Наградените ги подигнаа наградите за најдобри песни посветени на Прличев

Наградените ги подигнаа наградите за најдобри песни посветени на Прличев

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 26 Mar 2021

 25 март, 2021 г. 

Вчера на денот на кој пред 161 година нашиот патрон Григор Прличе во Атина  бил овенчан со „Ловоров венец“ најдобрите автори – учесници на Конкурсот за поетски творби инспирирани од животот и делото на Вториот Хомер ги добија заслужените благодарници и награди во вид на книги.

На  Конкурсот  за најдобра поетска творба на тема:  „За Прличев и Охрид каков што тој го сакал“ можеa да конкурираат ученици од општините Охрид и Дебрца и тоа во две категории: ученици од VIII  и IX одделение  и ученици од средните училишта.

НАГРАДЕНИ ВО КАТЕГОРИЈА НА ОСНОВЦИ СЕ:

I Награда:  Јована Лазаревска

                                 Охрид и Прличев                            

Езерските далги како сини војници се редат

и сите приказни од Лихнид ги раскажуваат и следат.

Стојам пред бистата на човекот – мисија,

на Миладиновиот ученик, на учителот со визија.

Тоа е поетот полн со љубов кон грутката родна,

тоа е лауреатот Прличев достоен за почит народна.

Сокаците пеат „Хилјада и седемстотин шесдесет и второ лето“,

химна над грцизмот напишана од Прличево слово свето.

Ветерот ја рецитира бесмртната херојска поема „Сердарот“,

за Кузмана – херојот – заштитникот – крсердарот,

пискотници како да слушам од Галичник до Река,

во претчувство тажно, кобно, мајка јунак чека.

Ја гледам Марија Ѓокова…Неда…иста ли е жена?

Со амазонска става, ко лавица силна, потврда од стена.

Го гледам Григор Прличев…Кузман…иста ли е слика?

Борци за слобода и правда, Македонија ги вика.

Поету! Мислителу закитен со венец од ловор! Втор Омир!

Автобиографијата го сведочи твојот животописен немир

како полезна книшка за минатото и за сегашноста.

Твојата величина стои гордо пред вечноста.

И денес низ езерото зборува твојата древна мечта,

зборуваш ти, Григоре, зборува твојата посакувана желба.

Григор е име на овој град, на овој кеј и на овој рид,

Григор е лет на бели галеби во синилото на Охрид,

Григор е ѕвезда сјајна во македонската книжевност,

Григор е сонце златно во охридската возвишеност!

Ученичка: Јована Лазаревска

ООУ „Кочо Рацин“ – Охрид

VIII одделение

II Награда: Јана Сиљаноска 

 

За Прличев и Охрид

 

Во темелите на нашето минато,

името на Григор Прличев е тука,

ученикот на Миладинов, поетот, учителот,

копнеж за слобода силно во неговото срце чука.

 

Неговата болка и љубов кон татковината

и народот свој напатен, се само дел,

ветар во грб и храброст му даваат,

да чекори неуморно кон својата цел.

 

Ловоров венец го закитува,

народниот јазик во своја земја го шири,

мислите на хартија ги преточува вешто,

како меч кој темнината на незнаењето ке ја смири.

 

А Охрид со спомените за него живее,

основната нишка на писменоста цврсто тука стои,

цвета градот под сончевина златна,

се гордее со хероите свои.

 

Кристални бои од бисерни капки,

на езерскиот брег се ронат,

за минатото време тешко,

сребрени ѕвона надалеку ѕвонат.

 

Од небесната шир до земјата,

стих прекрасен нека се лее,

за Прличев, за неговото дело,

химна на незаборав нека се пее.

Јана Сиљаноска

О.У. Дебрца

IX одделение

III  Награда: Дамјан Наумоски

За Прличев и Охрид каков што тој го сакал

1860 зборови,

1860 то лето,  пред многу века.

Овенчан со неа, ја држи за рака и  нас ни задава слатка мака.

Прличеви деца сме сите, кога  ќе ги  допрам, јас не можам да ги сопрам,                             жар во мене гори, љубов за писменост во мене ори.

Тој  е султан на моите сништа,

Цар на мојата душа,

Светлина во ноќта.

Ден во темнина…..да тоа е мојот Сердар.

Со помош на ПРЛИЧЕВИТЕ ДЕЛА, успеав да ги допрам ѕвездите,

Со помош на ПРЛИЧЕВАТА љубов, успеав да ги сакам сите,

Со помош на ПРЛИЧЕВАТА сила, успеав да ги победам и непобедливите во ноќта.

И благодарение на НЕГОВИТЕ несебична љубов кон НАС, успеавме да се сплотиме сите….

Денес Прличев не е тука,

но во мугрите го чувствувам неговото чекорење во многу сонливи утра.

Тој е моја вечна мотивација, се надевам и Ваша идна инспирација.

