена книгата ,,Слепиот харфист” во превод на Думитру М. Јон и Каролина Илика.

– Во 2002 година излегува книгата ,,Озрачување на стварноста” (Анадолски бденија и провиденија), во издание на Издавачкара куќа Лоза. Промоцијата се одржа во ДПМ,  на која говореа Милован Стефановски, амбасадорот Тихомир Илиевски и проф. д-р Георги Сталев. На промоцијата во Охрид, во Библиотеката ,,Григор Прличев” говореше дипломатот Драган Јањатов.

– Во 2003 година учествува на Меѓународната манифестација Варшаавска поетска есен.

– Од 17 до 19 јули 2003 година учествува на Меѓународната поетска манифестација Сусрети на извору Пиве во Црна Гора. Приреден му е книжевен портрет. За неговото творештво говореа проф. д-р Синиша Јелушиќ и проф. д-р Ненад Вуковиќ, декан на Факултетот за драмски уметности во Цетиње. Ги посетува Цетиње, Подгорица, Дурмитор, Жабјак.

– На 5 јуни 2004 година е избран за претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

– Издавачката куќа Макавеј  објавува второ издание од романот ,,Саркофагот на македонската земја”. На промоцијата во Библиотеката во Битола говореа акаденик Гане Тодоровски и Бранко Цветкоски.

– Делегација на Сојузот на кинеските писатели престојува во Македонија. Потпишува договор за соработка.

– Во 2004 година во Софија на бугарски јазик се појавува избор од неговото поетско творештво под наслов ,,Мост над Босфорот”, во превод на Димитар  Христов.

– На 9 декември 2004 година во Софија потпишува договор за соработка помеѓу Друштвото на писателите на Македонија и Сојузот на бугарските писатели (претседател Николај Петев). Во составот на македонската писателска делегација беа акад. Ташко Георгиевски и Милован Стефановски.

– На 16 и 17 јануари 2005 година престојува во Загреб, по покана на Друштвото на хрватските писатели. Потпишува договор за соработка меѓу ДПМ и Друштвото на хрватските писатели.

– На 17 и 18 јануари 2005 година престојува во Љубљана како гостин на Друштвото на словенечките писатели и потпишува договор за соработка со ДПМ.

– Од 26 до 28 март 2005 година престојува во Гетеборг – Шведска, по покана на Македонскиот сојуз во Шведска и учествува на традиционалната манифестација, петнаесетта по ред. На Денот на македонската поезија претставен е неговиот творечки опус. Говореа Милован Стефановски и Ивица Челиковиќ. Остварува разговори со истакнати шведски писатели.

– Од 1 до 10 јуни 2005 година престојува во Кина по покана на Сојузот на кинеските писатели, на чело на писателска делегација во чијшто состав беа и Кристина Николовска и Милован Стефановски.

– Издавачката куќа Матица македонска во 2005 година ја објавува книгата поезија ,,Пукнатина”. На промоцијата во Културниот центар во Прилеп говореше академик Гане Тодоровски.

– Од 7 до 13 септември 2005 година, по покана на Здружението на писателите на Србија, учествува на 42 Меѓународни белградски средби на писателите во Белград. Претставници од Македонија беа и академик Гане Тодоровски, академик Милан Ѓурчинов и Бранко Цветкоски.

– Во 2005 година во Пекинг, на кинески јазик, во издание на Сојузот на кинеските писатели е објавен избор од неговата поезија (50 песни), под наслов Двоен монолог.

– Во 2005 година Издавачката куќа ИНА Комерц ја објавува книгата ,, Разјуден живот” (Житија, коментари, анализи, есеи, огледи, студии, записи, полемики, интервјуи, беседи). Промовирана на Саемот на книгата од страна на дипломатите Душан Бојчев и Драган Јањатов.

– Во 2005 година Детска радост го објавува романот ,,Македонскиот фараон”.

– Од 12 до 15 јуни 2006 година учествува на Петтата меѓународна писателска средба во Бугарија (Софија и Варна), со Гане Тодоровски, Никола Кљусев, Бранко Цветкоски, Санде Стојчевски, Весна Ацевска и Џабир Ахмети.

