Излезе од печат новата книга на Академик Миќуновиќ „Максима“

Излезе од печат новата книга на Академик Миќуновиќ „Максима“

Posted by Milco Jovanoski in Актуелно 01 Oct 2020

1 октомври, 2020 г. 

Во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид излезе од печат 108  книга на академик Миле Миќуновиќ под наслов „Максима“. 

Авторот – проф. д-р Миќуновиќ објаснува зошто сега и зошто Максима?

-Максима е кратка искажана мисла како принцип што се следи во животот. Колку ќе се цениме себеси, колку со внимание ќе се однесуваме спрема нашите македонски посебности, спрема сопствениот јазик и писмо, толку ќе нé ценат другите од кои го очекуваме тоа. Македонскиот јазик и македонското писмо се светост за сите граѓани на Македонија. Нивното непочитување е антимакедонизам однатре.

По македонскиот јазик нé препознаваат, со него се легитимираме пред другите. Според јазикот ни ја одредуваат татковината. Македонскиот јазик е со свои специфичности: кирилиско писмо и фонетска азбука. Тој е еден од најстарите и најтешките јазици во светот. А ние и само ние во Македонија ја имаме привилегијата да го зборуваме и да го пишуваме. Тука со задоволство и со восхит би го спомнал и сé поголемиот број македонисти во светот кои се воодушевени и со голема љубов го изучуваат македонскиот јазик.

micun copy

Авторот – д-р Миќуновиќ 

Секој ден го користиме јазикот, зборуваме или пишуваме. Но, за јазикот многу ретко размислуваме. Користиме некои зборови и изрази и добро знаеме што тие значат. Не ни паѓало на памет да се запрашаме зошто токму така се вели или како тие зборови и изрази се создале.

Воспоставените изрази кои по правило имаат преносно значење во науката за јазикот се викаат фразеологизми или фрази.

Има многу воспоставени изрази чие значење и потекло само од себе сé кажува, што се совршено јасни. За потеклото на таквите изрази нема потреба да се пишува.

Меѓутоа, има фрази чие потекло може да се објасни и разбери, само ако се знаат околностите во кои се создадени. Зошто, тие имаат свои корени во грчката и римската митологија, или во Библијата, или во народните преданија, верувања, или во литературата, историјата, техниката, спортот, во малку познати животни ситуации итн.

На следните страници ќе го објасниме потеклото и значењето токму на таквите изрази, вели авторот Академик Миле Миќуновиќ.

НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид