„Гирланда“ прва стихозбирка на Стефан Костоски

„Гирланда“ прва стихозбирка на Стефан Костоски

Posted by Milco Jovanoski in Околу нас 27 Oct 2020

27 октомври, 2020 г. 

Во издание на „Современост“ од Скопје деновиве од печат излезе прваста стихозбирка од Стефан Костоски од Охрид под наслов „Гирланда“.

Книгата содржи триесеттина песни и како што ќе напише авторот: -Поезијата  е не само мозаик од неброени поетски слики, туку древна светлост со која сонцето в час што трага по нежни допири си ги испишува мечтите  раздавајќи ја радоста како леб …

Што е гирланда? – Сплетена низа (од цвеќиња, лисја, цветови од хартија, украси) што служи за украсување.

Познатиот поет  Славе Ѓорѓо Димоски во рецензијата за првата стихозбирка на Костоски ќе напише: – Движејќи се низ метафоричкиот густеж на песните постојано сме заплискувани од лирската енергија на спротивставените сили на светлините и светоста , од една страна , и на темнината и мртвилата – од друга. Поетот суптилно не ’ предупредува  да не се самозаборавиме себеси и да не го само пренабрегнеме  своето. Силата на овој лирски говор  остава трајни впечатоци кај љубопитниот читател, вели Ѓорѓо Димоски, препорачувајќи ја стихозбирката  одобрена како проект од национален интерес на Министерството за култура за годинава.

Стефан Костоски е роден на 12 јуни 1991 во Охрид. Завршил основно и средно стручно економско училиште во Охрид, а дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за општа и компаративна книжевност .

Досега поезија и литературни есеи објавувал во периодични списанија.

Тој е еден од десетте финалисти на меѓународниот поетски фестивал „Слово 21“ во Гостивар.

„Гирланда“ неговата прва поетска книга може да ја побарате и во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид .

НУ Библиотека – Охрид