– Во 2006 година во Црна Гора (Подгорица – Цетиње) е објавен двојазичен избор од неговата поезија под наслов ,,Вријеме”,  во превод на д-р Ненад Вуковиќ, со критички осврт на д-р Синиша Јелушиќ.

– Објавува избор од поезијата на кинескиот поет Џиди Маџја на македонски јазик, под наслов ,,Очите на есента” (Издавач Макавеј).

– Во 2006 година Издавачката куќа Макавеј  ја објавува книгата: ,,Жезолот на патријархот” (Цариград и Вартоломеј).

– Од 4 до 12 август учествува на Првиот меѓународен поетски фестивал во Кина (Провинција Чингхај) во организација на Сојузот на кинеските писатели, со Бранко Цветкоски.

– Во 2007 година Издавачката куќа Макавеј  ја објавува книгата ,,Севселенски раскази” (Дипломатски високословни посланија).

– Од 14 до 18 ноември 2007 година учествува на Првите денови на македонското творештво во Србија, во Македонскиот поетски караван кој ги посети Белград, Нови Сад, Суботица, Панчево, Смедерево, заедно со Ристо Василевски, Санде Стојчевски и Весна Ацевска.

– Во 2008 година ја добива наградата за животно дело ,,Свети Климент Охридски – Патрон на градот Охрид”, која му е свечено доделена на академијата во Домот на културата на 8 декември 2008.

– Издавачката куќа Макавеј ја објавува обемната книга (дипломатски записи – мемоарска граѓа) ,,Бев амбасадор на две држави” (Анадолски дипломатски летопис).

– Во 2008 година го објавува романот ,,Бела чума”  во издание на Макавеј. Промоција на романот се одржа во Библиотеката во Штип. (Промотор Христо Крстевски).

– Препејува избор од поезијата на египетскиот поет Саед Гоуда, кој живее во Хонг Конг. Книгата под наслов ,,Пророкот на поетите” ја објави Макавеј.

– Во 2008 година во Едицијата Македонска книжевност, финансирана од Министерството за култура на Република Македонија, се појави изборот од неговата поезија под наслов ,,Босфорско завештание”, со критички осврт на Бранко Цветкоски.

– Во 2007 и 2008 година учествува на Манифестацијата Македонска книжевна визита во Софија, во Македонскиот културен центар. Остварува средби со истакнати бугарски писатели.

– Списанието за уметност СУМ, во бројот 59 – 60, 2008 година, кое излегува во Штип, посвети повеќе страници на творештвото на Трајан Петровски.

– Во 2008 година е предложен меѓу кандидатите за член на Македонската академија на науките и уметностите.

– Ја преведе на македонски јазик книгата поезија и кратки лирски состави ,,Номадска лирика”  од монголскиот поет Гомбојав Менд – Ојо.

– Добитник е на првата награда за поезија (песна) на Десеттата меѓународна поетска манифестација Илинден (14 – 18 мај 2009).

– Добитник е на признанието Гоцева повелба за 2009 година. На свеченоста во с. Подгорци – Струшко на 31 мај, за творечкиот опус на Петровски говореше писателот Бранко Цветкоски.

– Во 2009 година, на монголски јазик е објавена книга поезија под наслов Есенска(Намаршихуј), во издание на Монголската академија за култура и поезија во Улан Батор. Преводот на песните го направи познатиот монголски препејувач Д. Даваа. Три песни во изборот се во превод на поетот Гомбојав Менд Ојо.

– Издавачката куќа Макавеј  во април 2010 година, ја објави збирката поезија Амбисот.Жената.

– Во мај 2010 година Издавачката куќа Надвах Прес (Надњах Пресс)  во Каиро и Хонг Конг, ја објавува на арапски јазик книгата поезија Преслекување на душата. Препевот на песните го направи поетот Саед Гоуда.

– Од 27 до 31 мај 2010 година, заедно со Бранко и Владимир Цветкоски престојува во Каиро, по повод промовирањето на изборите од неговата поезија (Преслекување на душата) и на Бранко Цветкоски (Небесни места). Остварува средби со министерот за култура на Египет Фарук Хосни и со генералниот секретар на Високиот совет за култура на Египет Емад Абу Гази. Се среќава и со истакнати поети, новинари и други интелектуалци со кои соработувал во периодот 1980 – 1984, додека ја исполнувал дипломатската мисија во Амбасадата на СФРЈ.