Дамјан Наумоски VIII A  ОУ „Св. Климент Охридски“ Охрид

Братот и сестрата Марија и Дамјан се најдоа на листата на наградените

 

НАГРАДЕНИ ВО КАТЕГОРИЈАТА НА СРЕДНОШКОЛЦИ СЕ:

 

I Награда- Елена Шаптеска 

За Прличев и Охрид каков што тој го сакал

За Григора…

 

Во нашиот Ерусалим,

во нашиот Охрид

имаше еден човек

човек кој ќе биде запамтен до век.

 

Прличев беше тоа…

Во поетска лулка залулан

со перото в рака задуман.

Неговите раце оставаат траги

за секој негов ученик посебно драг.

 

Прличев беше тоа…

,, Сердарот” е негово име

,, Скендербег” негово презиме

Хомер негов водител

Миладинов негов учител.

 

Прличев беше тоа…

,, Илјада и седимстотин шесдесет и второ лето”

нека се зборува за него,

нека се зборува за Прличев,

нека се зборува за Охрид,

за Охрид каков што тој го сакал.

 

Прличев беше тоа..

Како што неговиот дедо го носеше на грб,

како што и босите нозе не го натераа да се откаже,

така ние да го носиме во нашите срца

да бидеме негова гордост

и дел од неговата поетска плодност.

 

Прличев беше тоа …

Ловоров венец го красеше

на неговата глава зрачеше.

Да бидеме негови листови,

листови на тој венец,

да го зацврстиме со нашите творби,

да се потсетиме на неговите зборови,

да го возвишиме во нашите дела.

 

Прличев беше тоа…

Да говориме за нашиот патрон

да пишуваме за Григора,

да пишуваме за Охрида,

да кроиме негова иднина.

 

Прличев беше тоа…

  Елена Шаптеска ОСУ ,, Св. Климент Охридски “-Охрид IV-1 клас

 

II Награда – Матеа Стоев

,,За Прличев и Охрид каков што тој го сакал “

Два уникуми , две реткости

за кои со векови зборови  се редат

за убавината , за големината нивна

заради кои одново да се споменат вредат !

 

Охрид , град тврдина во прегратки езеро свило

зрак сонце , крик на галеб и прекрасно небесно синило.

Секој кого  Бог на ова парче земја го донел

во срцето свое засекогаш со себе овој рај го понел.

 

По калдрмени сокаци и денес чудесност некоја се слуша

чиниш од секој камен нивен извира охридската душа.

Низ нив и Прличев е втакен , со ,,Сердарот ” кој ловор му носи

дело со чија единственост на времето и ден денес му пркоси  .

 

Сведоштво во траги пишани Прличев со ,,Сердарот “ остави

култ вековен , неизбришлив тој  со него постави.

Па еве и денес името на охридскиот Хомер се слави

човекот кој родот и градот свој преку словото ги прослави !

 

                                                      Матеа Стоев IA

                                                                                ,,Јахја Кемал ,, – Струга

 

 

III Награда – Марија Наумоска 

За Прличев и Охрид каков што тој го сакал

Мојата љубов, наречена пролет, се раѓа во истиот момент кога се раѓа и денот, кој  не буди од ноќта. Стојам сама, така осамена, на почетокот од еден убав сон.

Го следам времето, ја читам мислата и повторно застанувам….

Погледот повторно ми се в пери во ПРЛИЧЕВ и само ПРЛИЧЕВ….

без страв од неговата лика, се појави чиста СЕРДАРКА СЛИКА.

Го следам времето, ја читам мислата и повторно застанувам….

Да, тој е зеницата во моите очи, ден во најдлабоката ноќ.

Јас  им се радувам на моите предци,

се смеам додека тие се смеат,

плачам додека тие плачат,

се радувам додека тие се радуваат,

тагувам додека тие тагуваат.

Ти посакувам и твојата љубов кон древниот Охрид, да биде исто како и мојата.

Ти посакувам и твојата љубов кон Прличев, да биде исто како и мојата. И неговата вистинска моќ, моќ како од сон,  да се в гнезди во твојо дом.

Овенчан со „Ловоров венец“од неговата рака, за денес никој да нема никаква мака.

Го следам времето, ја читам мислата и повторно застанувам…. Твојата љубов кон мојот град, да биде како и љубовта од Прличев и  да трае вечно ,

да заборавиш на она што ти создава мака,

да знаеш дека некој вистински те сака.

Го следам времето, ја читам мислата и повторно застанувам….

Ја газам калдрмата, го минувам патот заедно со мојот најдобар пријател и вистински водач. А тој ме води како бестрашен херој и како мој учител дури и повеќе од тоа.

Да тој е најдобриот, за кого сум чула во мојот живот.

Тој е мојата ѕвезда водилка, личност што никогаш не сум ја видела, а вистински ја познавам, тој може да го замени местото на секој, но неговото место никој не може да го замени, кој вистински ме плени. Стојам сама, така осамена, на почетокот од еден убав сон.

Го следам времето, ја читам мислата и повторно застанувам….

Име и презиме: Марија Наумоска II-7 клас СОУ„Св.Климент Охридски“-Охрид

На сите наградени им честитаме  а на останатите учесници на Конкурсот повеќе среќа и убави инспирации во иднина.

НУ Библиотека