Светската критика за делото на Конески 100 год. од раѓањето на великанот од Небрегово

Светската критика за делото на Конески 100 год. од раѓањето на великанот од Небрегово

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 24 Feb 2021

24 февруари, 2021 г.

Во издание на „Матица македонска“ од Скопје, излезе од печат книгата „Светската критика за делото на Конески – 100 години од раѓањето на великанот од Небрегово“, во која се презентирани триесет текстови од истакнати писатели, критичари и научници од Велика Британија, Германија, Франција, Унгарија, Грција, Шпанија, Италија, Турција, Русија, Полска, Чешка, Данска, Романија, Србија, Црна Гора, Словенија и др. кои во суперлативи пишуваат за творештвото на Блаже Конески, одредувајќи му достојно место во светската литературна галаксија.

Англичаните Ана Пенингтон и Андрју Харви забележуваат дека Конески, како писател на македонски јазик, има привилегија да наследи богата фолклорна традиција, и тоа со толкава непосредност каква што тешко може да постигне некој писател од Запад, Манфред Јенихен во поезијата на Блаже Конески го потенцира финото чувство на национално достоинство, а пак Јон Милош неговото орфејско чувство за поезија, додека Цилина Јуда вели дека без да се запознае творештвото на Конески не може да се има претстава за современиот научен, културен или општествен пејзаж на Македонија, а Владимир Кржиж најзначајната стихозбирка на Конески „Везилка“ ја става во редот на светските книжевни дела. Од своја страна, Дагларџа, добитникот на „Златниот венец“ во 1974 година, восхитено пишува дека преку стиховите на Конески преведени на турски јазик имал среќа да го доживее прекрасното македонско поднебје… Еден друг добитник на „Златниот венец“, Шпанецот Хусто Хорхе Падрон констатира дека Конески навлегува во сферата на мисловноста и интимноста, евоцирајќи ги подеднакво модерното и историското и поврзувајќи го митското со секојдневното, со јазик на течна транспарентност, а во исто време тврд како дијамант. Унгарецот Золтан Чука, голем познавач на литературите на јужнословенските народи, ќе напише дека лириката на Конески е редок пример во светската поезија каде што личната несреќа толку спонтано, уверливо и трагично се идентификува со општата национална несреќа, а познатиот грчки писател Костас Валетас ќе го квалификува како „патријарх на македонското писмо“.

Изданието го приредија Раде Силјан и Паскал Гилевски, а автор на портретот на Конески е академскиот сликар Павле Кузмановски.