– Во Баку, Азербејџан, во мај 2010 година, Издавачката куќа Вектор ја објави книгата поезија под наслов  Смртта и сонот. Преводот на песните на азерски јазик, од руски и од турски го направиле академик Елчин Искендерзаде и Теране Мусаева.

–  Издавачката куќа Матица македонска, во 2011 година го објави обемното дело ,,Откривање на вечноста”, посветено на египетската цивилизација (проза, записи, есеи, превод на делови од Големата Книга на мртвите, толкувања за религиите и др.).

–  Издавачката куќа Матица македонска, во 2011 година (по повод 20 годишнината) го објави романот ,,Црвоточина’’.

– Струшките вечери на поезијата, по повод 50 годишнината од своето постоење, му доделуваат Благодарница за особен придонес и афирмација.

– Творештвото на Трајан Петровски е преведувано на следните јазици: англиски, шпански, руски, германски, италијански, француски, шведски, полски, украински, словенечки, српски, грчки, албански, романски, турски, бугарски, азерски, арапски, кинески, монголски, малајски и други јазици.

 

 

Trajan Petrovski 1

 ДЕЛ ОД ТВОРЕШТВОТО НА ТРАЈАН ПЕТРОВСКИ

1.

 

Првото соочување, совршениот допир

со севселенската охридска светлина

ми беше благословено во најкревките години

од младоста, во најубавите соништа

што ги откриваа моите предвестени патишта

по хоризонтите на ишчашенава планета.

Гревот беше веќе непромислено сторен

од правдољубивите и посилните од мене

со лица опалени од планински сонца,

што ме обврзаа со душа да ја бранам

магијата на несекливата девствена убавина

од темните болести на современава цивилизација.

Стоев над плочата од гробот на Григора

и гледав како погибелно се одразувам во Езерото.

Всушност гледав како се пресоздавам

во битие проколнато за штрек и бденија.

Зад мене јачеа планините виканечкум

со еден пригушен виј на прегорени тажачки

и се роеја гласови од силни брсјачки грла

опијанети од врелина, од темни присојни вина.

Беше тоа време на беспоштедно согорување

во сопствената надеж, во молкот на анатемата.

Беше тоа страстно грување на душите

потпомогнато од виорот на говорливите ветрови.

Најважно беше да не се заборави гробнината

и да не се пропадне во синдилиите

што се одѕиваа заводливо, меѓу ѕукот и поштукот.

Маѓепсан од благословот на опалените наивци

посматрав како наивно се одразувам во Големата вода

и како големеам камшикуван од одблесоци.

Јас сум тој што сè уште не е, а што ќе биде

си реков во себе вџашен, проколнат за совршенство

и засеков со мислите преку сините далечини.

(1-во пеење од поемата “Верување во Охрид“

од Трајан Петровски)

7.

 

 

Да му се благословат добрините и дарбата

на фотографот Благоја Поп Стефанија од Охрид

што ја наслика жртвената фреска на Дебарца,

величествена како одгласот на победата.

Откако ги изнаслика темерутите воини

што ја извојуваа чесно слободата

без да го разберат докрај нејзиното значење,

ги изнаслика народните првенци и агитаторите,

пропагаторите на обновата, правоверните,

кркачите и тумбачите, натрапливите љубовџии

кои се прочуја со раскошното шмукање на благодетите.

Ги сликаше по мерак исцилибистрените чиновници,

недозорените учители на аналфабетските курсеви,

првенките на афежето, киски испојаски

коишто потспотнуваа љубомори и кавги

и сведочеа при развенчувањето на вртиопашките

верно и неверно, според лика и прилика.

Прославениот добротвор Благоја Поп Стефанија

ги сликаше со страст победата и славењето

всушност ја сликаше сиромаштијата и пркосот

на славна Дебарца од слава што не се одмени,

на брсјачијата и мијачијата на дивината ветени.

А што да се каже за недобројните карактери

на жени четворни, лики божовни, прилегани

што го красеа породот на селанството?

Што да се каже за нивната одмереност и скромност

во мигот на нивното надежно овековечување?

Допрва ќе се суди за чинот на сликањето,

за споменот што ќе бигросува во долго сеќавање.

Допрва ќе се суди за патувањата во невратово,

за очајот, за стравот, за исприштените копнежи,

за загубената гробнина, за скукалената столнина.

Допрва лудото умување и грување.

(7-мо пеење од поемата “Верување во Охрид“

од Трајан Петровски)

25.

 

 

Севселенската патријаршија не ми се виде свидна

ни толку гордолика колку што присакуваат

патриците и владиците од здраво умување уплашени.

Осакатена е таа без светлината охридска,

без посланијата и крстот на Свети Климента

Осиромашена е таа и јавно осрамотена,

верувајте ми кога ви велам, верувајте ми,

заради жалбите и поплаките на охриѓани,

заради сквернавењето на езерските манастири

во чијшто живопис расцутела Византија.

Чедноста на Севселенскиот патријарх

со кого имав висока чест да беседам

не ми се виде толку исцелителна

И против милостивата војла Исусова

анатемата се враќа со анатема, казната со казна

Животот така ги разбира божјите закони

Вселенската гемија со товари од скрб

останува заробена на Златниот рог,

сред морничавото растење на Стамбол,

сред бездушното соочување на цивилизациите,

меѓу застоена, смрдосана вода,

меѓу остатоци од погибелни прокоби.

Ни душите од сите сестрински цркви

не ќе ги окајат гревовите фанариотски

на преситените патрици и владици.

И колку да се докажува чистољубиво

христијанството се порева во очај.

Тоа што го благослови со вознес

Архиепископот охридски и македонски

пред духот на Свети Климента

поѕвездува со болот на небесата

Монаси со здрави славјански гради

кадат темјан, отрезнуваат зарази.

(25-то пеење од поемата “Верување во Охрид“

од Трајан Петровски)

28.

 

 

Стојам над плочата од гробот на Григора

и гледам како по толку тревожни години

и величествено и скрбно се одразувам во Езерото.

Зад мене уште јачат планините виканечкум

со морен придушен виј на прегорени тажачки

и уште се ројат гласови од силни брсјачки грла

од темни приштови до поштук опијанети.

И пак е време на беспоштедно согорување

во сопствената надеж, во молкот на анатемата

И пак низ виорот на говорливите ветрови

се оѕиваат со страв зајадливо јанѕите.

Севселенската охридска светлина

посилна од моќта на севселенските патријаршии

ги храни моштите на тревожните светители

што ја возвишија страста за Охрид

овоплотувајќи ја во девствено мечтаење.

Нека ми сведочат растреперените ангели

дека со усвитеност и благотворно ја износувам

здравата тежина што ми беше товарена

пред лицето на овој спасоносен Град.

Јас веќе рамносилно со набојот на поривот

газам по строгоста на светлозорниот пат

кон врвот на модрите бденија што искачува.

Беседите што ги расеваат галебите со крикови

по недоткаените платна на небеснината

се наразени со патина и од мојата крв.

Сончевината испреточена во зрачни мисли

гори во виното на провиденијата

Се гласи хорот на просветлувањето.

Мене не ме оплакува посестримата изневера

Мене не ме замајува судбинска прелага.

Јас верувам во Охрид нерастајнувачки

Јас верувам во Охрид најзаслепувачки.

(28-мо пеење од поемата “Верување во Охрид“

од Трајан Петровски)

 

 

 

Љубовта на Наумчета Тренески

Трајан Петровски

Солунка Дичоска ќе влезе во кералчето кај бурињата, ќе ја пушти сламката низ некој чеп и ќе си тргне неколку голтки ракија. Не тргнува низ сламката многу, туку толку колку што ѝ носи душичката, како некој маж појден на косење што истерал десетина караци. Што е денеска за душичката на Солунка Дичоска една полока ракија, од џагалки, преварена двапати. Цел ден тупоти низ куќи како да е главена. За ткаење и за предење тука е, за нижење тутун око не ѝ трепнува. А за пусти манџи никоја жена не може да ја замени. Ќе ти направи манџа, кога ќе каснеш прстите да си ги изедеш. Затоа беше прва месарија во црквата Свети Танасија.

Ќе дојде сведен и Солунка Дичоска ќе се промени во невеста во срмена кошула, со клашеник кически, со шамија ресена, и еве ја пред куќи со жените, или в црква до манџите. Што дека има шеесет години и што дека е премажена и пак останата вдовица домазетица. Што дека има накучено и синови и ќерки. Црвена е во лицето Солунка Дичоска како лубеница. Здрава е како трн. Земи ја за песнарка, ќе ти ја обели трпезата, земи ја на танец ќе ти го личи орото. И зошто да не потпивнува ракија од џагалки, преварена, кога си е здрава како трн. Зошто да не се променува секој ден во кошула срмена со клашеник кически, кога ковчегот во кералчето до бурињата крцка со кошули и клашеници.

Утре ќе умре, барем да се изнаноси како што ѝ сака душата, тагувала што тагувала годиње со ред, како што сакала судбината, од турско до српско и до денешно. Ги има измажени и изженети и ќерките и синовите. Сега е една душа, една круша, го удрила умот на триипол, му ја држи куќата на синот постар и не си реди мерак на душата.

Наумче Тренески ја гледа развеселена кога го соблекува прво клашеникот и појасот, со ред до здолницата и до снагата никогаш неогреана од сонце, а после вади нова здолница од ковчегот од ленено платно, порабена со кадифе, ја облекува преку глава, на здолницата облекува кошула везена на раце, на кошулата го опашува појасот и ја врти главата за да се види одзади како е променета. Наумче ја гледа целата пред себе, преку плотовите, зад ѕидовите од кералчето, до ковчегот и си разговара самиот со себе:

– Дојди мори Солунке во млакиве, престапи мори преку ограѓево, само да те потчукнам еднаш одзади по кошулата, ќе тиадам што ќе ти посака душата!
Не е толку глупав Наумче Тренески, знае што прави. Не го задеваше туку така Јанкула Темјанин за Солунка Дичоска.
– Да ја помазниш, бре Наумче, одзади со дланката, по машки, цела недела ќе ти жежи раката – му велеше Јанкула.
А жените што имаа наслушано кај мери умот на Наумчета кога ќе го сретнеа по патот ќе се поддупнеа меѓу себе и ќе си речеа колку да ги чуе тој:
– Пуста Солунка како момичка, наружана по Солункино!
Затоа Наумче се курдисал под оревот во млаките и чека да слезе Солунка Дичоска. Што бара Наумче Тренески да си оди дома. Куќата си е куќа. Креветот стои натокмен во ќошот, покриен со веленце власато. Перницата е полна со слама `ржаница, огледалото е обесено зад печката до камарчето. Столовите не сакаат јадење. Ништо не му вреска на главата – ни куче, ни маче. За ќошот од куќата што му го турна ветрот ќе го викне еден ден Угрина Ангелески, ќе му го покрие. До дождовите и до снеговите има време. Најубаво е да си седи под оревот во млаките и да си прави убавини на душата. Пензијата на први ќе дојде пак, ќе ги здипли илјадарките во шамивчето и со нив ќе истера четири недели.
Што бара да се ветрее дома по ден, кога може да лежи под оревот како бег. Има време дури да полегнат сите во селото, дотогаш може да ги поистегне нозете на лединчето. Можеби ќе излезе Солунка дотогаш, да ги обесува низарките од тутунот, или да зема трески од бавчата за да готви вечера. Сака да ја дочека Солунка да излезе одоздола, од кај млаките и да се накашла колку да го чуе дека се вртка околу оревот. Многупати ја гледал пред куќи од кај патот седната спроти сонце со жените, или ноќе на месечината. Сега наумил да ја види од кај млаките. Само да излезе и да го чуе кога ќе се накашла. Ништо повеќе не треба. Тој знае што да ѝ купи од пензијата. Негова работа. Затоа е поарно да се тегни под оревот дури да згасне последната ламба во селото. Што бара да се враќа дома кога не го чека никој. Креветот е послан со најубавото веленце со реси, вапцано црвено, огледалото си стои обесено на ѕидот испогането од муви, пенџерето е подотворено и потпрено на мандалчето. Леб има во ношвите уште за една недела. Ако се скамени ќе меси друг. Сега барем знае какосе меси леб. Дваесет години вртел тесто низ рацете и од јачмен и од `рж и пченкарно. Сега барем може со пензијата да купи фабрично. Што ќе му е да ора и да копа кога може да јаде бел леб. Оние што ораат и што копаат не јадат поубав леб од него. Син му Косте отиде што отиде во партизанското во Клеонец. Векот си е век и треба да се турка. Друго што може да прави сам човек, без стопанката. Жив в земја не може да влезе. Барем со пензијата некако ќе го мати умот, ќе прпелка.
А што ќе биде ако ѝ пресечи умот на Солунка Дичоска и ако прати абер по мува до Наумчета Тренески, да си побегне една вечер кај него, да му биде домаќинка, да не аргатува повеќе кај посинокот како домазетица за еден касај леб. Ќе заличи куќата на Наумчета Тренески.
Туку најубаво е да скокне Наумче до дома да се поддотера малку и да се поизмазни пред огледалото и да си поразговара самиот со себе. Што значи за Наумчета една домаќинка како Солунка Дичоска. Доста е само што ќе му чади оџакот и што ќе му биде отворена вратата. Ако беше за аир доста беа дваесет години така поминати. Еј, дваесет години, една младост, да седиш сам меѓу четири ѕида без порода и без стопанка, како ут заутен.
Во право беше Јанкула Темјанин кога го задеваше да ѝ поткупи нешто, да ја подмами. Затоа Наумче Тренески можеби стоти пат стои пред оглдалото избоцкано од муви, се мазни и си разговара со умот.
– Убав сум, мори Солунке, уште здрав како прч, зошто не ме сакаш. Само со шеќери ќе те ранам. Дојди, заличи ми ја куќата, доста аргатува за еден касај леб!
Солунка ќе појде вечерта на вода со стомните, ќе помине покрај куќата на Наумчета Тренески и ќе погледа срамежливо кон прозорчето подотворено. Ако не го види Наумчета измазнет на прозорчето, ќе го види кога ќе оди по трески во бавчата, зашто Наумче пак ќе се врати на старото легало под оревот. На враќање, во мрчкото, ќе помине покрај треските Солункини и ќе пикне во нив едно шише со шуруп купечки. Ќе го најде Солунка кога ќе крева трески за огништето и ќе се сети дека е од Наумчета Тренески, од пензијата негова, ќе си го остави прегратчето од ковчегот и кога ќе биде сама дома ќе си потпивнува од него за да си ја облажува душата.
Отсега така ќе прави Наумче Тренески секој ден, а Солунка Дичоска човек е, од месо, обрач да е од железо ќе попушти. Наумче така прави и така мисли секој ден и под оревот во млаките и пред огледалото кога се мазни. Солунка знае дека Наумче Тренески не ја ваѓа од умот и уште повеќе му ја пука душата. Ќе подизлезе на чардак или потрески во бавчата, ќе стутка некое шише или шеќерите од Наумчета во скутникот од треските и ќе се пикне во кералчето од долното вратниче.
Сама беше научена Солунка Дичоска да пие ракија, а Наумче Тренески ја научи да зоба шеќер со грсти. Многу поубаво се пие една полока преварена од џагалки со шеќер. Видра е Солунка Дичоска за тие работи. Така ѝ беше дури му ја фати посоката, а сега може да го молзи како крава молзница. Нека стои Наумче Тренески пред огледалото или под оревот измазнет и нека си зборува со сестрите:
– Излези мори Солунке по месечина во Бавчите, излези по здолница мори душманке.
Солунка Дичоска не може да излегува во бавчите по месечина по здолница и затоа не може да му рече на Наумчета Тренески: – да би те обесиле на оревот, уту еден утусан, дете имаш закопано во Кленоец, јунак двајсетгодишен, јас сум го задојувала.
Само едно сениште како од приказните ќе слези од кај гробиштата во мрчкото и ќе му ја столчи душата на Наумчета Тренески на камчиштата крај речиштето во млаките. Кога ќе клепни камбаната селаните ќе разберат дека Наумче Тренески остинал. А Солунка Дичоска, ако не ја прости господ случајно пред Наумчета Тренески, ќе му биде месарија.